регулација

ACTA и јас

Tags: 

Се случува историја. Интернетот што го знаеме може повеќе да не постои.

Можеби само мене ми е сѐ потешко да пишувам за работи кои нѐ чекаат и за кои многу веројатно ќе немаме избор, кога толку многу други нешта во државава и општествово притискаат, но сѐ уште сакам да мислам дека е подобро нешто да се знае, отколку да се чека изненадување.

Па за оние кои не можат да најдат еден час да ги погледаат двете предавања на Мајкл Гајст за тоа што претставува ACTA (Anti-Counterfeiting Trade Agreement), еве на кратко:

  • Тоа е договор што се составува речиси целосно во тајност. Инициран е од САД и поддржан од повеќето развиени земји (уште една coalition of the willing). Се очекува да стапи во сила најдоцна до 2012.
  • Тоа не е договор што ќе се напише и потпише. Тој заговара формирање на комплетно нова институционална рамка (со тела како Секретаријат). Фактот што преговорите всушност се одвиваат надвор од денешната институционална рамка (ООН, СТО, СОИС) говори и за тоа дека иницијаторите го гледаат процесот на одлучување во тие институции како пречка за нивната агенда. Со ова од форум (ООН) се оди кон клуб (НАТО). Во ООН мора да постои консензус меѓу сите земји што се членки за да се донесе одлука, а се станува член во моментот кога земјата е признаена. Во НАТО член се станува откако ќе се исполнат условите што ги поставуваат другите земји-членки. Така веројатно ќе биде и со ACTA. Земјите што ќе сакаат да станат членки ќе мора да ги прифатат условите, иако не учествувале во нивното создавање.
  • Се мисли дека ова поместување е последното во серијата УНЕСКО -> СТО -> СОИС -> ACTA во областа на „интелектуалната сопственост“. Секоја претходна институција е заменувана под силен притисок од САД со наведување на бавноста на процесот како главна причина за нефункионалноста на дадената институција.
  • Иако е именуван како трговски договор, ACTA всушност е договор за „интелектуална сопственост“ и ќе вклучува сѐ од штампање ADIBAS на маици до софтвер и интернет. Познатиот 3-strike-law (кој во некои држави веќе е изгласан) е исто така дел од агендата. Со него, по третиот прекршок во врска со авторски права на интернет, на корисниците ќе им биде одземен пристапот до мрежата.
  • Само мал број организации во светот се активни во обзнанувањето и разобличувањето на ACTA. Во Европа тоа е мрежата на Пиратски партии, кои меѓу другото сметаат дека овој договор ќе ги нарушува основните граѓански права. Европската комисија пак, смета дека непотребно се шири паника и дека овој договор е уште еден business as usual.
  • Колку што ми е познато ниту еден медиум во Македонија не ја обработил темата за ACTA. Можеби едноставно ќе се разбудиме во ACTA-свет.
  • Тонот на песимизам во последната реченица е ехо на најголем број од луѓето кои на различен начин се занимаваат со ова прашање. Чувството на немоќ можеби најмногу е изразено кај активистите во Европа.

Титл на јазик што го разбирате, законот и влијанието врз културата

Tags: 

Тие што гледаат телевизија знаат, а јас начув од муабети дека на каналите на кабелска кои се на англиски јазик им се укинати титловите на српски, хрватски и бугарски јазик, по барање на Советот за радиодифузија, а поради одредбите од Законот кој се однесува на јазикот на кои се преведуваат програмите.

Почитувањето на Законот би требало да биде за поздрав, но ми се чини дека има еден интересен момент во целава работа.

Луѓето кои не разбираат англиски (а такви ги има многу) повеќе не можат да ги гледаат тие канали. Во таква ситуација се свртуваат кон она што го разбираат, а тоа се каналите на кои се зборува српски, хрватски и бугарски. Не сакам да ги кудам програмите на овие телевизии, но ми се чини дека секој ќе се сложи дека не можат да се носат со оние на Discovery, Travel или Fox (кој што од скоро го имало?).

Така применувањето на Законот има мал, дури можеби и незначаен ефект, во заштитата на македонскиот јазик (претпоставувам дека тоа му е целта). Луѓето си гледаат програми на кои се зборуваат истите јазици од кои е укинат титлот. Истовремено гледаат помалку квалитетна програма (со чесни исклучоци), што има негативно влијание на културата во нашето општество.

Ако се земе предвид значењето на телевизијата како медиум, тогаш сето ова излегува како лош есап.

П.С. Не знам каде се македонските телевизии во приказнава. :-)