Приказнава е за брат ми. Брат ми е научник - диатомолог, што ќе рече многу-многу не го боли за компјутери, софтвери, слободни или не. Било како било, ми доаѓа брат ми пред некое време и ми вика да му го средам компјутерот што го користи на факултет: „Ај среди го компјутеров, да не фаќа вируси, да сурфам без п*рно прозорчиња да ми скокаат додека читам некој труд.“
Бидејќи мене сѐ уште не ми е стигната маичката од ТинкГик со текст "No, I won't fix your computer", не ми преостануваше ништо освен да речам океј: „Океј.“ И така, едно саботно претпладне пред некои 2-3 недели јас седнав да го средам компјутерот.
Да, инсталирав Слеквер. Брат ми веќе некое време прави рекорди дома во Kasteroids, па запознаен е со излгедот и чувството на KDE. Му реков дека се ќе му биде исто како дома: „Куме, се ќе ти биде исто како дома. Без вируси, на кирилица, на македонски.“
Целата работа траеше не повеќе од 2 часа. Се работеше од прва. Немаше проблеми со хардвер. За момент се изнервирав за звукот, мислев дека alsa-та пак нешто заебава ама брзо ми текна дека сум заборавил да ги вклучам звучниците. Ги вклучив и се си работеше.
Така, по 2 часа, му велам на брат ми дека се е готово: „Средено куме, се ти работи.“ Ама малиот шизик, доаѓа и ме известува дека сакал и некој софтвер за правење некои биолошки чуда, анализи, дрва и не знам што: „Слушај, а да ми најдеш некое софтверче што за правење филогенетска анализа?“
„Што е тоа?“И ми објаснува сега дека тоа ти било некое софтверче во кое си внесуваш податоци за биолошки карактеристики на разни родови и видови, па ти се прават дрва, па подредуваш, па 'рчкаш таму-ваму и на крај излегува научен труд.
„Еве за да правам вакви работи.“ - објаснува брат ми, покажувајќи на некоја книга со американско потекло.
Мене сеуште не ми е јасно, па одлучувам да го прашам Google. Тој фино ме упатува на Mesquite (Миша, фала за download!). И што да видам! Уште едно парче слободен софтвер (LGPL) кое што прави се што му треба на брат ми, иако за да го дознаам последново требаше да поминат десетина дена додека тој го проучи софтверчето.
Сега, додека го чекам пивото-награда за вложениот напор, го пишувам ова на блог. GNU/Linux има уште еден нов среќен корисник.