Претставката до УКИМ 15 дена подоцна

Tags: 

Денес е петнаестиот ден откако ја доставив претставката до УКИМ. Тоа е првиот рок што го остава Законот за одговор на претставки, а и две недели се добар период некакво сумирање, па еве преглед на тоа што до сега (знам дека) се случи.

Како повторување, целта на претставката е универзитетот да ги направи достапни на интернет обрасците за комуникација со него и тие да бидат бесплатни. Постојат неколку причини зошто сметам дека досегашната практика на УКИМ е погрешна: 1. Колку што ми е познато ниту една друга државна институција не наплаќа за обрасци; 2. Цените се високи, а обрасците се наменети за група на граѓани што во прицнип се смета за сиромашна; 3. Цените се арбитрарно одредени, т.е. не ја одразуваат вистинската цена на чинење на хартиите и печатењето, што некако мириса и на комерцијален потфат околу печатењето и дистрибуцијата на обрасците.

Обрасците и сѐ околу нив е во надлежност на универзитетот што значи нивната судбина е во рацете на универзитетското автономно донесување одлуки.

Сите овие поенти се вклучени во текстот што на хартија го доставив до УКИМ и потоа го објавив на интернет со цел некој друг студент што исто така смета дека начинот на кој што мора да се дојде до пријави е погрешен да достави претставка до архивата на УКИМ.

За претставката го известив студентскиот правобранител, пред сѐ за тој да биде информиран и во тек. Човекот се покажа како коректен и разменивме неколку пораки за евентуалното негово службено вклучување во постапката. Како што му реков и нему, во моментов не мислам дека службено вклучување на студентскиот правобранител е нужно, но го поканив како студент да ја испрати претставката до УКИМ ако лично се согласува со тоа што во неа го пишува.

Исто така ги контактирав луѓето од Слободен индекс да испратат претставки. Колку што може да се заклучи од разменетата е-пошта, тие како група одлучија да не испраќаат претставки. Исто така, претставкава (или нејзините цели), колку што ми е познато од тоа што читам, не е интересна на уште една група - Академска слободна комуникација (чија поштенска листа за жал е затворена за јавност). Признавам, не сум ги прочитал мисиите на двете групи за да знам дали нешто вакво може да биде дел од нивната работа. Затоа само пренесувам што се случило, и не судам дали тоа е исправно или не.

Сите овие активности го привлекоа вниманието на уште една група - професорите кои се обединети околу списанието VoxAcademica. Нивна желба е во следниот број на списанието да отпечатат нешто во врска со темата користејќи ги текстовите што се објавени на овој блог. Јас се согласив со нивниот предлог.

Исто така, приватно бев информиран дека целава работа привлекла многу like-ови на Facebook. Не сум видел ништо од тоа бидејќи немам сметка таму, но и така и вака фејсбук активизмот не е нешто што е посебно интересно.

Сѐ на сѐ, колку што ми е познато, до овој момент ниту една друга личност што е студент на УКИМ не испратила копија од претставката до универзитетот.

2 Comments

Денес го добив одговорот по

Денес го добив одговорот по мојата претставка од УКИМ. Одговорот не е позитивен, но објаснувањето можеме да го дискутираме дали е валидно или не. Во секој случај цената од 50 денари по образец не е оправдана.

http://www.scribd.com/doc/55312251/odgovor-na-pretstavka-do-UKIM

Поздрав. Прашањето е што и како понатаму?