Истражувањата поддржани од даноци треба да се слободно достапни

Tags: 

Во јули оваа година Арон Шварц, еден од основачите на reddit и познат активист од САД, беше уапсен под сомнеж за кражба на податоци – околу четири милиони научни текстови од мрежата на JSTOR. Случајот сѐ уште не е разрешен и Шварц, ако биде пронајден за виновен, се соочува со казна затвор до 35 години, а JSTOR одлучи да дозволи пристап до дел од научните трудови тврдејќи дека тоа секако им бил планот, а овој инцидент само го забрзал неговото остварување.

Ако сте студент, тогаш сигурно ќе се запрашате зошто на Вашиот универзитет немате пристап до академски журнали? Не знам дали нешто е променето од кога јас бев редовен на УКИМ, но знам дека кревавме раменици кога на студиските посети во странство нѐ прашуваа кои ресурси ги користиме за истражување. Причините за недостигот на пристап до журналите најчесто се финансиски. Потребни се многу пари за пристап до соодветни бази.

Се разбира денес интернет ги прави работите многу полесни. Малку Google магија и можете да дојдете до многу содржини, легално или не, за да напишете академски текст по сите нишани. Патем, одлично упатсво за ова е достапно на блогот на Анастас Вангели. Но, покрај овие индивидуални решенија, две важни иницијативи го отвораат полето на достапност на научните истражувања. Една е иницијативата за „отворен пристап“ чија цел е создавање и уредување на журнали до кои пристапот ќе биде отворен. Претставници на оваа иницијатива има и во Македонија.

Втората, што се обзнани деновиве, и тоа скоро истовремено во САД и во Обединетото кралство, е иницијативата за слободен пристап до научните публикации што се направени со помош на државните фондови или ако сакате парите на граѓаните.

И додека ова се добри вести за многу луѓе, секако многу повеќе од популациите на двете држави, се разбира ќе има и жртви. Индустријата на издавачи на научни трудови ќе го прими најголемиот удар и можеби многу од тие компании ќе престанат да постојат. Но, ми се чини не треба да бидеме премногу изненадени. Интернет менува многу издавачки индустрии, па зошто не и таа што се бави со научни трудови... Како што вели Дана Бојд: „Индустријата на издавачи нудеше услуга. Порано се грижеше знаењето да биде споделено колку што е можно пошироко... Денес таа работи како чувар, водена повеќе од профит отколку од желбата да сподели информации.“

Науката секогаш била за широко споделување и по обем и по опфат. Интернет е тука да ни помогне во тоа. Да се надеваме дека и македонските научни трудови финансирани од даночните пари ќе го следат патот што го отвараат научниците во САД и Обединетото кралство.

Текстот е објавен на it.com.mk: Истражувањата поддржани од даноци треба да се слободно достапни.