Зошто повеќе не преведувам слободен софтвер?

Tags: 

Вчера во проектот Psi ги испратив последните македонски преводи за најновата верзија 0.13 која треба да биде објавена деновиве. Од многуте проекти за локализација во кои сум учествувал овој за клиентот за Jabber Psi е последниот во кој придонесував.

После шест години активно преведување на Firefox, со него се збогував пред неколку месеци кога речиси сѐ беше спремно за верзијата 3.5. Psi го преведував од неговата верзија 0.6 или 0.7, што сметано по една верзија годишно значи дека и на него сум работел најмалку шест години, иако не можам да бидам најсигурен во оваа пресметка.

Па, зошто се откажувам од две активности во кои сум вложил толку многу време, а на некој начин и пари?

Пресудната причина е што се чувствувам отсечено од општеството. Тешко ми е да одредам за кого или за што би продолжил да преведувам слободен софтвер. Сѐ уште мислам дека преведувањето е корисно за секое општество, а ни оддалеку не помислувам со ова да ми заврши ангажирањето околу слободниот софтвер бидејќи се надевам да придонесувам некако интернационално, но конкретно за моето преведување на македонски јазик веќе не гледам поента.

Секако има тука и други причини, на пример, дека тоа дека после 6 или 7 години добро е човек да направи промена и да си најде некое друго хоби. Или пак, оставањето простор други млади луѓе да се зафатат со вакви етаблирани локализациски проекти. Но, ништо не влијае така пресудно како чувството на отсеченост од поширокото опкружување за кое всушност треба да е наменет преведениот софтвер.

Не знам дали можам да го објаснам ова некако подобро. Како и да е, беше забавно додека траеше, а преводите се достапни на нив да продолжи да работи секој кој е заинтересиран.

1 Comment