Патувачки белешки: „Седма република“ од Анте Перковиќ

Tags: 

Бев во Хрватска кога на rss ми се појави текстот на Филип - Владата вика Даутовски, Синтезис и Анастазија се небитни за македонската музика. Ден-два претходно, еден од локалните хакери со кој се дружевме на НСНД ми донесе копија од (новата) книга на Анте Перковиќ насловена „Седма република“. Кога го читав текстот на Филип бев само неколку страници во делото што се бави со поп културата, поточно музиката, во поранешна Југославија. Понекогаш случајностите навистина се интересни.

Денес ја дочитував книгата. Листав страници напред-назад за да се потсетам на некои делови и воглавно размислував што е тоа што сакам да го напишам за неа и / или од неа.

Има три точки што некако ми се отвараат: 1. која е мојата музика; 2. каде е Македонија во ЈУ поп-културата; 3. што може да се научи (ако нешто воопшто може) од приказната за новиот бран во СФРЈ?

Па од почеток, како и авторот на книгата, ми доаѓа да си пишам дека сум израснат на американскиот гранџ. In Utero и легендарниот unplugged на Nirvana се случија баш на време. Првата касета што ја купив (друго претходно преснимував) беше нешто од Pearl Jam. Некаде попат, од некој постар, ги запознав Архангел. Но, воглавно останав верен на американската поп култура. Не дека не бев чул друга музика. Домашната колекција, нормално, имаше сѐ што можеше да има од ЈУ изданијата, а и големи количини на музика од 1960-тите. Сепак, во тоа време, кога прв пат се запознаваш со музиката, главното беше тоа од САД. Локалната музика дојде многу подоцна. Првиот екс-ЈУ-западно балкански - БКС бенд што го слушав / слушам е Дарквуд Даб. ЕКВ ги смкнав од интернет пред пар години за да видам што е тоа што таму / тогаш се случувало. Денес за прв пат преслушав неколку песни од најдобриот албум некогаш издаден во Југославија - според критичарите од Југославија и според некои од Европа - „Одбрана и последни дани“ на Идоли.

Мислам дека ова е корисно за контекст. Позицијата од која што ја читав книгата воопшто не е носталгична. За разлика од некои други особености / појави во Југославија, за кои сум читал повеќе и дел учел, баш и немам (или до сега немав) некое посебно мислење за музиката. Всушност, не знам дали воопшто познавам некој од градов кој живеел во оваа седма република што Перковиќ ја опишува тогаш кога таа постоела.

Второто прашање е овде. Имено, во книгата Скопје не се споменува. Линиите се влечат низ Сараево-Белград-Загреб-Љубљана (Пула и Нови Сад). Перковиќ вели дека ЈУ-попот бил вистинска федерална (функционирачка би додал) „институција“ (можеби заедно со ЈНА - што од своја страна е исто интересно со оглед на тоа дека фронтмените на средната класа што го предводела новиот бран воглавно се деца на офицери ор армијата).

Прашањето тогаш е до каде и географски всушност се простирала оваа седма република? Од музичарите само Мизар се спомнуваат и тоа во една фуснота (Тоше Проевски исто така, иако во сосема немузички контекст). Колку тогашната СР Македонија била вклучена во оваа модерна појава на југословенскиот простор? И ако не (баш), зошто не? На овие прашања немам одговор. Но, читајќи го текстот на Перковиќ за тоа дека рок-ен-ролот влетал во Југославија речиси истовремено со неговиот влез во Европа (во книгата има податоци дека некои рок албуми што денес се сметаат за класика имале поголем тираж во Југославија отколку на пример во Италија, како и тоа дека тиражите на ЈУ бендовите лесно достигале златен статус според европски (тогашни) стандарди, како и тоа дека инструментите со кои на почетоците овде се располагало не биле многу различни од она што го имале на пример во Англија), не можам да не заклучам дека ова бил можеби вториот миг - период - кога еден „југословенски или јужнословенски потфат се нашол во толкав склад со акутните потреби на светот, цивилизацијата и човечкиот род“. (види „Кога ќе го заборавиш јули“ од Вук Перишиќ). Би сакал сепак да мислам дека генерациите родени во СРМ на почетокот на '70-тите биле дел од оваа република.

Мислам дека ова било / е важно, поради некои карактеристики на новиот бран - неговата поставеност во урбаните делови на државата, неговата значајна естетска вредност, неговиот граѓански предзнак, бавењето си сите табу темиво тогашното општество и посебно спротиставениот однос кон фолк-рокот / рок-фолкот (кој исто така бил масовен и пазарно успешен) по линијата од Бело Дугме - Брена до Цеца - Томсон. Често распадот на Југославија и војните што следат по тоа се опишуваат како триумф на паланката. Несомнено истото се случува и музиката. Бреговиќ е цитиран во книгата како нема ништо против да го нарекуваат основоположник на турбо-фолкот - напротив. Првата (вистинска) турбо-фолк песна доаѓа од воена Хрватска и токму турбо-фолкот е првата културна појава што ги минува новите државни граници и стигнува и до Македонија.

Перковиќ не заговара враќање на новиот бран. Јас се согласувам со него. Секоја генерација (треба да) си има своја музика. Можеби таа на мојата беше токму гранџот (во недостаток на добра локална музика). Но вистинското прашање е дали може денес воопшто да се создаде некаква нова урбана култура на овие простори, односно, дали победата на паланката е тотална?

Перковиќ вели дека мостовите Белград-Загреб-Сараево повторно (полека) се воспоставуваат (види Goribor на пример). И тука се враќаме на текстот на Филип кој можеби дава повеќе увид во ова прашање за Македонија. Читајќи ја „Седма република“ никаде не наидов на информација дека некогаш во Југославија имало државно организирано рангирање на музика. Македонскиот топ 10 изгледа тажно, тажно.

Книгата на Перковиќ допира и некои други интересни работи: за музичкиот бизнис до дигиталното доба, за авторските права и слично. Но, можеби тоа ќе остане за некој друг текст.

Оставам на крај музички десерт од новата босанска сцена: Damir Avdic - Bratstvo i jedinstvo.

П.С. Анте Перковиќ за книгата на „Недељом у два“: http://www.youtube.com/watch?v=iuvqjF-uucs

2 Comments

Што е YU-поп според авторот и

Што е YU-поп според авторот и кој временски период го покрива во својата книга? За човек роден 1973-та, кој за време на распадот на Југославија едвај бил полнолетен, во мојата книга нема кредибилитет за него...

Два дополнителни коментари од

Два дополнителни коментари од @razvigor поврзани со овој текст: https://twitter.com/#!/razvigor/status/143384294507814912 и https://twitter.com/#!/razvigor/status/143420886853226496:

„turbo-folk kamen-temelnikot "200 na sat" e od Srbija, Perkovic veli deka na Ivan vlijaele hrvatskite E.T. оригиналниот текст во тој дел е малце комплициран. И други читатели се имаат збунето во тој дел. За Иван: http://www.balkanmedia.com/ivan-gavrilovic-vraca-se-brzinom-od-trista-na...