Велес: Јавна дебата за Националната стратегија за информатичко општество

Tags: 

„Добро бе луѓе, што зборувате за вакви или онакви високи технологии. Доста со тие сложени зборови. Дајте телефони барем да имаме. Во моето село луѓето обичен телефон немаат. Плаќаат по 500 денари, а не ни разговараат.“

Вака отприлика изгледаше еден од коментарите кои присутните ги дадоа после презентацијата на Националната стратегија за информатичко општество, одржана денес во Велес.

Претпоставувам дека цел извештај за јавната расправа ќе се појави на веб страницата на Метаморфозис, па затоа овде ќе позборувам само за две-три работи кои, ете, ми останаа во глава.

Значи, станува збор за Националната стратегија за информатичко општество. Дали знаете што е тоа информатичко општество?

Според сите книги, т.е. учебници на оваа (и слична тема) на Економскиот факултет во Скопје, информатичко општество е општество во кое доминантен дел од работната сила се занимава со производство на информации и знаење и на тоа слични активности. Информатичкото општество е директен наследник на индустриското општество, каде пак, за илустрација, доминантен дел од работната сила се занимава со индустриски дејности, пред се производство на материјални добра. За повеќе видете што вика Википедија.

Искрено речено, не можам да видам како оваа стратегија, достапна овде, ќе предизвика, помогне, поттикне, или нешто слично, едно такво преструктурирање на македонската економија. Сега за сега, ми делува само на некој план за пренос на разните служби од хартија на PC, што на крајот на краиштата и не е некоја јака штикла. Како што рече друг присутен господин: „Како ќе ги натераме тие што треба да ги даваат информациите навистина да го прават тоа?“. Но добро, сеуште не сум ја прочитал целата стратегија, па можеби нешто ќе ми се разјасни околу ова shift-от на нашава економија кога ќе завршам со читање.

Назад на прашањето на господинот. Господинот Јани Макрадули, од КИТ, или од Собранието на Ребуликата, одговори дека новиот Закон за пристап до јавните информации ќе ги обврзувал луѓето од службите да го прават тоа. Не сакам да бидам песимист, ама имаме прилично закони кои обврзуваат некои луѓе да прават некои работи, ама никако фајде од нив да видиме. Најблизок пример до оваа тема е истечениот монопол на Македонски Телекомуникации, кои еве веќе два месеци треба да доистече до крај, ама некако тешко му оди.

Да не биде без ич, и слободниот софтвер се спомна на трибината. Таму, како претставници на Слободен софтвер Македонија присуствувавме јас и Дамјан. Прашањето кое Дамјан го упати до господинот Макрадули беше зошто во стратегијата никаде не се споменува слободен софтвер, а тој сепак се споменува во сите документи на ЕУ кон кои референцира самата стратегија? Господинот Макрадули одговори дека стратегијата има намера да биде brand-free, но вели Дамјан, слободниот софтвер не е brand. Тоа е технологија исто како интернет. Господинот Макрадули одговори дека трибините се баш за таа намена, да се добиеле коментари кои ќе се земеле предвид.

Но интересно, Националната политика за информатичко опшество (достапна овде), документ кој е некако претходник на оваа стратегија (додуше можеби двата документа се надополнуваат, или се комплементарни, или пак се во некоја друга сложена врска), не е brand-free и покрај забелешките кои некои од претсавниците на Task-force-от ги упатиле во врска со ова. Погодувате, во политиката се споменува никој друг, туку Мајкрософт и стратешкото партнерство кое го има тој со Владата на Република Македонија. Толку од заложбите (или барем конзистентоста во заложбите) за brand-free работи.

Како-така, трибината/дебатата заврши. Потоа отидовме во компјутерскиот центар на општината Велес. Таму луѓето ни покажаа што направиле за својата општина да ја приближат кон е-општина. Едно такво нешто беше on-line популнување на барање за употреба на јавен простор (не знам дали ова беше точниот назив, но да објаснам тоа е она барање што треба да ви го одобрат за да ставите чадор и маса на тротоар ако имате кафана). И, интересно вели човекот таму, дека никој велешанец досега не испратил такво барање преку интернет. Видовме во Велес кафани, така што не е дека нема кафани, па да нема кој да прати. Друг можен одговор на оваа мистерија е дека штом ќе помине инспекторот за чадори, кафанџиите му тураат една ракија и си добиваат дозвола - но нема ваљда корупција во Велес... Последна опција е дека луѓето едноставно немаат компјутери и интернет, па не ни можат да ја користат таа услуга. Значи, џабе услугата. Штом никој не ја користи, таа нема никаква вредност. Толку од on-line услугите.

Интересно е што стратегијата предвидува т.н. јавни точки за пристап (ако ја читате ќе ги најдете во делот е-граѓани). Овие точки би требале да бидат во општината. Значи, за да дојдам до on-line услугите кои ги нуди општината, треба да одам до точката со компјутери која се наоѓа во зградата на општината... Хм... Зошто да не отидам тогаш директно до шалтерот?!? Да, да, знам, во точкава ќе можам да сурфам и на страните на министерствата, па барем нема да морам да одам до Скопје... ако сум од Велес...

Вакви точки, вели господинот Макрадули, може да има и во основните училишта во помалите места. Знам, вели тој, дека е помалку утопистички да се става скапа опрема во простории во кои прокиснува таванот, но мораме да се обидеме...

Што знам па јас, ако не прегори опремата од водата, може и ќе биде добро.

Пред некое време запознав еден човек кој претходно во животот немаше видено компјутер. Станува збор за возрасен човек, 40+ години. Човеков го гледа компјутерот и се чуди. Го фаќа глушецот и не знае што е тоа, а камо ли да знае да го држи и управува. Се чини дека има премногу раце во Македонија кои не знаат да држат глушец, и многу подобро се снаоѓаат со лопата или секира или пак, пенкало или дигитрон. Далеку сме од информатичко општество, тоа е сигурно. Она што сеуште не е сигурно е дали оваа стратегија и целата фрка околу неа ќе бидат на место, како што треба, корисни, или ќе бидат уште едно млатење на празна слама.

П.С. Како дел од активностите од стратегијата ќе има и голема кампања. Билборди, реклами и слични светкави работи. Замислете некако тие пари да се пренасочеа за поефтини компјутери.