Submitted by Новица on
Tags:
Намерата ми беше за ова да пишувам откако ќе го слушнам и денешното предавање на Томислав Медак, но бидејќи есапот дома и на пазар не е ист, одиме вака.
Пред 2 дена го слушав Теодор Целакоски од Мултимедијалниот институт од Загреб на тема „Уметност и активизам – формати и значења на политичкото дејствување и влијание на независната културна сцена“. Предавањето беше за хрватското движење „Право на град“ каде што Тео има активна улога, а кое го организира (релативно) успешниот граѓански протест за зачувување на улицита „Варшавска“ во Загреб. Како што разбрав, од предавањето има аудио снимка, и бидејќи не сакам овде да го раскажувам, заинтересираните може да го пингаат организаторот.
Моето видување е дека приказната за хрватското право на град е интересна за нас од повеќе аспекти и од неа можат да се црпат лекции за Скопје2014 - всушност мислам дека некои од тие лекции се добро научени (или барем добро набубани - да се изразам школски) од локалните актери.
Предавањето мене ми послужи да си потврдам некои свои размислувања што може да се сумирааат во една реченица: „Архитектурата е политика“. Мислам дека причините за неуспехот на Прва архи-бригада и Плоштад Слобода како две главни групи што ја водеа опозицијата против Скопје2014, но и на другите јавни опозиционери (нема да наведувам имиња сега), а во поново време и на Асоцијацијата на архитекти лежат во погрешното јавно пишување и објаснување токму на оваа реченица.
Намерно не велам „разбирање“ бидејќи веројатно е дека меѓу овие луѓе има такви (сите?) кои ја разбираат. Останува тоа дека таа не беше искомуницирана на начин што ќе биде приемчив за јавноста.
Архитектите згрешија (и грешат) што инсистираат на тоа дека прашањето за изгледот на Скопје е прашање на архитектура: стручна дебата за стиловите, правците и материјалите што се користат во градењето. Таквата стручна дебата ја промашува суштината и ја оттуѓува јавноста. Дури и „Форум Скопје“ што треба да биде хм - форум, всушност е настан затворен за пошироката јавност - освен архитекти и ретки заинтесирани, други луѓе нема. Нема ни опозиција. Тоа е повеќе или помалку настан на кој се случува „Preaching to the choir“.
Другите општествени активисти слично згрешија (и грешат) што го шират прашањето длабоко во политика, во поширок или преширок контекст на политичка борба (на пример: фати го крадецот!). Ваквиот пристап исто така ја оттуѓува јавноста. Тој не нуди јасни пораки туку повеќе материјал за медиумски шпекулации, а во опкружување во кое ретко и тешко се прави разлика меѓу „партиското“ и „политичкото“ исходот очигледно е уште еден хор.
Да сумирам: Скопје2014 е политичко прашање. Такво треба да биде од интерес на граѓаните во едно демократско општество, кои се политични по самото тоа што живеат во политичка творба (држава). Сфаќам дека сето ова тешко се голта во Македонија, но токму тоа требаше да биде и целта на опозицијата на Скопје2014 - да создаде заедничка точка на интерес околу која ќе се сплотат различни групи (секоја со своја поширока агенда?), но кои ќе понудат дискусија во врска со политичко-граѓанскиот аспект на проектот. Тоа не се случи. Можеби премногу се разликуваме од Хрватска и тоа е добар изговор, но можеби требаше малку повеќе напор за да се артикулира една јасна порака што ќе биде приемчива за поголем број луѓе.
На крај, ќе беше убаво да видиме како независната сцена (сфатена што е можно пошироко) во Македонија се здружува околу едно прашање - со што ќе го докажеше и своето постоење, но наместо тоа ќе живееме со уште една епизода на меѓусебни потценувања и обвинувања.
1 Comment
А кое е политичкото прашање
Submitted by дамјан (не е верификувано) on
А кое е политичкото прашање уствари?