Submitted by Новица on
Tags:
Мојот текст „Идеалот за четвртиот столб“ добил 2 коментари на страницата на Радио слободна Европа. Еден од нив е класично тролање (нема пермалинкови до коментарите на РСЕ, скројалте најдолу за да го видите). Но и покрај тоа, е вреден и затоа сега правам дополнителен осврт на темата.
Коментарот вели: потсетиме уште еднаш Новица, кој те плаќа тебе и вашиот „слободен“ 4 столб од РСЕ? Како беше, чичко... чичко Сем ли беше... или Цијата ли беше...
http://en.wikipedia.org/wiki/Radio_Free_Europe/Radio_Liberty#Relationshi....
Историјата на РСЕ е полна со контроверзи. Нивната поврзаност со ЦИА е само една од спорните точки. Впрочем РСЕ е формирана за анти-комунистичка пропаганда во Европа (според истата страница на Википедија).
Мојот текст никаде не вели дека РСЕ е пример за т.н. „четврт столб“. Напротив, за пример го зема Викиликс, кој и во САД не може да ги ужива правата кои ги имаат другите традиционални медиуми. Но, бидејќи не живеам во Америка, немам што многу да правам за нивните медиуми.
Затоа, настрана од анализата на фактите за РСЕ, самото постоење на испостава на РСЕ во Македонија е доволно кажувачко: истата страница на Википедија вели дека РСЕ постои во земји каде „слободниот проток на информација е или забранет од владата или не е целосно развиен“. РСЕ е под јурисдикција на Конгресот на САД значи, по мислењето на некој комитет таму (меѓу парламентарците на САД) ние (Македонија) припаѓаме на оваа група на земји, кои не се претерано фино друштво (мапа има тука: https://en.wikipedia.org/wiki/File:RFE_Broadcast_Regions_crop.jpg). Со ова не сакам да ги омаловажам или поинаку навредам другите земји, но анализата ја сместувам од гледната точка на САД која патем е најголемиот сојузник на Македонија.
Со други зборови, накратко речено, што се однесува до САД, медиумите во Македонија се горе-долу на исто ниво како во Русија, и оттаму испостави на РСЕ. А кај нас, од истата таа позиција на сојузништво со САД всушност во домашниот печат лесно се коментира за Путинизацијата на Русија и намалувањето на човековите права и медумските слободи.
Сѐ на сѐ, коментарот кој алудира на циашката поврзаност на РСЕ ја потврдува главната поента на текстот - дека во Македонија нема независни медиуми, кои пред се се одговорни на јавноста, и кои ја зборуваат вистината за граѓаните да можат да носат информирани демократски одлуки.
На крај, можеби сосема пригодно, текстот кој се обраќа на состојбата на медиумите во земјава за жал се појави во РСЕ, а не во некој од домашните медиуми.