Некои белешки по Е-општество 2010

Tags: 

Е-општество 2010 беше на тема „Е-влада за зголемена ефикасност и транспарентност“.

Насловот сам по себе имлицира дека обичната, не-е-влада, не е доволно ефикасна и транспрентна. Како тоа владите бидувале ефикасни и транспрентни пред компјутерите да постојат? Заклучокот што се наметна, посебно по тркалезната маса, е дека голем број од решенијата за е-влада се прават ради-реда и со ова на ум, се чувствувам како во афоризмот: ако сѐ што имаш е чекан, тогаш секој проблем личи на шајка. Компаниите, програмерите, донаторите и државните имплементатори со предзнак „Е“ имаат богами токмак.

Проблемот со ефикансоста не се решава со компјутери или софтвер. Ако работиш тогаш компјутерот може да ти ја забрза работата. Ако не работиш, тогаш не работиш - компјутер или пенкало исто се фаќа. Најчестата реплика што го илустрира ова е: „Системот ми е заглавен“.

Додуше со ова не сакам да ги омаловажам напорите на сите луѓе што се вклучени во овие проекти. Дури и кога работата околу апликациите за е-влада се прави несмасно, употребата завршува онаму каде што по општиот впечаток на јавноста, во главно, не се работи.

Транспарентноста, од друга страна, веројатно е подобрена – барем за оние примери што ги чувме. Но со софтверот, сигурен може да се биде само кога ќе се види кодот.

А кога сме кај кодот, симпатични ми се напорите на компаниите кога објаснуваат дека треба да се заобиколува Законот за јавни набавки за да, кога има веќе набавено решение, подобрувањата ги прави повторно истата компанија. Аргументот е дека некој друг не би можел така хм... ефикасно да се снајде во кодот.

Мислам дека со обртот на програмери во програмерските куќи каков што имаме во Македонија, еден ист тим не работи на ист код на повеќе од едно издание. Ова можеби не е точно за сите, но сигурно е за поголемиот дел од компании, каде единствен траен човечки кадар е директорот што ги договара зделките. А зошто ли, ако се бара подобра транспрентност, во договорите за набавка на софтвер не стои дека нарачателот треба да добие не само софтвер, не само код, туку добро документиран код? Така е впрочем со другите набавки – на пример, ако правите нова електрична инсталација, сигурно ќе добиете копија од комплентиот проект каде се гледа каде оди секој кабел. Сѐ некако софтверските компании сакаат да имаат посебен третман.

Но, можеби тоа што беше најразочарувачко е заклучокот дека и по многу години некои елекронски услуги / решенија не функционираат онака како што треба. Во кратката презентација што ја претстави Националната поликата за слободен софтвер го спомнав софтверот за пресметка на плати и обрасците за завршна сметка од Централниот регистар – две решенија за чија употреба потребен е софтвер што го произведува само еден производител. Паралелата што ја направив е дека ако се вратиме назад во пред „Е“ времето, тогаш овие две услуги би требало да бидат достапни само ако се пишува на Moleskine хартија со Parker пенкало. Но, ваков екслузивитет никогаш не постоел. Зошто сега опстанува?

Овие два примери, на разни конференции, настани, предавања и средби со медиумите, ги спомнуваме веќе 5 години. Да се надеваме дека до следното издание на конференцијата Е-општество овие, а и многу други примери, ќе бидат минато.

5 Comments

Само накратко би сакала да

Само накратко би сакала да искоментирам дел од текстот на анонимниот автор. „Проблемот со ефикансоста не се решава со компјутери или софтвер.“ - ова е сосема точна изјава, меѓутоа во текот на конференцијата, на неколку пати јасно се нагласи, за жал некој не слушнал, дека компјутерот и софтверот се само алатки за зголемување на ефикасноста на јавната администрација, а дека при имплементација на било кое е-влада решение претходи спроведување на дооооооооолга листа активности пред самиот развој на софтверот и неговата достапоност преку компјутерите на крајните корисници, како и уште подолга листа на активности по пуштањето на софтверот во употреба. Беше јасно нагласено дека при имплементацијата на голем број од денес достапните решенија за е-влада, интензивно се работеше на поедноставување на хартиените процедури, намалување на трошоците, елиминирање на вишокот и непотребни хартиени документи, јакнење на капацитетите и менување на свеста на државните службеници кои во своето работење го воведувааат новиот „е“ начин на работење...и еден куп други активности во насока токму на креирање на по-транспарентна, по-ефикасна и помалку-корумпирана јавна администрација...

За крај сакам да кажам само уште една работа: Додека не престанеме самите да си ги плукаме и добрите работи кои се прават во оваа држава, од нас никогаш нема да биде држава.

Голем поздрав и убав викенд до сите.

Зарем мора коментаров да има

Зарем мора коментаров да има огромен наслов?

@Елена

Точно компјутерите (составени од хардвер и софтвер) се алати што ги користиме. Но, полесно ќе ги разбереме ако ги гледаме како што работат засилувачите на радио сигналите. Имено, ако во оригиналниот звук (сигнал) има одреден шум, тогаш со засилувањето се засилува и шумот. Тоа е неизбежно. Исто е и со администрацијата, ако неко работи со грешки, несовесно и неефикасно без компјутер т.е. со шум, тогаш компјутерот само ќе го засили тоа.

Исто така, бидејќи сум програмер, можам да кажам нешто во врска и со: „претходи спроведување на дооооооооолга листа активности пред самиот развој на софтверот“. Имено ако долгата листа на активности е припремањето на барањата за софтверот, тогаш самото пишување и тестирање на софтверот пред да се пушти во употреба би требало да биде барем толку дооооолго, но најчесто треба далеку повеќе време за развој, тестирање исправање и конечно обучување на корисниците.

За жал после доооолгата припрема, не сакам да коментирам што и како е пред да се добие некој тендер, но откако тоа е веќе готово, во фирмата на изведувачот, обично, се склопуваат или најдуваат моментално слободни аналитичари, програмери, тестери итн. и од нив се бара за невозможно краток рок да го изведат она што некој друг го замислил. Најчесто процесот е хаотичен и завршува со не толку квалитетна изведба на решението.

Затоа, овие алати уште повеќе додаваат на „шумот“ т.е. неефикасноста и уште повеќе ги зголемуваат проблемите. Пример за тоа е и одбирањето на несоодветна основа за развивањето на софтверот која што ги обесправува самите граѓани, т.е. им го скратува изборот на хардвер и софтвер што можат да го користат. Овој (не)избор ги приморува да купуваат дополнителен комерцијален софтвер само за да ја остварат основната обврска што произлегува за нив од законот. На кратко, со закон се присилени да купуваат софтвер кој што некогаш нема повеќе поддршка дури и од самиот производител на софтверот.

Елена здраво. Ти благодарам

Елена здраво. Ти благодарам на коментарот.

Обично не одговарам на коментари, но еве исклучок.

Прво авторот не е анонимем. Името го пишува и во url-то на блогот а има и цела страница за тоа: http://novica.softver.org.mk/jas.

Второ, не знам зошто и како Е-Влада проектот на USAID се најде погоден од мојот текст кога всушност нуту еден негов дел не се однесува на вас. (Впрочем сакав да пишувам нешто повеќе за тоа како вие работите во врска со прашањата за авторски права што е за пофалба, но за тоа друг пат).

Трето, како и што велиш, а и како што јас велам, компјутерот и софтверот ја зголемуваат ефикансоста. За нешто да се зголеми, прво мора да постои во некаква форма. Мојот коментар е дека за многу луѓе (граѓани) перцепцијата е дека државната администрација не работи воопшто, а не дека не работи ефикасно. Но мислам дека ништо подобро не го илустрира ова од презентацијата на градоначалникот на Штип кој рече дека кај нив се случувало хартиени предмети да се изгубат. Нели? Како може еден примен и архивиран предмет да се изгуби? Некој да го стави во фиока и да го заборави? Или веднаш да го фрли во ѓубре? Ако има луѓе што работат во јавните институции што се спремни на ваков чекор, тогаш што ќе ги спречи да стиснат shift+delete на компјутер?

За крај, ако треба да молчиме за од нас да биде држава, тогаш нека не бидува.

Уште еднаш фала за коментарот.

ОК. Да се поправам/дополнам.

ОК. Да се поправам/дополнам. Можеби (и со право) реченицата за донатори и токмак го погаѓа е-гов и секој друг проект... Но, како што и беше кажано на тркалезната маса донатирите едвај се координирале меѓу себе за тоа да не се повторуваат проекти - за да нема различни решенија за исти проблеми/проекти - за да не се трошат пари попусто. И како што заклучивме, и таа малку координација била неуспешна.

Тоа што сега овде се кажува јавно (пред ограничената публика на овој блог) не значи дека тој што ја пренесува пораката треба да е одговорен за таа состојба, нели?

Здраво Новица, Прво да се

Здраво Новица,

Прво да се извинам што згрешив во врска со „анонимноста“ на твојот текст, но во цело брзање при крај на работно време, а по завршување на уште една напорна недела, не сум видела дека авторот на текстот е потпишан.

Второ, воопшто од твојот текст не го видов Проектот за е-Влада како погоден, иако од твоето дополнување дури сега ја согледувам критиката која била упатена, а која повторно мене и проектот не не засега, пошто во своето работење секогаш сме гледале да се координираме со сите засегнати страни во процесот на имплементација на сите е-влада решенија кои беа воведени со наша поддршка.

Трето, јас одговорив на твојот текст, токму од причина што НЕ сметам дека треба да се молчат работите во оваа држава, и се согласувам со тебе дека доколку треба да се молчи - нема потреба од таква држава. Мојот коментар беше во сосема поинаква конотација, а не во насока на молчење, сакав да нагласам дека тоа што ни недостасува е истакнување на позитивните работи кои се направени, за жал добра вест на денешно време кај нас е лоша вест. Само тоа сакав да го кажам, пошто ми е навистина криво кога ги гледам државиве од регионот, кои иако имаат многу помалку направено на полето на развој на е-влада, сепак со добрата пропаганда, создаваат впечаток дека којзнае што направиле.

Четвртиот мој коментар се однесува на коментарот на аждер, а се однесува на дооооооооолгата листа активности кои барем ние како проект, неможам да зборувам во името на другите, сме ги спроведувале пред самиот развој на софтверот. Кога напишав дооооолга листа на активности во ниту еден случај не мислев само на изработка на техничка спецификација. Ние пред самото пишување на техничките спецификации, во тесна соработка со сите идни корисници на софтверските решенија, работевме интензивно на целосно поедноставување на хартиените процедури, во многу случаи и на укинување на одредени непотребни хартиени документи, кои до претходно се барале при спроведување на конкретната процедура, редуциравме трошици за крајните корисници секаде каде што беше возможно, менувавме легислатива, одржувавме еден куп координативни средби, итн итн....е после сите овие чекори пристапувавме кон пишување на техничките спецификации и објавувавме тендери, на кои секогаш добиваа најдобрите. Што се однесува на листата по испорака на првата верзија од софтверите, во право си - секогаш беше драстично подолга од листата пред објава на тендерот: посветувавме огромно внимание на тестирање, во кое беа вклучени проект менаџерите од нашиот прокет на секоја од апликациите, институциите кои согласно закон се јавуваат како управувачи на конкретните софтверски апликации, но ги вклучувавме и крајните корисници - со што пуштавме во употреба навистина многу квалитетни софтвери, корисни и соодветни за секоја од засегнатите страни. Исто така, огромен дел од активностите на проектот по пуштање на секоја од софтверските апликации, беа насочени кон одржување интензивни промотивни активности и обуки, за илустарција само за електронскиот систем за јавни набавки имаме одржано преку 70 обуки на кои присуствуваа повеќе од 4,000 претставници на државните институции и деловната заедница...да не должам повеќе, пошто се што имаме направено и начинот на кој сме ги вршеле работите е отсликан во книгата која ја промовиравме на конференцијата, а која верувам дека ја имате...

За крај, тоа што сакам накусо да го резимирам од ова што погоре го напишав, а и од она што го напишав во петокот, е дека компјутерите и софтверите дефинитивно нема да ја направат државната администрација поефикасна, по-транспарентна и подобра, но спроведувањето на сите активности кои треба да претходат и да следат при имплементација на кое било софтверско решение - дефинитивно ДА. Тоа всушност беше и е мандатот на Проектот за е-Влада, во што нависти верувам дека до некаде успеавме. Факт е дека има уште мнооооооооооооооооогу работа, само очекувам дека ние како граѓани на оваа држава ќе имаме малку по позитивен и по оптимистички пристап. Да не бевме ние од проектот оптимисити какви што сме, одамна ќе бевме затворени, пошто воопшто не беше лесно.

И јас сакам на сите да ви се заблагодарам за развиената дискусија, пошто ова е тоа што ни е потребно - преку дискусии да доаѓаме до решенијата, или ако ништо друго да учиме едни од други.

Поздрав до сите што го читаат блогов.

Елена