May 2005

Догледање македонска софтверска индустријо?

Tags: 

Помина прилично време од појавувањето на писмото на намери кое го потпишаа Владата на Република Македонија и Мајкрософт. Во случај да сте заборавиле што се вели во писмото, еве ја точката А.

A. Стимулирање на развојот на модерната ИТ индустрија во Република Македонија со цел Република Македонија да стане европска средина во која се користи и се развива солиден софтвер.

Зошто ми текна да пишувам за ова? Бидејќи вчера (17.05.2005), на голема реклама во весник видов дека некој извесен {Македонски софтверски тим}, под покровителство на Мајкрософт Македонија, на OSL (Open Subscription License) клиентите им подарува некакви Македонски бизнис алатки. И, што е поважно (и има врска со точката А), две од софтверските решенија се изработени од македонски ИТ компании - според информациите во денешните весници. Така, на прв поглед, личи дека можеби имаме некакво стимулирање на развој (макар и тоа било развој на неслободен софтвер), нели? Сепак, првиот поглед може да лаже.

Овие алатки вклучувааат апликации за издавање патни налози, водење на благајна, набавки, евиденција на годишни одмори, отсуства. Значи, ако сте фирма и сте го лиценцирале Мајкрософтовиот софтер за време на онаа акцијата кога требаше да се внимава да биде легално, сега добивате сноп на апликации кои инаку ќе требаше да ги купите. Ако сте пак фирма која живеела од продавањето на вакви апликации од сопствено производство на македонски клиенти, ова значи дека најверојатно ќе останете без работа.

Секако, овде има дополнителни трикчиња кои со голема веројатност би предизвикале таков расплет. Во првите две години користењето на овие алатки е бесплатно (повторно според информациите во дневниот печат). Значи дури некаде мај 2007 фирмите ќе треба да платат лиценци за овие софтверски алатки, а дотогаш ќе можат да ги користат гратис. Познавајќи ја бизнис практиката на Мајкрософт, би се обложил (во една лиценца за Лонгхорн :)) дека до 2007 ниедна македонска фирма нема да произведува вакви или слични сопствени софтверски
решенија кои ќе може да им ги продава на други македонски фирми кои имаат некакви софтверски потреби. Тука некаде би завршила приказната за стимулирањето.

Конечно, уште една мисла ми паѓа на памет. Ваквото (или слично на ова) однесување на Мајкрософт во некои други земји (ЕУ), е надвор од законот. Ви текнува на онаа казна од 613 милиони долари што Мајкрософт треба да ја плати заради тоа што во ЕУ сака да ја искористи моќта што ја има на пазарот на оперативни системи за да ја задуши конкуренцијата на пазарот на апликации за мултимедија? Може ли оваа наша ситуација да се протолкува на сличен начин?

Windows Media Player-от е бесплатен, го добивата кога купувате лиценца за оперативниот систем Windows. Македонските бизнис алатки се бесплатни (сега за сега во првите две години), ги добивате ако (и најверојатно кога во иднина ќе купите или обновите) сте купиле лиценца за оперативниот систем Windows.

Тоа е тоа.