Кучето и триковите

Tags: 

Иницијативата „Македонските медиуми ги заштитуваат содржините на интернет“ (достапна и на веб страниците на другите весници), е најновиот потег на македонскиот медиумски естаблишмент во битката со интернетот.

Ако е вистина дека старо куче не може да се научи на нови трикови, тогаш можеби не треба да очекуваме старите медиуми да се научат што е тоа интернет, но за другите тука има лекција што треба да се запамети.

Како потсетување, голем број на старите медиуми се докажаа како вешти непочитувачи на авторските права, па издавачите од редот на обичните граѓани и компании кои издаваат исклучиво на интернет мораа да бараат поголема заштита на нивните авторски и сопственички права од неовластено пренесување на нивните содржини на други места. Веројатно најскорашни се примерите со IT.com.mk и Баждарџијата.

Не знам дали во групата на неовластено пренесување влегуваат и вести како оваа за Џим Кери и Џени Мекарти, но очигледно е дека авторот на текстот не е новинар од соодветната новинска куќа.

Значи на етичко поле, македонските медиуми едноставно немаат кредибилитет. Ваквото нивно однесување лесно ги анулира вредностите кои сакаат да ги промовираат во точките 1 и 2 од нивната иницијатива.

Потоа тука е техничкото прашање. Со точката 3 најверојатно се сака да се насочи сообраќајот кон изворните страници (што само по себе не е лошо), но медиумите пред сѐ треба да се запрашаат зошто сообраќајот од почеток не одел кон нив. Одговорот е веројатно во лошата веб презентација на содржините, застарените веб страници, непрегледноста, лошата навигација, неупотребливата архива, нечитливи URL-а, или накусо ужасно искуство за корисниците кои се навикнати на чист и лесен пристап на содржини насекаде на интернет. Има еден или два исклучоци од ова, но нема да навлегуваме во анализа на сите веб страници.

Вака тие ја уништуваат додадената вредност што агрегаторите ја создаваат без притоа да бараат надомест од нив и ги лишат корисниците од побогато искуство на интернет. Недостатокот на чувство за тоа што корисниците сакаат се гледа и во наложувањето „преземената информација да се отвора со еден клик во нов прозорец на прелистувачот“. Сакам ли прелистувачот вака да ми отвара нови прозорци? Дали ова ќе го подобри моето искуство со Вашиот медиум?

Ова е неуспехот на техничко-маркетинг поле на македонските медиуми.

Последно, барем во однос на интернет, е залагањето кога ќе пренесе туѓа информација од веб страна, согласно тука наведените услови, коректно да го пренесе и линкот кој што води до изворот на информацијата. Со ова, тие ќе треба да склучуваат директен договор со издавачот за секоја вест што ќе сакаат да ја пренесат. Ова ќе значи или целосно непочитување на ова залагање поради сложеноста на постапката на склучување договори, или целосно почитување и нула (или многу мало) преземање на информации од други издавачи на интернет.

Не ми е јасно кој всушност ќе има корист од ваквата правна замка, но таа го комлетира неуспехот на македонските медиуми во прифаќањето на реалноста на интернет.

Лекцијата што треба да се запамети е дека секогаш кога една индустрија ќе се најде пред пораз од новите технологии или новите услови на пазарот, таа се крие зад регулација која често изгледа апсурдно.

Во духот на прогласот на медиумите и овој запис го прогласувам за пазарен производ заштитен со авторски и други сродни права, чие користење за какви било цели, е единствено можно преку директен договор со издавачот (т.е. јас). Секое преземање да биде направено по претходен договор со издавачот, а се преземаат наслов и поднаслов (вовед) на веста во должина до 180 знаци.