Молк (На Игор Г.)

Tags: 

I

Поглед маглив и тажен што бега од други очи
додека ја пиеме првата кригла разговорот е кревок
Tочи!

Алкохолот наскоро ќе удри и јазикот патувањето
ќе го почне
По лесни шеги и случки сме биле тука и претходно
порано, завчера, минатата недела, во мај, во февруари,
лани и пред тоа и попосле кога
Ќе одиме по улиците и сокаците
познати катчиња и ќошиња
ќе се смееме и повеќе, ќе се глупираме и повеќе
ќе пееме и повеќе од тоа, од сѐ
на местата што се наши
што на младост нѐ потсетуваат
кога таму долеваме уште една чаша
што плановите ни ги празнуваат
кога таму иднината ја замислуваме
што сеќавањата ни ги чуваат
кога таму на уво шепотиме
што љубовта ја возбудуваат
кога таму на познатиот ритам играме
Тука сме и онде и потаму
низ чаршија, низ парк, низ градот
покрај река, на Водно
јас и ти, до Јас и ти
и топол бурек
додека не се приближи часот за сон
за работа, за сон.
И нема да прозбориме
како и претходно и порано и завчера,
и минатата недела и во мај и во февруари
и лани и пред тоа и попосле кога
Ќе одиме по улиците и сокаците
туѓи катчиња и ќошиња
ќе се расправаме и повеќе, ќе викаме и повеќе
ќе плаќаме и повеќе од тоа, од сѐ
на местата што не се наши
што на смрт нѐ потсетуваат
кога таму слушаме уште една лага
што плановите ни ги понижуваат
кога таму хоризонот го кријат зад ѕид
што сеќавањата ги осакатуваат
кога таму не можеме да бидеме сами
што љубовта ја казнуваат
кога таму ритамот оди по дневен ред
Тука сме и онде и потаму
низ ходници, низ канцеларии, низ згради
покрај река, на Водно
јас и ти, до Јас и ти
со жед за заборав на денот
додека сонот не се потопи
вечерва, без сон.

Поглед лажлив и уплашен што бега од други очи
додека се затвори последната врата нема да прозбориме
молчи.

II

Малку сме.
Дишеме со носталгичниот поглед на другарите.
Малку сме.
Генерацијата од далеку нѐ гледа.
Малку сме.
Веруваме во приказните од детството.
Малку сме.
Лагите ни го окупираат вниманието.
Малку сме.
Исполнуваме стари ветувања.
Малку сме.
Времето безмислосно нѐ ситни.
Малку сме.
Одиме кротко покрај ѕидот.
Малку сме.
Стравот ни тропа во срцето.
Малку сме.
Го гледаме небото што се затвора.
Малку сме.
Гласот ни се губи.

III

А таа вечер
кога пијачката ќе биде само една
кога гласот ќе биде полн
со нетрпеливост за следното утро
некаде далеку од тука
Таа вечер ќе дојде
и тогаш, знам
повеќе нема да можам
да пишувам како седиме заедно
да раскажувам како пиеме заедно
да зборувам како зборуваме заедно
да се радувам што сонуваме заедно
тогаш мојот глас ќе остане сам
јас
без ти
без ние
Тогаш, искусурен до крај
ќе го спакувам и мојот куфер
и ќе го сркалам по подвижната лента
и ќе го оставам ова место на сеќавањата.
Таа вечер,
ќе заборавиме на плановите
на желбите, на посакувањата
на сѐ што тука нѐ тоне
ќе дозволиме рамнодушно
нашите места
за последен пат да ни бидат дом
нашите зборови
за последен пат да тлеат во воздухот
нашите очи
за последен пат. да бегаат едни од други
Таа вечер – збогум!
ќе нѐ снема од товарот на ова место
Таа вечер – збогум!
ќе нѐ заборави ова време
Таа вечер – збогум!
Збогум.