tedxskopje

Нека има безброј TEDx-ови во Македонија

Tags: 

TEDxСкопје како платформа за квалитетен јавен говор и инклузивна дебата.

Еден цел ден по TEDxCity 2.0 што се одржа во Кинотеката на РМ и сѐ уште не сум прочитал никакви реакции на темата. Па еве јас ќе бидам прв(?!).

Навраќањето на стари идеи секогаш е згодно затоа што можеме да видиме дали тие сѐ уште звучат добро како првиот пат. Така и со TEDxСкопје. Во една реченица, барем за мене, единствениот начин како на TEDxСкопје да се гледа како на успех е тоа да се гледа најамбицизно — како платформа за квалитетен јавен говор и инклузивна дебата. Затоа што едноставно сѐ друго се детали што привремено го окупираат вниманието и на долг рок не се воопшто важни.

Кога велам детали мислам на тоа дали стримот бил добар или не, дали хотспотот штуцал или не, климатизацијата била тивка или не, и дали или поточно колку пати имало несреќни кликања на презентациите и слајдовите потрчале напред. Кога велам детали исто така мислам и на тоа какви биле темите. Сплетот на околности сакаше првиот TEDx во Скопје да има 4 говори поврзани со технологија и уште 2-3 кои што вклучуваа употреба на технологија. Но, луѓето што се бават со ИКТ вчера (веројатно?) беа разочарани. Темата, која што дојде спакувана со лиценцата од TED.com, беше за градот и архитектите доминираа во списокот со говорници. Просто, не мислам дека било што од ова е неуспех за домашното организирање на TEDx настани.

Имавме среќа, или можеби само околностите беа такви, што TED, а не некоја друга конференција го фати окото на јавноста и стекна доволна популарност овде. А TED доаѓа со определени правила на игра, формат за презентирање и начин на водење дебата. По мое мислење токму овие работи му недостасуваат на домашниот јавен простор, и тоа и како поединечни вештини и како групна пракса.

Оттука тоа што ни треба е TEDx настан секоја година или можеби и секои шест месеци. Темите не се важни, локацијата не е важна, квалитетот на интернет врската не е важен. Важно е луѓето што ќе презентираат да ги совладуваат вештините за презентирање на идеи пред јавност во (тој арбитрарно одреден, но ефективен како правило) TED формат: кратки и јасни говори, чисти слајдови, комуникација на идејата на едноставен начин. Важно е и луѓето што ќе слушаат — публиката — активно да учествува во таа размена на мислења. Да се чуе другиот, да се размисли за тоа и да се одговори — на тедовски начин— на начин што нема да биде конфронтирачки и ad-hominem. Тоа е тоа што ни недостасува овде, денес и веќе некое подолго време. И токму ова е најголемиот товар за организаторите на TEDx настаните. Тоа е и најголемиот предизвик за сите нас.

Но, ако има едно нешто што можам да го забележам како неуспех од 2010, тоа е несподелувањето на знаењето за што сѐ треба да се направи за да се организира една ваква конференција. Тоа е потфат кој одзема многу време и know-how-то може да биде корисно за секој што би сакал да организира TEDx настан. Моделот на Википедија, документација за слободен софтвер и слично е очигледниот пат по кој што треба да се оди. За среќа нема профитна компонента во лиценците за организирање на овие настани, па нема зошто да ги криеме овие информации. Напротив, прирачникот за организирање на TEDx настан треба да го направиме јавно добро — секој да може да го користи и ничие користење да не ја попречува достапноста за другите. Оваа идеја беше на масата кога го завршивме TEDxСкопје во 2010. Но, не успеавме да ја спроведеме. Останува да видиме дали по вториот настан ќе се поправиме.

Ова е висока цел која што никој не бара да си ја поставиме пред себе. Но, мислам дека единствениот начин TEDxСкопје да биде успешен е да биде амбициозен до крај. Се сеќавам дека во ‘90-тите, во добата на пиратското радио, популарен беше слоганот — нека расцутат илјадници антени. Мислам дека така треба да биде и сега — нека има безброј TEDx-ови во Македонија.