Економскиот пад и деградацијата на урбаното искуство

Tags: 

Како гледам на де-град-ацијата на Скопје и зошто сум тажен поради тоа

Во Е.Т. на Стивен Спилберг има една легендарна сцена кога децата возат со велосипеди низ соседството во обид да го спасат својот вонземски пријател.

Тоа е американско предградие. Најчестиот дом на модерното семејство составено од родители и деца. Тоа е сцена што ќе ја видиме во многу други филмови како што растевме пред екраните што пренесуваат американска продукција. Тоа е сликата на просперитетот на тој дел од светот.

Се сомневам дека некогаш сум помислил на ова додека како дете сум се возел со велосипед низ моето соседство имитирајќи ги децата од Е.Т во спасувачкиот обид. Хром. Сега, крофните, Џака и ЛД Пистолеро го ставаат на мапа, но отсекогаш беше тешко да се им се објасни на луѓе каде е воопшто тоа.

Бев сѐ уште во средно училиште кога една семејна пријателка се отсели во Белгија и на првото враќање на одмор овде раскажуваше за тоа како изгледа нејзината населба. Тоа е сликата на населба од Е.Т., сликата на населба од Хром во (можеби) 1980 г. Но, ми требаше долго време да го сфатам тоа, или повеќе пати да ја раскажам приказната за Хром, за да конечно сфатам зошто соседството повеќе не изгледа така — „европски“.

Кога луѓето ме прашуваат, секогаш почнувам со приказната така како што ја знам од тоа што некој и мене ми раскажал: Првично именувана како „Нова населба“ била започната да се гради пред земјотресот во Ѓорче Петров кое тогаш не било дел од Скопје. Всушност постарите жители на Хром сѐ уште велат дека одат „во Скопје“ кога помладите велат дека одат „во град“. Била првата планска населба. Исти куќи изградени наизменично на еднакви плацеви, паралелни улици поврзани меѓу себе. Во суштина Хром бил едно од првите (можеби и навистина првото?) предградие што се градело во повоена Македонија.

Навистина не ја знам точната историја и не знам ни дали може да се провери некаде. Но ако морам на погаѓам, не е тешко да се замисли дека потребата за вдомување на новата работна сила што била потребна на градовите се задоволувала со градење на планска населба. Повоена Македонија била земја што брзо се индустријализирала и модернизирала. Всушност, постојат голем број на референци (еве една) за тоа дека Југославија е голем проект за модернизација во овој дел од светот, веројатно во многу работи и неуспешен.

Клучното овде е што најголем дел од луѓето доаѓале во градот од село. Го менувале својот начин на живот од селото со тој од градот, или барем со тој од предградието. Мислам дека тоа е длабока промена. Веројатно во нашата култура немаме премногу референци за оваа промена. Можеби ако го гледате „Мирно лето“ ќе видите како себе си се доживувала раната граѓанска класа. Но имаме многу, премногу дури, референци од американската култура и денес токму во споредбата на нашето тукашно живеење со тоа презентирано американските филмови можеме да ја видиме разликата во градското искуство помеѓу два проекти за модернизација, од кои едниот е значително поуспешен.

Предградијата кои сме навикнати да ги гледаме се местата каде што живеат семејства (мајка-татко-дете, дефиницја и поопширно тука) кои работат во фабрики или канцеларии (во градот) и учат во училишта. Тоа е сосема поинаква слика до поширокото семејство кое што живее на село, кое типично вклучува повеќе генерации под ист кров, работа на поле и вклученост на децата во работната сила. Повторно погаѓам, но сигурен сум дека и во нашата можеби непребогата општествено-истражувачка традиција е документирана ваквата промена во годините на интензивна индустријализација и брз економски раст.

Економскиот пад на Југославија и подоцна падот и падни-стани успехот на Македонија слика сосема поинаква слика. Да се вратиме на Хром. Населбата добива сѐ повеќе селски лик и намена. Првите куќи кои од куќи за едно семејство преминаа во куќи за „пошироко“ семејство почнаа го добиваат својот облик во доцните 1980-ти години. Од тогаш до денес, во мојата улица останати се можеби 2 или 3 „оригинални“ куќи. На сите други парцели има големи зданија во кои заедно живеат и до три семејства. Ова се разбира не се случува само во Хром или само во населбите со куќи. За мене доволна е прошетка низ зградите во Карпош (тема што е обработена и од архитектонска гледна точка) за да се види како со доградбите се создаваат услови за под „ист кров“ да живее повеќе од едно семејство. Можеби сето тоа не е ни толку чудно ако се земе предвид дека голем број од оние кои го имале првото градско искуство доаѓајќи од село сѐ уште се живи и за нив моделот „еден кров“ е нешто на што се сеќаваат како решение за животните проблеми.

Така лизгањето на градските населби во помалку градски не е само прашање на архитектура. Прво, тоа е промена на урбаното искуство. Второ, тоа е одраз на економската моќ.

Се повеќе се сомневам дека носталгијата за „старо Скопје“ е носталгија за градбите срушени во земјотресот. Што ако носталгијата е за времето на напреден град и граѓани што се богатат и живеат убаво? Замислете ја сликата на град полн со млади луѓе кои имаат работа и заработуваат добро. Навечер излегуваат на корзо или во театар. Универзитетот се полни со нови луѓе кои деновите ги поминуваат во библиотеките, а ноќите во слушајќи рокенрол. Дома сите се сами, па дружењето во градот дава вистинско урбано искуство. Се чека ред за в кино? Можеби е тоа шанса да се запознаат нови луѓе.

Тоа Скопје е исчезното. Не поради земјотресот. Веројатно таква слика може да се наслика и за 1970-те. Тоа Скопје е исчезнато поради економскиот пад. Тоа е Скопје во кое живееме денес, кое и покрај симулацијата на „стариот театар“ од проектот Скопје 2014 не може да ја врати просперитетноста. Нашето Скопје е Скопје што го сакаме кога е празно. Можеби затоа што дома седиме со браќата, сестрите, родителите и дедовците и бабите, можеби и внуците. Го сакаме Скопје кога е празно затоа што тогаш конечно сме сами. Одиме надвор за да не се дружиме. По скопски — буљиме немо во пијачкта. Партизанска да беше ливада и по неа слободно да трчавме. Тоа е нашиот сон. Тоа е нашето инверзно урбано искуство.

Економскиот пад и враќањето назад на процесот на модернизација е втората катастрофална последица на изминатите 30 години. Токму денес се појави The Social Life of Small Urban Spaces каде воведната реченица е: „Начинот на кој луѓето користат некое место е огледало на очекувањата.“ Можеби очекуваш валкана улица и фрлаш искористена автобуска карта. Но, можеби очекуваш сиромаштија и ја ѕидаш терасата или правиш лепенка на бараката за да има место за сите.

Дали градењето или доградувањето е разумно од аспект на статиката или безбедноста на зградата не може да биде пресудно прашање кога се бара уште една топла постела. Реакциите на привелегираните, оние што можат да си дозволат да не ја преградат терасата или да го одржат тревникот наместо да му фрлат бетон за доградба, се исто така реакции на луѓе кои се навраќаат на село. Сликата од селото не е комплетна без богатиот феудалец што зад високите огради и порти ужива во луксуз, се потпира на оние што му работат на имотот и се жали на нивната мрзлива појава.

Се случи така во последниве неколку дена интензивно да бидам изложен на темата „град“. Се прави нов TEDxSkopje и темата е град. Зборував со пријатели за некои случувања во нашите животи и темата беше животот во Скопје. Пробував еднаш да објаснам и како се стигнува до Хром. Сѐ погоре е некаква синтеза на тие разговори.

По вакво размислување станувам тажен што моите улички повеќе не можат да се споредат со западно предградие. Не затоа што едно такво предградие е најдоброто место за живеење. Туку затоа што е индикатор за богатството на луѓето. А нашите соседи стануваат сѐ посиромашни секој ден. Не гледам никаков, дури ни имплицитен, можен позитивен ефект од ова. Хром веројатно е еден од поочигледните примери на неуспехот на модернизацијата и за економскиот пад, макар и гледано така тесно, во Скопје.

Се прашувам кои приказни ги имитираат децата што сега се возат по уличките.