Магливата перспектива на либералните вредности

Tags: 

За спектарот на секуларни вредности и партискиот двобој

Кога за Дневник Влатко Ѓорчев изјавил:

Се надеваме на поддршка од што е можно повеќе партии затоа што бракот меѓу маж и жена е универзално прифатлива вредност во Македонија.

и

Последниот предлог не припаѓа во корпусот политички или етнички прашања, тоа е граѓанско прашање и е општоприфатена вредност.

Тој бил многу близу до македонската реалност. Во истражувањето спроведено од страна на МЦМС пред 3-4 години, јасно може да се видат овие прифатени вредности во однос на хомосексуалноста кај мнозинството граѓани. Без свежи податоци, би се обложил дека неодобрувањето е зголемено како резултат на постојаната непријателска кампања кон оваа група на граѓани.

90% од граѓаните на Македонија — што ќе рече од целиот политички спектар — мислат дека хомосексуалноста е неоправдана. Но, ова не е текст за застапување на страни, па нема да пишувам за тоа дали овие статистики се добри или лоши. Ќе се задржиме само на политичка стратегија и претставувањето на граѓаните.

Веќе знаеме кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Иницијативата е нивна. Има изјави од нивни високи претставници дека нивниот став за брак е единствено помеѓу маж и жена. Исто така го знаеме [стариот] став на СДСМ — дека се против истополови бракови. Од каде тогаш двоумење сега и зошто овој уставен амандман не би поминал?

ВМРО-ДПМНЕ нема што да изгуби од оваа иницијатива. Веќе предложија и јасно кажаа кои се нивните вредности. Ако добијат поддршка — победуваат. Ако не добијат — победуваат пак, бидејќи заслугите за иницијативата се нивни, а кон нив ќе ги додадат и обвинувањата за другите партии дека одат против традицијата на општеството и вредносниот систем за ситни политички поени. Или просто — ќе бидат жртви, а жртва секогаш носи поени.

ДУИ и ДПА исто така можат само да добијат. Ако измените одат во пакет со некои други измени — победа. Ако не, сигурни поплаки за мнозинската [македонска] хегемонија, што носи поени.

СДСМ од друга страна има што да изгуби. Ако ја поддржи иницијативата ќе оди во записник дека соработувала со ВМРО-ДПМНЕ што сигурно ќе предизвика незадоволство кај некои членови. Ако ја поддржи иницијативата исто така ќе го навлече на себе незадоволството на малата преостаната либерална јавност. Ако СДСМ не ја поддржи иницијатива, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе го истури својот PR против нив и што веројатно ќе влијае лошо на нивниот имиџ. Исто така, неподдржувањето може да предизвика незадоволство кај она членство што припаѓа во 90% што не одобруваат хомосексуалност во земјава. Затоа единствената безбедна статегија на СДСМ [што може да се види во истиот текст од Дневник] е одржување на статус-кво, т.е. избегнување на било какво [бар сега за сега] формално изјаснување во врска со прашањето.

Од СДСМ остануваат на ставот дека прашањето што го отвора власта за менување на Уставот, за дефинирање на бракот, бара поширока и подолга јавна и стручна дебата.

Тоа што СДСМ има проблем со утврдувањето на свои принципи и вредности не е ништо ново. Всушност, тоа е нивниот најголем проблем и веројатно ќе им треба уште долго време да го решат.

Кога гласањето за иницијативата би се одржало сега — без претходно договорен исход — веројатно сите четири водечки политички партии ќе постапат така што ќе максимизираат корист или минимизираат загуби: ВМРО-ДПМНЕ дека се последната одбрана на вистинските вредности и дека се саботирани, СДСМ едноставно нема да гласаат за да не влезат во преиспитување на своите ставови, ДУИ и ДПА дека не ги добиваат правата што ги бараат за Албанците.

Но, што станува со останатите 10% од граѓаните? Ваква поставеност на политичките партии го остава без преставници тој [мал] процент на граѓани кои ја одобруваат хомосексуалноста [и можеби другите секуларни вредности наведени во истражувањето на МЦМС].

Очигледниот одговор е политичко организирање околу [некои од] овие прашања. Но, и ова носи голем товар во претпоставката дека овие вредности кои можат да обединуваат ќе бидат посилни од оние кои веќе со години разединуваат.

Можеби партијата треба да се вика „Спроти ветрот“.