Патрони

Tags: 

Моето основно образование го завршив во ОУ „Јосип Брзо Тито“. Тоа училиште денес го носи името „Димо Хаџи Димов“. Вчера бев во ретка и случајна посета на ова место.

Чекав внатре за да не стојам на дождот и гледав што има залепено на ѕидовите. Ја најдов таблата со песни и цртежи за училиштето и неговиот патрон. Таму прочитав песни од дечиња кои велат дека „во срце го носат Димо“, „се горди што училиштето го носи неговото име“, „со радост учат за неговата борба“ и слично.

Да бидам искрен не се сеќавам какви стихови се пишувале кога јас бев во осмолетка. Сепак, ми се чини дека една од критиките на стариот систем за кои ма речиси консензус е дека тогаш главите на децата беспотребно и неоправдано се полнелсе со работи за Тито и другите околу него.

Па, се прашувам што е разликата помеѓу „во срце го носам Димо“ и „во срце го носам Тито“, ставени на огласната табла во основно училиште?

Дали е можно идеологијата никогаш да не ги напуштила нашите училишта? Само имињата да се сменети, а се друго да е останато исто? Или пак нормално е песните за патронот да бидат такви, и такви се секогаш и секаде?

3 Comments

идеологија

Таквата анти-идеолошка критика на „минатиот режим“ е сама по себе идеологија. Документираните процеси на социјализација јасно ги покажуваат методите на тренирање лојалност кон „хероите на времето“ без разлика на општествениот и/или економски систем.

Јас учев у Владо Тасевски.

Јас учев у Владо Тасевски. Неговото име и дело не се славеше тогаш - Тито се славеше. Немам баш впечаток дека у денешно време има идеологија со иста мерка. Во спротивно Ацо и Гоце ќе ги гледаа децата од над таблата.

Интересно е тоа што се

Интересно е тоа што се сеќавам и јас дека за патронатот пишував некои такви работи. Мислам дека не е нешто поврзано со минатиот режим, туку она што се бара од учениците. Всушност учениците „учат“ како да пишуваат такви „патриотистички“ песни токму со читање на таквите за Гоце Делчев, ова она... Таму речиси секаде се споменува „во срце носам Х“ или слични патриотски фази.

Дури мислам дека ако ученикот не ја изврши задачата на пишување песна за патронот на училиштето според тој модел, на него ќе му биде намалена оценката (сега зависи...) или воопшто нема да биде прифатена за истакнување на таблата. Зошто? Бидејќи не ја отсликува „љубовта“ кон патронот доволно добро за сите, големи и мали, стари и млади, паметни и глупави да ја разберат, иако сите знаат дека она што е напишано воопшто нема никаква вистина...

Ниту учениците го сакаат патронот, ниту знаат нешто за него... Тој е само метонимија за училиштето во кое одат. Нема некое посебно значење.

Од искуство зборам. :)