Стапица на лошо управување во мала земја

Tags: 

Па полека доаѓам до крајот на мојот преглед на книгава на Колиер. Ова поглавје, (конечно) последното, покрива две прашања: управувањето (владеењето) и применетите економски политики.

Правилното управување и добрите политики можат да доведат до раст од 10%, но погрешните можат многу побрзо и повеќе да уништат една економија - наведениот пример е за Зимбабве.

Исто така, можно е една држава да има добро управување и лоши политики (или) обратно и исходот на крај да зависи од шансите што државата ги има пред себе - но ни едното ниту другото не можат да создадат шанси и можности.

На пример во 2005 најкорумпираните држави биле Бангладеш и Чад. Синдромот типичен за лошо управување - корупцијата кај јавната администрација - не го спречил Бангладеш да има солидни економски политики и да расте. Но, Бангладеш е крајбрежна држава, без ресурси и ориентирана кон извоз на трудово интензивни производи. Ваквата ситуација не бара некоја посебна улога од државата - таа воглавно треба да се труди да избегнува да прави штета. Чад пак е континентален, има нафта и добива помош. Не може да извезува многу работи и владата мора да биде ефективна во употребата на парите. Избегнувањето не е решние, напротив треба да се труди да направи добри и корисни работи.

Не сакам да ја споредувам Македонија со Чад и Бангладеш, но две работи брзо ми паѓаат на памет: Македонија нема море и наводно има нафта во Овче поле.

Сепак и Колиер е оптимист кога вели дека лошото управување и политики не мора да бидат стапици. Општествата можат да учат, како Кина по Мао, но, предупредува тој, сите не се губитници онаму каде што лошото управување опстојува. Политичарите во овие земји се богати, некои од нив се и меѓу најбогатите луѓе на светот, и нив им се исплати да го чуваат своето население неинформирано и необразувано.

Реформите не се само прашање на политичка волја. Да, потребна е храброст, но потребно е и знаење што можеби го нема во земјата. Исто така потребна е внимателност кон празните ветувања -- многу влади само ветуваат реформи, што често е доволно за меѓународните институции, но тие никогаш не ги исполнуваат.

Со сето ова на ум, што е потребно за успешна реформа на лошите политики? Истражувањата на Колиер велат дека само од три фактори зависи успешноста на реформите: бројноста на популацијата, процентот на популација со средно образование и дали земјата скоро излегла од граѓанска војна. Наспроти овие, политичките права и демократијата речиси и да немаат никакво влијание. Значи за успешна промена потребен е поттик одвнатре - потребна е критична маса на образовани луѓе што ќе ја смислат и спроведат реформата. Истовремено шансите било која реформа да опстане се многу мали, околу 1,6% годишно.

***

Сега што може да се направи за подобро управување и политики?

Демократијата воглавно гледана како изборен натпревар е половина од прашањето. Мерките и проверките (checks and balances) се исто така важни (ако не и поважни). Изборите утврдуваат кој ќе владее, но не и како ќе владее. Изборната трка секогаш полесно успева од контролата. За неа треба време. Но вистинското прашање е дали оваа фаза е надминлива или станува трајна особина на политиката. Дали земјите живеат во пародија на демократија? Очигледно, Колиер смета дека мерките и проверките се многу важни. Медиумите исто така имаат значајна улога, барем оние слободните и независните. И тука некаде е финансирањето на изборите. Руските избори чинат отприлика 40 пати повеќе од американските кога ќе се земе предвид директното трошење и разликата во доходите меѓу двете земји.

А што имаме во Македонија? Новинарско востание, антикорупциска комисија притисната до (буџетски) ѕид, изборни кампањи за кои ретко се знае како и колку се финансирани.

Исто така, транспарентноста на буџетот е една од важните мерки. Како владите ги трошат парите е важно за нивното функционирање. Македонската комисија за буџет е убав пример во врска со ова прашање.

***

Мојот преглед завршува овде, иако во книгата има уште многу работи за кои што може да се пишува и дискутира. Веројатно би било убаво некој издавач (или владата) да ја преведе. Во меѓувреме Google наоѓа фино pdf за читање. Уживајте.

Види и:
Стапица на континентална држава;
Стапица на конфликт;
Стапиците и Македонија.

1 Comment

Со сето ова на ум, што е

Со сето ова на ум, што е потребно за успешна реформа на лошите политики? Истражувањата на Колиер велат дека само од три фактори зависи успешноста на реформите: бројноста на популацијата, процентот на популација со средно образование и дали земјата скоро излегла од граѓанска војна.

Како одеa потезите на Грујо во неговата реформа на лошите политики:

1. Обид за зголемување на бројноста на популацијата (http://www.vlada.mk/?q=node/429). Голема штета е што уставот не е компатибилен со демографијата на населението во РМ.
2. Проект за зголемување на % на популација со средно образование (http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=77264).
3. Со самото тоа што оваа влада коалицира со ДУИ по изборите од 2008-ма (иако за тоа немаше потреба), се дава ПОЛИТИЧКИ сигнал дека граѓанската војна од 2001-а е завршена.

Значи, боксерот се обидува да воведе реформи, но тоа тешко му оди за рака, оти во исто време се обидува изборниот мандат да го продолжи максимално колку може, за што му требаат партиски послушници, кои пак од друга страна не живеат од(за) државни добри дела туку од(за) буџетска "донација", која најчесто ја зимаат на своја рака без детално знаење на веле штрумфот. А по принцип на бинарно дрво, прлав политички веш има на сите страни, доволно да го загрози партискиот рејтинг ако се најде во сушара на некој од опозициските навалени медиуми.

И така, владеењето на Грујо се сведува на балансирање помеѓу добри идеи и партиските војници! Изостанува храброст да се пресече со инсталираната политичка култура.