Submitted by Новица on
Tags:
Дали хипстерот е дистанциран од политичкото во Македонија. Обид за дебата.
До сега во неколку наврати на блог сум потсетил на филмот „Јасна и присутна опасност“ за да направам поента дека припишаната припадност кон некоја политичка партија не мора да биде пресудно лоша за некоја активистичка активност:
Има што да се учи од холивудските филмови: Во „Јасна и присутна опасност“, Џек Рајан го советува американскиот претседател да не негира дека бил пријател со убиениот соработник на картелот во Колумбија. „Кога новинарите ќе прашаат дали сте биле пријатели“, вели Рајан, „речете им: не, бевме добри пријатели. Така ќе нема што да прашуваат“.
Овој пример сум го користел за фокусирање на дебата во врска со активностите на „Слободен индекс“, движењето против полициската бруталност и можеби и некои други работи. И сѐ уште ми се чини како убедлив аргумент. Во врска со последното на пример, кога ќе ви речат дека на пример ве поддржуваа таа и таа партија, можете да речете — да нѐ поддржуваат сите. Затоа што сите партии се против полициска бруталност.
Но, скоро се потсетив на книгата „Светото и профаното: Истражување на хипстерите“од Џејк Кинзи за која пред една година за Bookbox пишував краток осврт. Наеднаш помислив дека „аргументот на Рајан“ сепак можеби претставува превисока апстракција, т.е. дека тој модел со многу тешкотии може да се применува. Пасусот на кој што се присетив е:
Од боемите и дадаистите и авангардата од Европа, преку битниците и хипиците од Америка, па панкерите и хип-хоперите, авторот ја дискутира секоја контра-култура од нејзиното раѓање до нејзиното преминување во мејнстрим или пропаѓање. Во центарот на овие случувања е капитализмот и неговата способност да се адаптира и да се шири. Комодификацијата на културата и уметноста е најдобар пример за овие негови способности. Во една реченица „капитализмот го конзумира бунтот и плука конформизам заедно со профит, како тоа да е најпростата работа на светот“
Последната реченица ме натера да размислам што се случува во опкружување во кое капитализмот, оној домашниот, нема способност за ваква комодификација? Во Македонија нема технолошка или конфекциска компанија што може да го ожнее револтот и да направи профит од неговата подоцнежна продажба. Но, во Македонија има политички партии.
Сега „Аргументот на Рајан“ го прошируваме со „аргументот на Кинзи“. Заедно гласат:
Додека партиите го конзумираат бунтот и плукаат конформизам заедно со гласови. Бунтот може да се заштити од нив преку прифаќање на нивната сеопфатност, но притоа останувајќи фокусиран на својата активност.
Иако ова може да звучи како (некаква?) корисна дефиниција, сепак јасно е дека нејзино применување е премногу сложена или тешка работа. Да се вратиме кратко на Кинзи. Неговата поента е дека хипстерите се свесни за тоа дека капитализмот е таков успешен комодификатор. Нивната доминантна карактеристика, нивната автентичност, лесно може да биде комодифицирана. Затоа тие сакаат да го избегнат тоа. Иронијата и дистанцирањето се методите со кои тоа тие го постигнуваат.
Што значи тоа во домашни услови? Дали дистанцирањето и иронијата функционираат? Дали „ние не сме хипстери“ во САД има исто значење „ние не сме политички ангажирани“ (или слоганот од протестите против полициска бруталност „ние не сме партија“) во Македонија? Просто, дали хипстерите во Македонија се плашат да бидат политизирани, како што хипстерите во САД се плашат да бидат комодифицирани?
Не можам да набројам кои сѐ активности во земјава се повикале на „не-политичкото“, но ми се чини дека нивниот број е голем. Да се остане по страна. Кинзи вели дека хипстерската контра-култура е циничен обид да се донесе нешто ново и е неуспешен. Во контекст на окупацијата од страна на политичките партии со „Прво како трагедија, а потоа како фарса“ може да се гледа на „прво СКМ, а потоа СДСМ-ДПМНЕ“. Не верувам дека и кај нас дистанцирањето и иронијата може да донесе нешто ново. Подобро да почнеме да бараме други решенија. Можеби, посилно инсистирање на аргументот на Рајан, а помалку страв од аргументот на Кинзи. Можеби нешто друго. Во секој случај инсистирањето на тоа дека „не сме политички“ веројатно не води никаде.