Submitted by Новица on
Tags:
Една од највидливите последици на законот што забрани пушњето во затворените јавни простори е големата инвестиција што кафулињата ја прават за да можат на своите гости да им овозможат колку-толку затоплено угостителско искуство на нивните летни тераси.
Сега, ваквото „овозможување“ бара инвестиција во греалки и ќебиња како фиксен трошок и зголемена потрошувачка на електрична енергија во зависност од зачестеноста на посетите на гостите. Сето ова несомнено ги зголемува трошоците на кафулињата. Под претпоставка дека бројот на гости не се разликува значително лете и зиме [туку само нивната распределба по маси надвор и внатре], а и ако го земеме барем за малку вистинито тврдењето на угостителите дека бројот на гостите, а со тоа и прометот, е опаднат од донесувањето на законот, тогаш останува нејасно како цената на кафето е непроменета во исти кафулиња веќе подолг временски период.
Да сумираме: поради законот овие бизниси имаат растечки трошоци и [според нивно кажување] намален промет, а тука се и општо влошените услови кои ја погаѓаат сета економија: пораст на цени на струја, парно, суровини итн. Сепак, цените по кои тие продаваат се (воглавно) непроменети.
Единствениот заклучок што јас можам да го извлечам од ова е дека дури и со вакви отежнати услови за работа, разликите помеѓу приходите и расходите се доволно големи за бизнисите да остваруваат профит што ќе ги задоволува апетитите на нивните сопственици. Мојот примерок за анализава навистина е мал, но и покрај тоа мислам дека се отвараат интересни точки за размислување:
1. Ако профитите се доволни сега, тогаш сосема логично биле повеќе од доволни пред да се влошат околностите за работа.
2. Ако профитите се доволни со овие цени тогаш тоа значи дека цените за услугите биле [и можеби сѐ уште се] превисоки; значи дека на пазарот можеле да влезат уште бизниси за да го гризнат тој дел од колачот, но ако тоа не го сториле тогаш треба да се запрашаме дали постоечките бизниси создале бариери за влез што би требало да крене веѓи во некои рагулаторни тела.
3. Од друга страна, ако со покачувањето на цените бизнисите повеќе не остваруваат она што економистите го нарекуваат „екстра профит“, т.е. тој дел од колачот што е интереесен за другите потенцијални бизниси исчезнал, тогаш тоа значи дека сега пазарот станал „поефикасен“.
4. Ако структурата на гостите (пушачи / непушачи) е горе-долу иста со таа од пред донесувањето на законот, тогаш тоа значи дека дека се случува прераспределба од угостителските бизниси кон оние што продаваат грејни тела, при што оние што не пушат плаќаат за оние што пушат: во алтернативен свет цената за кафето би била различна ако овозможувањето на конзумирањето има разлини трошоци; се разбира не е можно кафето на летната тераса во зима да биде поскапо од тоа што го служат внатре.
5. Ако претпоставките за профитите се точни, тогаш тоа може да објасни зошто поефтините места не вложуваат (толку многу) во надворешно греење, исто така претпоставката за профитите може да ги натера сопствениците да се коцкаат на зависноста на пушачите, кои со дадени други предности на кафулето што го посетелие, не би имале против да испушат цигара на ладно.
Ако сето ова личи на многу ако, тогаш ете шанса за истражување, посебно ако сте во последната година студии на економскиот факултет.
1 Comment
информацијата за цената на
Submitted by gragjanin (not verified) on
информацијата за цената на кафето не ти е точна. Цената секаде е покачена за 10 до 20 денари, барем за макијатото кое јас го пијам