Кога слободниот софтвер не е подобар

Tags: 

Автор: Benjamin Mako Hill, оригинален текст: When Free Software Isn't Better

Превод: Новица Наков
16.12.2010

Изјавата за мисија на Иницијативата за отворен код вели: „Отворениот код е развојна методологија за софтвер што се потпира на моќта на дистрибуираното оценување од еднакви учесници и транспарентноста на процесот. Ветувањата на отворениот код се подобар квалитет, повисока сигурност, поголема флексибилност, пониски трошоци и крај на грабливата зависност од еден понудувач“.

Повеќе од една деценија Фондацијата за слободен софтвер се спротиставува на оваа „отворен код“ карактеризација на движењето за слободен софтвер. Застапниците на слободниот софтвер пред сѐ се спротиставуваат на оваа рамка бидејќи „отворениот код“ е отворен напор да се намали значењето на нашата основна порака за слобода и да се направи нејасна улогата на нашето движење во успехот на софтверот што сме го напишале. Велиме дека „отворениот код“ е лош, во основа, бидејќи се обидува да ги спречи луѓето да разговараат за софтверска слобода. Но, има уште една причина зошто треба да сме внимателни со рамката на отворениот код.. Основниот аргумент на отворениот код, како што е наведен во изјавата за мисијата погоре, често е погрешен.

Иако Иницијативата за отворен код наведува дека „ветувањата на отворениот код се подобар квалитет, повисока сигурност, поголема флексибилност“, овие ветувања не секогаш се остваруваат. Иако често не го рекламираме тој факт, сепак секој корисник на слободен софтвер што се наоѓа во рана фаза на програмирање може да објасни дека слободниот софтвер не е секогаш згоден, во чисто практична смисла, како што се неговите неслободни конкуренти. Понекогаш слободниот софтвер е со низок квалитет. Некогаш не е сигурен. Некогаш не е флексибилен. Ако луѓето ги сфаќаат сериозно аргументите што се во полза на отворениот код, тогаш тие мора да објаснат зошто тој не ги исполнил своите „ветувања“ и да заклучат дека неслободните алатки би биле подобар избор. За нас нема причина зошто би ги правеле овие две работи.

Ричард Сталман зборува за ова во неговиот текст „Зошто отворениот код ја промашува поентата“ и објаснува: „Идејата на отворениот код е дека ако корисниците имаат можност да го менуваат и редистрибуираат софтверот, ова ќе го направи софтверот помоќен и побезбеден. Но ова не е гарантирано. Програмерите не неслободен софтвер не се нужно неспособни. Понекогаш тие можат да создадат програма што е моќна и безбедна иако не ги почитува слободите на корисникот.“

За отворениот код, софтверот со слаб квалитет е тежок да се објасни или е причина да се избегне софтверот во целост. За слободниот софтвер тоа е проблем на кој што може да се работи. За застапниците на слободниот софтвер, грешките и опциите што недостасуваат никогаш не се извор на срам. Секој софтвер што ги почитува слободите на корисниците има силна вградена предност пред неслободниот конкурент што не ги почитува тие слободи. Дури и да има други проблеми, слободниот софтвер секогаш има слобода.

Се разбира, секој слободен софтвер мора да започне од некаде. На пример, некој нов слободен софтвер не може да има повеќе можности од постоечки/докажан неслободен софтвер. Проектите започнуваат со многу бубачки и се подобруваат со тек на времето. Додека застапниците на отворениот код можат да речат дека проектот ќе добие корисност со тек на време и со малку среќа, за застапниците на слободниот софтвер проектите за слободен софтвер претставуаат значаен придонес уште од првиот ден. Секој софтвер што им дава контрола на корисниците над нивната технологија е чекор напред. Подобриот квалитет, како што проектот созрева, е само шлаг на тортата.

Втор, и можеби позастрашувачки, е фактот дека колаборативниот, дистрибуиран, оценуван процес на развој што е во срцето на дефиницијата на отворениот код има малку сличност со праксата на развој на софтвер во најголемиот дел од проектите што се под слободни или („отворен код“) лиценци.

Повеќе академски студии на местата за хостирање на слободен софтвер SourceForge и Savannah покажуваат дека многу програмери на слободен софтвер кои објавиле код на интернет веќе го знаат ова. Најголемиот дел од проектите за слободен софтвер не се посебно колаборативни. Која е медијаната на придонесувачи во еден проект за слободен софтвер на SourceForge? Еден. Сам програмер. Деведесет и пет проценти од проектите на SourceForge имаат помалку од 5 придонесувачи. Повеќе од половината од овие проекти за слобден софтвер, и дури повеќето проекти кои имаат повеќе успешни изданија и се преземани често, се работа на еден програмер со малку помош од надвор.

Со нагласување на моќта на колаборативниот развој и „дистрибуирано оценување“, пристапот на отворениот код се чини има малку да каже за тоа зошто некој треба да користи или да придонесува на големото мнозинство на проекти што се слободен софтвер. Наводните користи од соработката не можат да бидат остварени кога не постои соработка. Најголемиот дел од слободните програмерски проекти немаат техничка предност над нивните неслободни конкуренти.

Застапниците на слободниот софтвер, во истите тие проекти поединечно гледаат важен успех.
Бидејќи секое парче софтвер ги почитува слободите на корисниците, застапниците на слободниот софтвер велат дека секое парче слободен сфотвер започнува со вградена етичка предност над неслободните конкуренти, дури и ако тие имаат повеќе можности. Со нагласувањето на слободата пред практичните предности, застапувањето на слободниот софтвер е вкоренето во техничка реалност на начин на кој отворениот код често не е. Кога слободниот софтвер е подобар, ние можеме да го славиме овој факт. Кога не е подобар, не мораме да го третираме тоа како опасна критика на слободниот софтвер ниту пак како задолжителен аргумент против употребата на конкретниот софтвер.

Застапниците на отворениот код мора да ја одбранат својата теза дека софтверот кој се развива слободно треба да биде, или ќе биде со тек на време, подобар од неслободниот софтвер. Наместо тоа, поддржувачите на слободниот софтвер можат да прашаат: „Како да го направиме слободниот софтвер подобар?“. Во рамката на слободниот софтвер, софтверот со висок квалитет постои како средство за постигнување на некоја цел, а не како цел сама по себе. Програмерите на слободен софтвер треба да се стремат да создадат функционален и флексибилен софтвер што им служи добро на корисниците. Но, правењето на таков софтвер не е единствениот начин да се реши тоа што е многу полесно и суштински поважно: да се почитува и заштити слободата на корисниците.

Се разбира, ние не мораме да ги отфрлиме аргументите дека соработката може да игра значајна улога во создавањето на софтвер со висок квалитет. Во многу од најуспешните проекти за слободен софтвер, тоа е очигледно веќе постигнато. Користите од соработката стануваат нешто што треба да го разбираме, поддржуваме и кон што треба да се стремиме, а не нешто што треба да го земеме здраво за готово кога доказите јасно стојат против идеологијата.