драма

Undefined

Ако ја градел татко ти, лесно ќе се договориме

Tags: 

Не се сеќавам зошто точно сум почнал да го пишувам ова (пред околу еден месец), ама белешкиве стојат и зошто да не се објават (какви-такви).

Насловот е поговорка која често се врти по скопските улици за време градежниот бум (се разбира).

Слична поента се открива во „Диво месо“ од Горан Стефановски (сцена 8):

Димитрија: Ти ќе продаваш тоа што самиот ќе го спечалиш и изградиш. Овде не чепкај. Ова е мое.

Стево: Ќе ни биде платено и преплатено.

Димитрија: Никој мене не може да ми плати. Кој ќе ми ги плати нозеве? Од оваа чатија паднав.

Стево: Не зборуваме сега за нозете.

Димитрија: Ете, јас мислам дека токму за нозете зборуваме. И само за нив.

Ангели во Америка, театар во Македонија

Tags: 

Spoiler warning: Ако имате намера да ја гледате претставата „Ангели во Америка“, имајте на ум дека во текстот подолу се откриваат некои детали од претставата.

- „Што има вечерва во Драмски“ - ќе праша еден човек на билетарата.
- „Ангели во Америка.“ - одговара службеничката.
- „Што е тоа? Некоја комедија?“
- „Не. Геј фантазија на национални теми.“
- „Што геј?“ - е последното прашање, пред човекот да се упати надвор од дворот на Драмскиот театар.

Не знам дали некој мудар филозоф некаде објаснувал дека преку уметноста може да се мери пулсот на општеството, но ако е така збунувачка дијагноза има за Македонија денес: сексуалната ориентација е заборавена во новиот Закон за дискриминација, а една од водечките претстави во националната установа Драмски театар Скопје, го обработува толку осетливото прашање за хомосексуалноста.

Дали е ова баш така збунувачки како што помислив јас (инаку немаше да го пишувам ова?)

На вратата на ДТС стои дека претставата не е за лица помали од 18 години. Кога го видов знакот бев воздржан. Кога ја видов претставата бев зачуден. Што може да е толку спорно во една претстава за не биде препорачлива за лица под 18 години? Претставата има еден машко-машки бакнеж (и тоа прилично дискретен), еден хомосексуален однос (без голотија), една или две референци кон орален секс (пр. „вилицата ми знае“) и вообичаената театарска доза на пцовки. Ова ли се нештата поради кои претставава е означена како „само за возрасни“?

Пред 10 години, кога од средно задолжително одевме на претстава во организација на професорката по литература, претставите што се гледаа беа „Буре барут“, „ММЕ“ и „Шопинг енд факинг“. Што можевме тогаш како тинејџери да слушнеме од сцената?

Буре барут

Свето: Кој го отру Никола?
Симон: Како го отру Никола?
Свето: Со отров.
Симон: Мислев, како можеше ти да го отруеш Никола? Па, заедно го купивме. Ти го одбра. Го влечкавме од Москва. Ти го учеше да враќа стап.
Свето: Да му ебам матер.
Симон: Да му ебеш матер?
Свето: Кој те исцинкари на жена ти за Марија?
Симон: Ти ме запозна со Марија, да му ебам матер.
Свето: Да му ебам матер.
Симон: Да му ебеш матер?
Свето: Така е.
Симон: Како бе, Свето?
Свето: Да му ебам матер.

ММЕ

Младиот: Речено ми е, овде има најдобри курви.
Д-р. Фалус: Има. Јас сум. Ќе бидеш научен. Сѐ ќе те научам. Сакаш да одиме одма или прво ќе ми купиш едно пивце?
Младиот: Не биди смешен.
Д-р. Фалус: Тебе ти е смешно? Мене ми е страшно. Дали ќе бидеш нежен? Дали ќе ме бакнеш барем еднаш? Да не имаш некоја болештина? Сигурно ќе сакаш отпозади. Свињо една балканска. Па, јас не сум само куп месо. Јас сум чесна курва. Девица.
(...)
Младиот: Не дојдов овде за вакви како тебе. Слушаш? Имам јас мои планови... Дојдов да ебам малку матер овде...
Д-р. Фалус: Не се секирај. Ќе биде. Во добри раце стигна. Тебе ти треба знаење. Ти треба добар учител. Учителот знае сѐ. Сега ќе ти покаже нешто учителот. Ќе научиш нешто. Дојди да те научи нешто учителот. Знаење? Гледај како влегува знаење во тебе?!
(Го фаќа за коса. Го силува. Крик)

Нешто подоцна, „Диво месо“ имаше топлес сцена, без никакво предупредување. А ми се чини дека и ланската „Коза или која е Силвија“, во која се зборува за секаков секс (па и зоофилија) немаше никакво предупредување за малолетниците.

Но сепак, оригинално 7-часовната „Ангели во Америка“ има нешто што ја разликува од сите овие погоре. Тоа е испреплетеноста на политичкиот (јавниот) живот со приватниот живот. Сместена во времето на Регановото владеење, претставата освен што го прикажува појавувањето на хомосексуалноста на јавната сцена во САД, го прикажува и игнорантниот однос на тогашната десничарка администрација во однос на СИДА-та, но и нејзината корумпираност. Конфликтот помеѓу религијата и сексуалната ориентација исто така има свое место во драмата. Еден од главните ликови е прочуен адвокат, близок до администацијата, докажан ловец на комунисти, безмилосен и без морал.

Па што всушност не треба да видат тинејџерите?

Башка белешка: Додека чекав да се прибере друштвото за да купиме билети, голем, ама навистина голем број на луѓе дојдоа и се повикаа на некој за да земат билети. Ништо ново ми се чини кога станува збор за претстави и/или концерти. Ништо ново, и тоа е некако многу тажно.