google

Undefined

„Бесплатен“ е слаба маркетинг стратегија, со „слободен“ знаеш што добиваш

Tags: 

Кога ќе помислите на Mozilla Firefox, на која негова особина прво ви текнува? Според Mozilla Македонија, македонската група за маркетинг на Mozilla Firefox, најважната особина е тоа што тој е бесплатен. Но, навистина, може ли да се рекламира некој производ како бесплатен, кога и сите негови конкуренти се бесплатни: тој е исто толку бесплатен колку и другите!

firefox македонија

Mozilla Firefox сигурно има и други згодни особини, како на пример неговата докажана безбедност и сигурност, безбројните проширувања, но и некои веќе вообичаени фалинки, како менаџирањето на меморијата за која технички поткованите корисници секогаш жестоко дискутираат. Сепак, мислам дека ниту едно од овие не е толку важно, колку што е важно што неговиот код е слободен.

Се чини дека ова е сепак претежнок збор да се каже, посебно на англиски јазик каде што покрај „слободен“ значи и „бесплатен“. Токму оваа двозначност на зборот натера некои луѓе од заедницата на слободен софтвер предводени од Ерик С. Рејмонд да го сковаат терминот „open source“ под кој ќе се развива маркетинг стратегијата за промовирање на слободен софтвер (free software). Еден од првите големи успеси на овој маркетинг беше токму кодот на Mozilla сопственост на тогашен Netscape кој соочен со убиствената конкуренција преку ценовна трка кон дното од страна на Microsoft, одлучи програмерскиот текст да го отвори за меѓународната интернет заедница на програмери.

Многу работи се променија од тогаш до денес: мрежата еволуираше, изборот за корисниците се врати, монокултурата на Internet Explorer полека се надминува. Конечно и Mozilla Firefox доби голем број на поддржувачи. Сите тие придонесуваат од различни причини и со различни цели. Голем број од нив му припаѓаат на движењето за слободен софтвер. За Македонија на пример, една од главните причини што Mozilla Firefox е достапен на македонски јазик е што обезбедувањето на слободен софтвер на македонски беше една од првите и главни програмски определби на Слободен софтвер Македонија. Зборуваме за времето кога Mozilla Firefox (тогаш под друго име Phoenix) беше во својата развојна верзија 0.7 или 0.8 и неговата употреба за обични корисници не се препорачуваше. Сепак, тоj беше еден од двата (вториот беше обемниот Mozilla Suite) слободни прелистувачи за интернет за корисниците кои не користат GNU/Linux. Организацијата го стави меѓу своите приоритети за да им донесе слободен софтвер на македонски на корисниците на оперативните системи на Microsoft. Но ваквите мотиви, иако веројатно постојат на други места во светот, се повеќе случајни. Официјалната политика на фондацијата Mozilla е „open source“. Официјално, на врската за преземање на Mozilla Firefox стои „free“ и се мисли на „бесплатно“ (ние овде сепак го преведуваме како „слободно“). Се разбира, има луѓе кои работат за Mozilla и кои ја промовираат слободата, но повторно тоа се лични ставови.

Накратко, еден софтвер може да има неколку предности пред некој друг софтвер: една од нив може да биде цената, друга техничките карактеристики, трета базата на корисници и четврта слободата на кодот. На почетокот Mozilla Firefox најмногу се развиваше благодарение на последните две предности пред другите прелистувачи. Во последно време, фокусот е свртен и кон техничките карактеристики, неговата супериорност во однос на другите. Исто така, во последно време дискусијата од „open source“ е пренасочена кон „open web“. Но сѐ уште речиси никој не зборува за слободата.

Ако ги погледате сите конкуренти во категоријата „најдобар прелистувач“ ќе видите дека по првата точка сите се изедначени: никој веќе не продава прелистувачи. Техничките карактеристики се широко поле за дискусија: Internet Explorer се чини е надвор од конкуренција поради своите чести безбедносни дупки, но Opera е тука како „најбрзиот прелистувач“. Mozilla Firefox добива многу пофалби за своите безбедносни можности и прилагодливост, но сега тука е и Google Chrome, за кого на пример правењето проширувања е детска играчка во споредба со системот на Mozilla. Internet Explorer сѐ уште има најмногу корисници, но сите тие речиси никако не можат да учествуваат во неговото создавање, како што е тоа можно со Mozilla Firefox и Google Chrome. Кодот им е слободен токму на овие два (Google исто така го користи терминот „open source“).

Интересно е тоа што Google премногу не ја рекламира слободата на кодот на Chrome. Но, тоа не е ништо ново за нив: како компанија со прилично голем општествен капитал и чиста репутација вредностите кои ги промовираат се малку различни. Сепак, ова не ги спречува корисниците на GNU/Linux и Windows да го користат Chrome. Што е поинтересно, изгледа дека за повеќе GNU/Linux дистрибуции пакувањето на Chrome (или Chromium како што се вика изворниот код) е полесно одошто за веќе вдомениот Mozilla Firefox. До сега не сум прочитал ниту една статија за проблеми во врска со дистрибуирањето на овој прелистувач, додека Mozilla и нејзината политика за брендот на Mozilla Firefox беа голема пречка за пакување и дистрибуирање на прелистувачот на некои од поголемите дистрибуции како Debian и Ubuntu.

Интересно е што и Mozilla како свој главен конкурент почнува да го гледа токму Chrome. Се споредува javascript engine-от кај двата прелистувачи: Mozilla се труди да го направи барем да биде исто толку брз колку и тој на Chrome, а и почнуваат да го поедноставуваат системот за правење проширувања токму по примерот на Google. Дури и во јавните говори Chrome добива значително време. На пример Брајан Кинг од Mozilla, на конференцијата за слободен софтвер во Косово, покрај прашањата за техничките детали на Firefox наспроти Chrome, мораше да одговара и на незгодните прашања за тоа дали Google, еден од најголемите донори на Firefox, ќе продолжи да биде тоа сега кога има свој прелистувач.

Но повторно, дискусијата за слободата на софтверот е некако избегната и јас мислам дека тоа ќе биде пресудно во најновите војни на прелистувачите. Во област како што е софтверот, техничката супериорност не е трајна категорија. Секој копира од секого (дури и кога не го признаваат тоа), а уште полесно кога програмерите од една одат во друга компанија (како што беше случајот со главниот развивач на Firefox кој од Mozilla премина во Google) и секоја нова можност, па дури и најмалата весела финта, лесно го наоѓа патот до повеќето платформи. Со два во суштина слободни прелистувачи ова копирање и имитирање ќе биде уште полесно. Прашањето е сега, зошто да се остане верен на Mozilla Firefox?

Google Chrome брзо ќе добие голема база на корисници пред сѐ помеѓу програмерите, проширувања ќе се пишуваат, и на Google сѐ уште може да му се верува. Mozilla може да ја премести играта на друго поле само ако почне да инсистира на слободата на кодот, и посебно на фактот дека нејзиниот е „copyleft“ благодарение на GPL, наспроти BSD лиценцата на Chrome. Ова ќе ги задржи посветените корисници и програмери кои ја делат идејата дека слободниот код треба да остане слободен и веројатно ќе привлече нови. Linux е совршен пример за моќта на GPL. Останува да видиме дали вакво нешто ќе се случи. Во меѓувреме сурфам на Chromium.

Забелешка: Авторот на овој текст беше долгогодишен преведувач на македонски на Mozilla Firefox и други производи на Mozilla.