June 2012

Јавниот превоз и редистрибуцијата

Tags: 

Со дозволувањето пензионираните граѓани бесплатно да ги користат услугите на ЈСП Скопје во вторник и петок, градските власти создадоа индиректни субвенции за приватните автобуски превозници.

Пред оваа интервенција патниците го бирале автобусот по одредени критериуми. Сега тие критериуми се променети. Имено, патниците треба да го засметуваат и дополнителниот број на патници што исклучиво го користат превозот од ЈСП.

Поради ова некои од оние патници кои плаќаат можат да се одлучат да се возат со приватните превозници, и со тоа ним да им го зголемат приходот. Под претпоставка дека ова не би се случило инаку, со интервенцијата на градот всушност се случила двојна редистрибуција: прво од градската каса кон ЈСП и второ од граѓаните кои плаќаат за превоз кон приватните превозници.

Уште две (кратки) поенти за градот

Tags: 

1. Градот е избор

Градовите, како што вели Вилијам Гибсон во повеќе пати цитираниот текст од Scientific American, даваат повеќе избор од малите места, и постојано, со зголемување на бројот на рандомизации на можните човечки и културни контакти. Градовите, вели тој, беа огромни, повеќеслојни мотори на избор, олуѓени воглавно со странци.

Помислете на ова секој пат кога на ѕид еден до друг ќе видите два постера: еден што најавува концерт на прославена српска турбо-фолк ѕвезда и друг што најавува концерт на култен бенд од Англија.

Исто така помислете на ова кога темата е Скопје 2014. И покрај своите (очигледни?) проблематични точки (корупција, губење на заедничкото, идеолошка поставеност), и вкусовите на страна, проектот, штом ќе заврши, ќе го остави градот воглавно со повеќе опции од порано.

2. Градот е трпение

Ако градовите се олуѓени со странци, тогаш секој мора да има трпение кон сите други различни и други луѓе што ги среќава. Некои одат бавно, некои брзо. Ако сте на село, тогаш можете да скокнете преку други патеки и патчиња да стигнете побрзо некаде, ако сте во град тогаш мора да чекате во ред, на улица, во супермаркет.... секаде.

Помислете на ова секој пат кога раката ви оди кон сирената на автомобилот со брзина на револвераш од дивиот запад.

Исто така помислете на ова, кога темата се дијалектите што ги слушате на улица, гужвата што ја доживувате во вторник и петок во автобус и слично.

Приватизација на јавното

Tags: 

Што е заедничко за маалскиот фудбалски дриблер, активистот на Прва архи бригада и корисникот на интернет загрижен за приватноста, анонимноста и законите како ACTA?

Сите се плашат од загубата на јавните простори.

Маалските фудбалски терени ги има сѐ помалку. Училишните пак се даваат под концесии. Најчесто, за да се игра фудбал денес треба да се плати од 1000 до 1500 денари за термин. Но, не е само дека фудбалерите имаат потешкотии да се забавуваат. На слободните терени, кога искусните тимови гледаа европско, порано можеше помладите да играат фудбал, сервис, тенис, школка, ластик...

Кога пред три години ПАБ на протест сакаше да укаже на губењето на малку поинаков, но неспорно, подеднакво јавен простор, тоа не наиде на пошироко разбирање. Бројот на нешта што може да се прават на сега поинаку организираниот плоштад е помал од порано, и некои групи на граѓани сигурно се исклучени од тој ресурс. Уште многу други места во Скопје (а можеби и во други градови во Македонија) од јавни преминаа во приватни.

Токму оваа метафора на преминувањето на физичкиот простор од јавен во приватен ја корисат и Апелбаум и Клајнер на Република 2012 кога зборуваат за монополите на друштвените мрежи:

„Кога зборуваме за права, зборуваме за права во јавниот парк. Но нашиот друштвен простор веќе не е јавниот парк, туку е трговскиот центар каде службата за обезбедување има апсолутна и тотална моќ“.

Како и нашите паркови кои се полнат со трговски центри (и други контролирани институции), така и слободниот и отворен интернет се полни со места каде не сме корисници, туку сме производи. Гибсон нѐ потсети дека интернет е мета-град. Тешко е да се замисли град без јавни простори.

И кога е јасно дека сите три групи на граѓани во основа водат иста битка, можат ли да соработуваат овие три? Не знам дали може да го одговорам ова прашање, но може да потсетам следниот пат кога ќе се собираме за некоја кауза од јавен интерес во физичкиот свет, тоа да не го правиме на приватниот имот на корпорациите од мета-градот.