September 2011

Муабети од НСНД: Биткоин

Tags: 

Имавме мала презентација (повеќе разговор) за bitcoin на НСНД во Струмица, па да прибележам некои работи што може да се најдат за во иднина.

Bitcoin е проект, [слободен] софтвер, валута и можеби уште нешто. Но, со оглед на тоа дека сум со економски бекраунд, ќе се задржам на некои работи за bitcoin како валута и некои идеи околу тоа. Навистина не го знам (но не се ни обидов да разберам) што е математичкиот модел зад bitcoin. Труд за ова од првиот автор е достапен на http://www.bitcoin.org/bitcoin.pdf.

Рамката за дискутирање околу bitcoin што мене ме интересира е онаа заокружена со какво е влијанието на технологијата, но технологијата како од аспект на општеството, над bitcoin и какво е влијанието на идеологијата.

Технологија

Не толку интересниот дел, затоа што често и многу сум пишувал за слободен софтвер, но да (клиентот за) bitcoin е слободен софтвер. Работи на Win/Mac/Linux, кодот е достапен, можете да видите како работи, што прави итн. Во оваа смисла е интересен не толку многу затоа што е слободен софтвер, туку повеќе поради тоа што е уште еден пример во долгата линија на (условно речено) револуционерни технологии кои следат определена пракса на работа и комуникација со јавноста, со заедницата. Тоа што истовремено е peer-to-peer го става на исто рамниште со bittorrent (и мислам дека баш и не е потребно посебно објаснување за важноста на bittorrent за ширењето на знаење или споделувањето на култура).

Некои (пр. L019: Bitcoin P2P Currency: The Most Dangerous Project We've Ever Seen) сакаат да ги опишат луѓето што стојат зад ваквиот вид на проекти како technological libertarians (We made this term up to describe the “good people” of the internet who believe in the fundamental rights of individuals to be free, have free speech, fight hypocrisy and stand behind logic, technology and science over religion, political structure and tradition. These are the people who build and support things like Wikileaks, Anonymous, Linux and Wikipedia.) Мислам дека не се согласувам со ваквото групирање, но нејсе, тука ја допираме идеологијата.

Идеологија

Пуштен во јавноста во 2009, bitcoin е проект што ја фаќа светската финансиска криза во чекор. Јавноста, или барем значаен дел од неа, е воглавно згрозена од улогата на банките и други финансиски институции, нивната корумпираност, неморалност, трка по профит на грбот на граѓаните и државните буџети итн. Дали bitcoin намерно е дизајниран поради ова, т.е. за да ги избегнува токму сите овие институции при функционирањето или пак зад тоа некоја поелаборирана иделогија не ми е познато. Како и да е, bitcoin значително се разликува од сите други валути што постојат денес во светот:
1. Нема централен авторитет (банка) што се грижи за тоа колку пари има во оптек или било што друго.
2. Има ограничен број на coin-и (21 милион); 1 coin додуше е делив прилично (повеќе од стотинки мислам).
3. Трансакциите се одвиваат човек-на-човек (значи нема посредници). Слично како размена на кеш помеѓу луѓе.
4. Нема посредници - нема трансакциски трошоци.

Врски
https://en.bitcoin.it/wiki/FAQ
http://krugman.blogs.nytimes.com/2011/09/07/golden-cyberfetters/
https://www.readwriteweb.com/hack/2010/12/interview-bitcoin.php
https://www.technologyreview.com/computing/38392/

Од фиоката: Идеологијата и градот

Tags: 

(tl;dr Ако правиш либерал-демократска држава по кројот на последната мода од ЕУ, зошто да не правиш и она што мислиш дека треба за таков град? Што ако либерал-демократското наследство доаѓа периодот што го гледаш како ропство? Дали можеш од него да ја извлечеш само архитектурата и што ако таа веќе не се вклопува во рамката за нормализација?)

Во својот текст „Деца на посткомунизмот“ Борис Буден зборува за однапред одредената транзиција и губењето на сеќавањето за комунистичкото минато кај земјите од поранешниот источен блок. Кога го читате текстот се чини како тој да зборува за земјите како Полска, Чешка и Словачка кои мирно и демократски го сменија системот во кој живееја до 1990 г. Патронизирањето на наднационалните институции како ЕУ за тоа што е демократија над овие држави се чини апсурдно, бидејќи нивните граѓани точно покажаа во тие времиња дека знаат што е тоа. Сепак, заборавањето на тоа и прифаќањето на транзицијата кон либерален-капитализам како единствено нешто кон кое една држава / општество може да се стреми е дел од европската нормализација. Исто така, ваквата одреденост кон некоја цел не е непозната за држави од овој блок, бидејќи и пред 1990 тие знаеја дека целта однапред се знае – комунизам.

Велам се чини дека тој зборува за овие источноевропски земји затоа што не знам до која мера истата анализа може да се примени на Македонија. Секако, Македонија најмирно ја напушти СФРЈ. Можеби и најдемократски. Но, дури и ова да не е така, Македонија сепак е дел од наративот за транзиција и нормализација кон вредностите на Европа: демократија, човекови права, слободен пазар итн. Нема да навлегуваме во тоа дали ова е добро или лошо. Само ќе го нотираме отсуството на избор. Или како што вели Буден: „[порано] политичката наука секогаш ја разгледуваше промената на режим откако ќе се случи. Се трудеше да извлече историски лекции екс-пост. Не беше заинтересирана за иднината, бидејќи исходот од ваков тип на транзиција, повеќе или помалку, беше отворен. Тој не завршуваше нужно во демократија.“

Ако нашата иднина е предодредена за либерална-демократија, тогаш кое е либерал-демократско наследство на Македонија, ако воопшто го има?
За ова се вртиме кон Дејан Јовиќ и неговата „Југославија: државата која одумре“. Јовиќ вели дека првата (или уставно гледано, првите две) Југославија – таа од пред II СВ е проект за градење на нација: „Југословенската нација не постоеше, но аргументот беше дека Србите, Хрватите и Словенците беа на пат да станат една нација на сличен начин на кој Италјанците во Италија го направија тоа.“ Ова е важно затоа што таа Југославија е либерал-демократска држава (до степенот до кој таа може да се смета за таква во (духот на) времето кога е формирана – види либерален цајтгајст во светот пред II СВ преку идеите на Вудроу Вилсон, Лигата на народите итн.)

Во тоа време територијата на денешна Р. Македонија е дел од (условно речено) српскиот влог во новата држава. Како што градењето на Југословенската нација започнува, архитектурата си ја зема својата (вообичаена?) улога. Токарев вели дека: „на конкурсот за градскиот центар [во Скопје] отворен во 1930, беше одбрано решение што одговараше на вкусот на тогашната влада“. „Тогашната влада“ е владата на (каква-таква) либерал-демократска Југославија. А објектите кои се градат во тој период се денешните симболи на старо-ново-2014 Скопје: банката, театарот итн. Се чини дека „градењето на нацијата“ во секое доба се случува со градењето на исти објекти. Но, тоа што е интересно за Македонија е дека овие објекти често се поврзуваат и со колонијалното владение на Србија.

Да споиме сѐ заедно. Денес, Македонија во ист период има „градење на нацијата“, „транзицијата кон демократија“, „нормализација кон Европа“ и исполнување на предодредената либерал-демократска иднина. Што се однесува до Македонија (владата, мејнстримот, како и да е) сите овие одат заедно. Бришење на отоманското минато, правењето градот да изгледа како другите европски градови е нормализирање на градот, исто како што приватизацијата, бришењето на работнички права типични за социјалистички држави е нормализирање на економијата, а Охридскиот договор, граѓанските права и мирните изборите нормализирање на демократијата итн.

Сепак, (немаше да го пишувам ова ако на крај нема „сепак“) „нормализаторите“ не мислат исто. На пример, последниот извештај на Европската комисија вели дека новиот урбан план за Скопје 2014 се чини како да создава поделби помеѓу во интер-етничките односи. Прашањата за правата на етничките заедници и стабилни односи помеѓу нив (Орхидски договор) секако се дел од нормализацијата, исто како што се добрососедските односи и регионалната соработка (ова секако се однесува на Грција).

Можеби нормализацијата кон либерал демократска Европа е преодредена, но можеби, исто така, може да биде одложувана. Среќен 8ми септември, по втор пат.

***

Фиоката е празна.

Имам уште 2-3 идеи кои за клучни зборови ги имаат „Македонија“ и/или „Скопје“, но колку и работите да изгледале појасни од било кога, истовремено никогаш не изгледале подалечни.

Што е тоа „Македонија“?

Tags: 

Иако сум без намера да звучам како disambiguation page на Википедија, сепак мислам дека треба да се запрашаме што е тоа на што денес му се слави така важен и сериозно сфатен роденден - 20 години независност.

Чинам логичниот одговор е - држава. Така се враќаме на Википедија:

Држава

Државата е сет на институции кои ја имаат моќта да ги создаваат правилата кои владеат со луѓето во едно или повеќе општества, имајќи притоа внатрешен и надворешен суверенитет врз дефинирана територија. Следејќи ја дефиницијата на Макс Вебер за поимот држава, таа како инстутуција држи монопол врз концептот на сила.

Значи, 20 години независни институции.

Знам дека ова не е многу јако објаснување за многумина, но корисно е за да се стават работите во перспектива. Имено, луѓето се нафаќаат да градат институции од различен тип за да решаваат некои свои проблеми.

Па пред да започне делириумското славје на оваа независност, вреди да се запрашаме како нашите институции ги решаваат нашите проблеми? И ако почнеме да набројуваме, тоа ќе звучи како расипана плоча ставена на повторување.

Па среќни 20 години на независни институции што не ги решаваат нашите проблеми.

Бесплатни индекси и студентски легитимации

Tags: 

Којзнае дали претставката што ја испраќавме (ping @igor_stama) имала некоја улога (види овде и овде), но УКИМ од оваа академска година не наплаќа за индески и студентски легитимации.

Патем, и малку оф-топик, јас одговор на претставката никогаш и не добив иако според Законот за постапување по претставки и предлози (Службен весник на РМ бр.82/08 од 8.07.2008 год.) треба да добијам одговор во рок од 30 дена:

Член 9
1) Органот кој постапува по претставките и предлозите е должен да му одговори на подносителот за основаноста и за резултатите од постапувањето во рок од 15 дена, а за сложени прашања во рок од 30 дена од приемот на претставката, односно предлогот.

Изгледа треба да го барам студенсткиот правобранител.