March 2014

Што би направил Брајан Боитано на претседателските избори во Македонија? - Набрзинка за изборите 2014.

Tags: 

Па, го правевме муабетов денес на кафе со Игор во присуство на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ на соседната маса, така што ајде да го пишам и вака на интернет.

Најверојатниот начин Стево Пендаровски да биде следниот Претседател на Републиката е да победи во прв круг.

Втор круг ќе биде тежок затоа што ќе има и парламентарни гласања, повеќе притисоци, гужви итн. Ако воопшто има
втор круг за Стево.

Да сум јас ВМРО-ДПМНЕ ќе гледам да ги пресметам бројките во втор круг да оди Иванов и кандидатот на ГРОМ и потоа е лесна работа. Ако ДУИ навистина бојкотира, како што најавуваат, бројките веројатно може уште полесно да се пресметаат.

Според некои податоци што ги гуглам минатиот пат Иванов освоил 106.286 гласови, а Фрчкоски 63.645. Ако ВМРО-ДМПНЕ може да си гарантираат повеќе гласови од ова, тогаш може да ги поделат во прв круг (а неважечки ливчиња за Стево сигурно исто би помогнале) и битката е добиена. Некој што ги следи актуелните бројки може да допише колку е ова веројатно и возможно. (Можеби дури собирањето потписи за Иванов и за кандидатот на ГРОМ беше тест на овој модел.)

Од друга страна Стево нема шанса да победи во прв круг без поддршка од ДУИ. А СДСМ нема што баш да им понуди ним -- бидејќи горе-долу сѐ си имаат (Можеби шеф на кабинет да биде Албанец? Ама тоа и не е којзнае каква зделка). Но, иако зделки сигурно ќе се прават, тоа што ќе биде потребно е моментум дека првиот круг е клучен за многу повеќе работи од политичката кариера на Стево, па и на другите од СДСМ.

Најдобрата кладба на ВМРО-ДПМНЕ веројатно е дека СДСМ нема капацитет да направи таков моментум.

Кој е Брајан Боитано? (За оние што не знаат.)

Зошто „Гоце Делчев“ нема да го спасат студентите што живеат таму?

Tags: 

Привилегија е зборот што се чита кога ги читам сите коментари за „Гоце Делчев“

Сум бил во „Гоце Делчев“ два пати. Тоа беше помеѓу 2002 и 2004. Уште тогаш ситуацијата во домот беше очајна. Не се сеќавам точно, но ми се чини дека луѓето што ги посетив тогаш, доаѓаа порано затоа што мораа да најдат соба со некакви подобри душеци — веројатно некои на кои што може да се спие. Потоа ги преместуваа душеците од таа соба во нивната која што, ако воопшто имаше, имаше душеци од кои висеа федерите.

Несомнено, ситуацијата денес е полоша одошто што била пред 10 години. Но, факт, ситуацијата и во 2004 беше очајно лоша по било кој стандард. И факт, секој кој имал барем некаков познаник од факултет со кого скршил бар два лафа муабет знае за ова без разлика дали ги видел дистописките слики на ентериерот или не. Со други зборови ова не се вести.

А сега, еве уште нешто што не е вести: студентите што се во „Гоце Делчев“ најверојатно нема да се побунат за ситуацијата во која се наоѓаат. Не се побуниле ни во 2004, ни во 2007, ни во 2010… Во суштина назад сме на дискусијата за привилегија и во крајна линија неможноста на тие што се во привилегираната група да го препознаат тоа и да понудат солидарност.

За сите од Скопје, обидете се да сетите дали некогаш сте спиеле на душек од кој федерите бодат нагоре во вашето торзо. Или замислете дали можете да живеете со стотина евра месечно? Под претпоставка дека студентите плаќаат 55 евра за сместување во „Гоце Делчев“ и добиваат некој сличен џепарац од дома. Споредете го тоа со вредноста на леглото во просечен скопски дом, ручеците на мама и искачањето на кафе. Позицијата на децата што престојуваат во „Гоце Делчев“ практично е незамислива за било кој што се вклопува во скопскиот профил. Така, мора да ни биде јасно дека во „Гоце Делчев“ се најсиромашните наши сограѓани. Тоа се деца чии што родители немаат роднини во Скопје, немаат стан во Скопје, немаат пари за кирија за стан во Скопје или било која друга варијанта. Од дома веројатно се пратени со мислата дека во Скопје треба да учат, за да завршат и да најдат подобра работа за подобар живот. Никој таков човек нема да ја ризикува таа шанса затоа што другата опција е враќање назад во сигурна сиромаштија.

Затоа всушност повиците за тоа студентите од „Гоце Делчев“ да се организираат и сами да си помогнат се цинично ликување од класата што може да си помине (и/или си поминува) подобро. Вистинската помош треба да дојде во форма на протест на колегите кои имаат повеќе. Институциите да се напнат преку луѓето кои им се поблиски на тие институции. Со други зборови — да се покаже солидарност. Потоа сиромашните студенти ќе се придружат, а и да не се придружат —обидот да им се помогне ќе си фати свој тек. Сите други варијанти се игнорирање на фактичката ситуација и замижување пред класниот јаз.

Секако, ова не значи дека меѓу 1200 деца во „Гоце Делчев“ нема некои што се целосно свесни за ова. И тие можеби можат да застанат во првите редови. Сепак, редовите зад нив мора да ги пополни „средната класа на Скопје“.