Пред околу година и половина пишував дека избирачкиот список стави крај на заштитата на личните податоци. Во пресрет на новите локални избори, и покрај тогашната интервенција на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), ситуацијата не е сменета. На веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК) сѐ уште можете да добиете име и презиме, матичен број, адреса и гласачко место на кој било граѓанин со малку компјутеризирано кликање по нивните форми.
Еден од начините да се спречи оваа и други злоупотреби на лесно достапниот матичен број е негова промена во нешто што не е така едноставно за пресметување и само по себе не оддава лични податоци како ден, место, година на раѓање и пол. Во рамките на проектот „Граѓаните во Собранието“, од Слободен софтвер Македонија предлагаме токму ваква реформа на структурата на матичниот број на граѓанинот. Практично, тоа значи промена на членот четири каде што е дефинирана структура на матичниот број.
Следејќи го ветувањето на владата предводена од СДСМ дека државата ќе го слуша граѓанскиот сектор, ова е добра прилика за повикување на тоа ветување и барање реформата за матичен број да се вклучи во два значајни проекти на владата и ДЗЛП кои се во тек: ДЗЛП има повик за консултации за новиот Закон за заштита на личните податоци, а владата ја забрза постапката за регистрар на население.
Новиот Закон за заштита на личните податоци би требало да предвиди дека личен податок на граѓанинот може да биде и друг број којшто би му го доделил надлежен орган. Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи, согласно напатствијата на владата за регистарот на граѓани, би требало да предложат промена на структурата на матичниот број и/или нов број којшто ќе го заменува матичниот број на личните документи во фази, но кој ќе биде дел од податоците што ќе се чуваат во регистарот, така што со тек на време, а без дополнителни трошоци на граѓаните, сегашниот матичен број ќе биде исфрлен од употреба. Ова е реформа којашто е спроведена во регионот. Примерот по кој што можеме да се водиме и кој тргнува од горе-долу иста основа поради заедничкото (законско) минато и иста структура на матичен број, а бил и од агендата за приближување кон Европската унија, е Хрватска.
Се разбира, ова нема да го реши проблемот што сега го имаме на веб страницата на ДИК. Но, можеме да се надеваме дека реформа на матичниот број на среден рок ќе овозможи генерално подобра заштита на личните податоци на граѓаните, а пред сѐ оние кои што тој моментално очигледно ги содржи.
Првично објавено на Радио Слободна Европа.