стихови

Одбројување

Tags: 

Десет од десет сограѓани се среќаваат
во парковите, улиците и продавниците
погледнуваат внимателно еден кон друг
се прашуваат кои се предавниците
но погледите не им се среќаваат
се разминуваат и заминуваат
назад во своите домови
каде се надеваат дека мирно ќе сонуваат

Девет од десет сограѓани не го виделе
мрачното лице на диктатурата
гледаат насмеани лица на тв вести
што известуваат за демократијата
богато, успешно и среќно
слики што со реклами се дополнуваат
кадри од собите на соседите
со кои никогаш не се сретнуваат

Осум од десет сограѓани не знаат
за злоупотребата на моќ
само на стари приказни се сеќаваат
за луѓе што исчезнувале средe ноќ
во диско, нели, потсмешливо дофрлаат
заборав по неколку пијачки
нема што друго да се рече
во тие ноќи извиците се дивјачки

Седум од десет сограѓани не знаат
за мачењето и осветата
„не знам, не се разбирам“ одговараат тивко
на прашањата од анкетата
„и само камерата да не снима,
ако може, не знам кој гледа,
сѐ најдобро за владата и премиерот“ -
процедуваат со насмевка бледа

Шест од десет сограѓани не разбрале
мешањето на столбовите на власта
се прават слепи како дамата правда
замижани по патот на пропаста
дел мислат и дека столбовите се архитектонски
од арматура, песок, цемент и вода
заборавајќи на долгот што
иднината на децата ја глода

Пет од десет сограѓани не научиле
за местењето на избори
палецот е темен, мастилото сино
така народот прозбори
и ако треба ќе прозбори пак
вистината е една
корупцијата шепоти на сите
напред — додека стоиме на работ на бездна

Четири од десет сограѓани не чуле
за нечовечноста и злобата
добро, добро, сепак чуле, тоа се зборови
од кои се превртува утробата
но порано така нѐ учеа, нели,
да бидеме умни чичко полицаец да не нѐ земе
човекови права, приватност
непознати зборови од новото време

Три од десет сограѓани мислат
дека набрзина сѐ ќе заврши
се надеваат, храбрат, тешат,
дека невремето нема да ги скрши
“секоја бура кратко трае,
а и сите наши досегашни политички
уште малку и ќе дојде помош“ -
одговараат тие аналитички

Два од десет сограѓани си велат
„тоа не може да ми се случи мене,
сепак подобро не по телефон
внимавај чие име ќе го споменеш“
јазикот врзан кога ќе занеме
тишината е прегласна, оглушува
грлото тешко голта, но подобро така
велат, „не знаеш кој сѐ наслушува“

Еден од десет сограѓани се спремаат
повеќе да не живеат овде
куферите им се спакувани
билет, еден правец подалеку одовде
„можеше да биде подобро“, — велат
„но време повеќе нема.
малку слобода и достоинство
пред и животот да ни го земат“

Молк (На Игор Г.)

Tags: 

I

Поглед маглив и тажен што бега од други очи
додека ја пиеме првата кригла разговорот е кревок
Tочи!

Алкохолот наскоро ќе удри и јазикот патувањето
ќе го почне
По лесни шеги и случки сме биле тука и претходно
порано, завчера, минатата недела, во мај, во февруари,
лани и пред тоа и попосле кога
Ќе одиме по улиците и сокаците
познати катчиња и ќошиња
ќе се смееме и повеќе, ќе се глупираме и повеќе
ќе пееме и повеќе од тоа, од сѐ
на местата што се наши
што на младост нѐ потсетуваат
кога таму долеваме уште една чаша
што плановите ни ги празнуваат
кога таму иднината ја замислуваме
што сеќавањата ни ги чуваат
кога таму на уво шепотиме
што љубовта ја возбудуваат
кога таму на познатиот ритам играме
Тука сме и онде и потаму
низ чаршија, низ парк, низ градот
покрај река, на Водно
јас и ти, до Јас и ти
и топол бурек
додека не се приближи часот за сон
за работа, за сон.
И нема да прозбориме
како и претходно и порано и завчера,
и минатата недела и во мај и во февруари
и лани и пред тоа и попосле кога
Ќе одиме по улиците и сокаците
туѓи катчиња и ќошиња
ќе се расправаме и повеќе, ќе викаме и повеќе
ќе плаќаме и повеќе од тоа, од сѐ
на местата што не се наши
што на смрт нѐ потсетуваат
кога таму слушаме уште една лага
што плановите ни ги понижуваат
кога таму хоризонот го кријат зад ѕид
што сеќавањата ги осакатуваат
кога таму не можеме да бидеме сами
што љубовта ја казнуваат
кога таму ритамот оди по дневен ред
Тука сме и онде и потаму
низ ходници, низ канцеларии, низ згради
покрај река, на Водно
јас и ти, до Јас и ти
со жед за заборав на денот
додека сонот не се потопи
вечерва, без сон.

Поглед лажлив и уплашен што бега од други очи
додека се затвори последната врата нема да прозбориме
молчи.

II

Малку сме.
Дишеме со носталгичниот поглед на другарите.
Малку сме.
Генерацијата од далеку нѐ гледа.
Малку сме.
Веруваме во приказните од детството.
Малку сме.
Лагите ни го окупираат вниманието.
Малку сме.
Исполнуваме стари ветувања.
Малку сме.
Времето безмислосно нѐ ситни.
Малку сме.
Одиме кротко покрај ѕидот.
Малку сме.
Стравот ни тропа во срцето.
Малку сме.
Го гледаме небото што се затвора.
Малку сме.
Гласот ни се губи.

III

А таа вечер
кога пијачката ќе биде само една
кога гласот ќе биде полн
со нетрпеливост за следното утро
некаде далеку од тука
Таа вечер ќе дојде
и тогаш, знам
повеќе нема да можам
да пишувам како седиме заедно
да раскажувам како пиеме заедно
да зборувам како зборуваме заедно
да се радувам што сонуваме заедно
тогаш мојот глас ќе остане сам
јас
без ти
без ние
Тогаш, искусурен до крај
ќе го спакувам и мојот куфер
и ќе го сркалам по подвижната лента
и ќе го оставам ова место на сеќавањата.
Таа вечер,
ќе заборавиме на плановите
на желбите, на посакувањата
на сѐ што тука нѐ тоне
ќе дозволиме рамнодушно
нашите места
за последен пат да ни бидат дом
нашите зборови
за последен пат да тлеат во воздухот
нашите очи
за последен пат. да бегаат едни од други
Таа вечер – збогум!
ќе нѐ снема од товарот на ова место
Таа вечер – збогум!
ќе нѐ заборави ова време
Таа вечер – збогум!
Збогум.

Бунар

Tags: 

Моментот кога шутираш кон кошот,
и покрај тоа што за милисекунда
изгледа како погодок,
веднаш сфаќаш дека е бунар
и нема што да направиш,
а знаеш дека си можел подобро
од таа позиција.

Моментот пред да викнеш „бунар“
повеќе како рефлекс, отколку
како некакво решение
и со многу малку надеж
дека некој од твоја ќе биде
на вистинското место за скок.

Моментот кога и покрај
добрата парабола и ротација
гледаш дека исходот
е бунар.

Така се чувстувам
сѐ повеќе и
сѐ почесто.