Секогаш сакам кога причината да напишам нешто на блогов е убава.
Вчера бев во Куманово на промоција на поетската збирка на Фросина, книга што таа се обидува да ја издаде од 2006 година кога на конкурсот „Ацо Караманов“ за најдобра небјавена збирка добива прва награда.
Па книгата „Модерен светец“ конечно е издадена и чини (симболични?) 130 денари. Самиот чин на објавување на хартија си има и своја вредност (додуша можеби не толку голема за луѓето како мене што сѐ ставаат на интернет :)).
Промоцијата беше интересна, без многу формалности (скоро ич) и поезијата беше испреплетена со музички изведби на гитара, клавир и тромбон што за мене беше пријатно изненадување
Па сега да споделам и една песна. Личен фаворит ми е „Кавга“ од стр. 79 (иако морам да кажам дека не се разбирам баш во поезија), но тука нешто пократко:
Инцидент
Моја е вашата цреша!
Никогаш нема да згрешам
со туѓа јас да ја смешам -
моја е вашата цреша!
На самиот врв ќе се качам,
гранките да ѝ ги решам.
Ќе украдам сѐ што е ваше
берејќи ја мојата цреша.
Ако ли куршум ме стаса
ко малото Ромче, се тешам:
не ќе биде никогаш ваша
повеќе мојата цреша.