November 2009

Бушава азбука

Tags: 

Случајно в раце ми падна копија од „Бушава азбука“, книга издадена во 1987 година, и се присетив дека како дете ја имам листано.

Првата реакција ми беше: ајде да ја ставиме на интернет. Ја нема во книжари, повеќето потпишани издавачки куќи веќе не постојат, а тоа е забавна книга за децата кои ја учат азбуката. Се обидов да го направам токму тоа.

За жал, скенерот со кој што располагам е мал, а книгата е во невообичаен формат, и при скенирање губам дел или од горниот или од долниот дел од содржината на страницата.

Ако некој има скенер за А3 формат што може да го понуди, може да остави коментар.

Сепак, PDF или слики не се баш најзгодниот медиум за презентирање на содржина на интернет. Па си помислив што ако го направиме ова во интернет стил: HTML, CSS, JavaScript? Првата идеја што ја имам е S5: лесно за управување низ содржините, без многу тракатанци наоколу. За почеток веројатно се потребни малку понапредни CSS вештини и, секако, цртачки вештини за сите илустрации.

Има некој?

Опортунитетниот трошок на Македонија

Tags: 

Според последните новинарски извештаи, се ближи денот Д за европската иднина на Македонија. Се вели дека исходот на тој ден целосно зависи од решението за проблемот со името.

Не знаеме колку што од ова е точно и каква сѐ политика е во игра, но за целите на овој текст ќе претпоставиме дека предлог е ставен на маса и дека Македонија може да прифати и одбие.

Значи, Македонија може да прифати промена на името и влез во ЕУ, или да одбие промена на името и да остане надвор од ЕУ. За Македонија посакуваната варијанта е да го задржи името и да влезе во ЕУ, но таков избор, како што велат, не е возможен.

Во економија, еден од основните концепти што се учи е „опортунитетен трошок“, а се однесува на два посакувани избори кои меѓусебно се исклучуваат. На студентите на предавање овој концепт, инаку обмислен од Џон Стујарт Мил, им се објаснува со изборот работа или студии (иако опцијата вонреден студент во Македонија малку го руши примерот). Младиот матурант е соочен со избор: може да студира или да работи. Ако работи, тогаш не може да студира, да се здобие со диплома и во иднина да најде подобра работа. Тоа е опортунитетниот трошок на работењето. Ако студира, тогаш не може да заработи пари. Опортунитетниот трошок се парите што можел да ги заработи.

Понекогаш, опциите кои се пред нас не можат да се изразат во пари, но сепак опортунитетниот трошок сѐ уште е присутен, иако можеби тој тешко се согледува. (Во економијата, постои разлика меѓу опортунитетниот трошок и сметководствениот трошок).

Назад на прашањето за Македонја и ЕУ. Ако Македонија го смени името (и влезе во ЕУ), тогаш опортунитетниот трошок ќе биде во она што може да се добие од неменување на името. Неменувањето на името пак, како опортунитетен трошок го има сето тоа што може да се добие со влегувањето во ЕУ.

Пресметајте.

Што ќе ти е блог, ако не се пофалиш на него #2

Tags: 

По текстот во Културен живот, малото истражување што го правевме јас и Марија Костовска за тоа дали работодавците се интересираат за интернет активностите на кандидатите за вработување, се најде, во скратена форма, и во ноемврискиот број на списанието за човечки ресурси HRGlobal.

Kudos за нас! :)

Бесплатно здравство

Tags: 

Ова е повеќе прашање, но да почнам од почеток.

Со последните измени сите лица кои порано не можеле да добијат сини картони, сега можат да добијат. Тоа е добра вест и мило ми е што социјалната држава почнува да функционира во таа смисла.

Сепак и ваквата реформа остава одредена група на граѓани надвор од здравството покриено со сини картони. Имено, ако работите во некоја компанија која поради некои причини не може да Ви исплати плата на време, тоа ќе значи дека нема да имате и сини картони. Вистина има компании кои намерно не ги исплаќаат платите (а со тоа и придонесите), но има и такви кои немаат избор (ако на пример се погодени од економската криза). Не изгледа фер работниците да страдаат поради дивеењето на работодавците или кризата, особено кога неработниците не страдаат поради нивната несреќа или мрза.

Не ги знам точните одредби на новиот закон но, од здравствена гледна точка, можеби е поисплатливо да не работите и да имате картони, отколку да работите (пријавено по сите закони) и да немате. Патем ако работите „на црно“ официјално немате работа, а може да си земете картони.

А што ако работите во некое од јавните претпријатија и не земате плата (и придонеси и картони)? Јавните претпријатија речиси и да не можат да бидат погодени од економската криза, или барем не негативно. На пример, ако кризата ја намалува заработувачката на граѓаните, некои од нив ќе почнат помалку да го возат својот автомобил, а повеќе да се возат со ЈСП, а тоа ќе значи повеќе приходи за ЈСП. Јавните претпријатија се во соптсвеност на државата, градовите или општините и за нивното раководење се одговорни министрите или градоначалниците. Нивните буџети воглавно се полнат со пари на граѓаните. Зошто некои такви претпријатија се во неможност да ги плаќаат платите на своите работници?

Во врска со платите и придонесите, во игра се исто така нови правила. На пример, има казни (можеби и камати) за оние кои нема навреме да ги уплатат средствата. Ми се чини дека рокот е до 15-ти во секој месец. Не знам до која мера се спроведуваат овие, но ако се спроведуваат, а во прашање е државно јавно претпријатие, тогаш во крајна линија испаѓа дека државата сама на себе треба да си плаќа казни, ако менаџерскиот тим кој таа го поставила не успее да исплати плати на време, со пари кои пак треба да дојдат од државата (всушност од граѓаните). Замрсено.

Ова не е само некоја ментална гимнастика. Во Македонија постојат јавни претпријатија во кои илјадници луѓе немаат со месеци земено плата. Штета што не мислеле и на нив кога го носеле новиот закон за здравство за сите.

Потсетување

Tags: 

Сметам дека е моја граѓанска должност да ги потсетам републичките и градско-општинските надлежни дека дојде ноември и дека на некои места веќе паѓаше снег, за да не испадне пак дека снегот изненадил како што тоа го прави неколку години наназад.

Google за „снегот изненади“.

Преку програмата на партиите до јавната администрација

Tags: 

Во денешен Утрински опозицијата ја повикала владата да ги вработи најдобрите студенти во јавната администрација:

„На страница 97 од програмата ’Решенија за Македонија‘, во делот ’Перспективи за младите‘, предвидовме континуирано вработување на најдобрите студенти во јавната администрација, како битна претпоставка за подобрување на нејзините капацитети.

Google на прашањето „најдобрите студенти во јавната администрација“ вели дека владата веќе потпишала 2 меморандуми токму за таа цел со УЈИЕ и ДУТ.

Убаво што партиите и владите мислат на вработувањето на младите, но од кога најдобрите се задоволуваат со работа во јавна администрација?

Или, за Македонија можеби подобро, до кога најдобрите ќе се задоволуваат со работа во јавна администрација?