Дали ако си под CC..?

Tags: 

Изминативе денови делата издадени под лиценци на Creative Commons беа прилично застапена тема на Интернет во земјава. Така имаше интересна дискусија на блогот на Калина, а и Кајмакот популаризираше две вести за дела издадени под некоја од Creative Commons лиценците.

Коментарите ми фатија око. На некои места ме изнанади неинформираноста, а на некои реториката за авторски права.

1. Заштита според закон

Многумина не знаат дека Законот за авторски права им дава на авторите автоматска заштита во моментот кога е креирано делото. Постојат разлики помеѓу законодавството во САД и континентална Европа (како некои концепти од кои другите земји пресликуваат), но главното е дека делото автоматски станува заштитено според закон. Зашитено во смисла дека правата на прикажување, изведување или умножување се исклучиво на авторот, барем во физичкиот свет. Онаа реченица „Сите права задржани“ што може да се прочита на книгите или дисковите, најчесто значи дека издавачот ги задржува правата. Воглавно, авторите кои доживеале издание во традицонална смисла на зборот веќе пренеле голем дел од правата на издавачот. Ако ве интересира кои сѐ права ги има авторот можете да го земе македонскиот закон, кој патем е во духот на континенталното право.

2. Како Интернетот ги менува работите

Реалноста и тековната пракса секогаш значително се менува со појавата на нови технологии. Во многу презентации и Ричард Сталман и Лоренс Лесиг го објаснуваат ова (темата исто така ја покриваат и филмови како Steal This Film). Она што главно најлесно може да се забележи кога станува збор за Интернетот и компјутерите е дека копирањето (едно од законски загарантираните права) се случува автоматски, дури и без да сака корисникот.

Ако сурфате на Интернет и ако имаат вообичаено поставен прелистувач тогаш речиси сигурно веќе имате копија од овој текст (се наоѓа во кешот на прелистувачот, можете да го гледате и кога ќе одберете Work offline (Работи локално во македонскиот Firefox)) без разлика што законот ми вели мене како автор дека јас одлучувам кој и како ќе го копира моето дело.

Ова е тривијален пример во однос на другите начини на копирање на музика, филмови или текстови на Интернет (Peer2peer, bittorrent итн.). Сепак примерот е доволно добар за да се забележи огромното поместување кое технологијата што станува секојдневие го носи.

Она што е клучно е тоа дека авторското право во Интернет ерата, е сѐ помалку корисен модел за било каков бизнис.

3. Заштита или ослободување со CC?

Затоа чудно е, ако не и смешно, кога луѓето мислат дека со помош на некоја од Creative Commons лиценците ќе го заштитат своето скапоцено дело на Интернет. Ако делото не може да го заштит RIAA со својот All Rights Reserved, тогаш како тоа ќе го стори Some Rights Reserved на CC?

Точно е дека CC успева да реши некои проблеми и да промовира поширок избор во објавувањето. Но, лиценците главно се применливи во земји каде правниот поредок функционира (САД е добар пример). CC или не, тешко дека македонските судови ќе направат нешто корисно во врска со правата на авторите (патем, не сум ни со мислење дека треба да се прави нешто посебно). Така што сите што мислат дека ќе добијат некој вид на заштита... се зезнале.

Во Македонија Creative Commons може да биде трендовски белег на блоговите и некои други дела или до некаде добар беџ за правење на некаква политичка изјава. Иако, за последново далеку покорисни се некои други иницијативи, како на пример дефиницијата за слободни дела од областа културата.