Submitted by Новица on
Tags:
Ако имаше една тема што се провејуваше на самитот на Мозила во Вистлер, тогаш тоа е инсистирањето на водечките луѓе дека Мозила не е (само) произведувач на софтвер. Она што започнало како проект да се испорача технологија, веќе не е тоа туку повеќе - Мозила сега е за луѓето.
Без разлика дали оваа промена е од сега, или пак сега само е за прв пат доволно јасно искомуницирана со јавноста (или пак јас конечно едвај сум ја сфатил), таа носи со себе и практични и идеолошки (во принципите, вредностите) поместувања во она што Мозила го работи.
Покрај тоа што е фондација, корпорација и име на производ, Мозила сега е и движење. Движењата обично се поврзуваат со општествени прашања. Така слично како движењето за слободен софтвер, движењето на Мозила за отворен интернет во преден план ги става корисниците, нивните права и слободи, приватност и заштита на интернет. Ако порано придржувањето кон стандардите беше за да им биде полесно на тесниот круг на изработувачи на веб страници, сега тоа за сите луѓе.
Ми се чини дека Firefox е сѐ уште многу важен, но ќе биде само додека начинот на кој комуницираме се прави преку прелистувач. Ако технологијата отиде напред кон други и поинакви начини на комуникација и интеракција, а Мозила остане верна на својата идеја за лидер во овозможувањето на околина на интернет која е базирана на вредности и принципи што не се за профит, туку се пред сѐ за луѓето, тогаш Firefox може да го замениме со следното-најдобро-нешто што ќе се грижи за нас на подеднакво добар начин во рамките на движењето што Мозила сака да го предводи.