Реторика на истребување

Tags: 

Во оние ретки прилики* кога го посетувам Окно на мониторот најчесто се појавува некоја колумна од автори (под псевдоним или не) во врска со тековната ситуација во македонското општество.

Досегашниот впечаток е дека тие текстови се опозициски, т.е. воглавно се напишани како критика на моменталната влада, власт, политика, идеологија. Окно и луѓето формално или неформално околу него, кои имаат некакви односи или врски (како ГЕМ на пример), сакаат да се прикажат себе си како некаква граѓанска опозиција - за разлика од политичката (што е отелотворена во политичките партии) и инсистираат на независност.

Проблемот што јас го имам со сето ова е следен:

Штом почнам да читам некој текст најчесто (значи не велам секогаш) читам говор, обраќање кое многу не се разликува од било која прес-конференција на политичките партии. Ова е видно не само во текстовите кои се појавуваат на Окно, туку и во коментарите што се објавуваат под нив. Нема различен јазик помеѓу војниците од двата табора (тие кои го фалат и тие кои го кудат авторот на некој текст или изнесените ставови).

Ако владејачката и опозициската партија можат да си дозволат една ваква реторика на истребување во битката за фотељите, и ако јавноста може тоа да го прифати за нормално, и ако условно речено граѓанската дебата не носи ништо ново, тогаш која е поентата?

Јас (веројатно и многу други) ќе седам на страна и ќе се чудам на времето и ресурсите што се трошат, а веројатно и ќе чекам да видам кој ќе победи.

Ако мојата цел беше да организирам или поттикнам некакво граѓанско движење за хм... подобро утре, тогаш првата точка на дневниот ред ќе ми беше да формулирам некаква идеја и да пробам да ја обединам заинтересираната јавност зад неа. Немаше да го правам тоа преку вербално унаказување на сите други кои се, не се, или едноставно ги заболе за таа идеја.

Мислам дека ова е важна лекција што треба да се научи.

*Велам ретки бидејќи имам проблем со тоа дека од страницата преку rss/atom каналот не доаѓаат целите текстови, а имам впечаток дека и така како што доаѓаат - доаѓаат со планирано доцнење. Претпоставувам дека што и да се прави - се прави за да се привлече публика на страницата. Но, идејата дека читателите треба да го најдат текстот, а не тој нив, на интернет, во денешно време, ми се чини комплетно утната.

1 Comment