October 2005

Пушењето е штетно по здравјето!

Tags: 

(...)

Софтверските патенти се како пушењето – тоа почнало со експеримент за подобрување на здравјето. Имало добар вкус и набрзо станало мода. Но, денес пушењето ги убива не само тие што пушат туку и оние кои дишат околу нив. И сепак, многу е тешко целосно да се истреби пушењето. Тие што пушат тврдоглаво го бранат своето право да го прават тоа. Можеби постојат и аргументи кои ќе покажат дека пушењето е добро во некои услови. Но, земено во целост, тоа е навика која заслужува да биде сопрена.

(...)

Marten Mickos, CEO, MySQL AB за (т.е. против) софтверските патенти.

Денес, конференција за е-Општество

Tags: 

Денес, јас и Арангел како претставници на Слободен софтвер Македонија бевме на конференција со име е-Општество.мк. Ќе почнам од крајот: ручекот беше добар. :) Така фино си поминавме, имаше интересни фаци, смешки, сеир, добри поенти и се друго што е потребно за една конференција да се нарекува себе си конференција.

Инаку текстов во кој што ја коментирам конференцијата и работите поврзани со неа ми е поделен на три дела: белешки за тоа, белешки за ова и белешки за она.

Белешки за тоа

Во последно време ми се чини дека сум бил на повеќе вакви слични настани и се повеќе ми се чини дека луѓето кои се наоѓаат зад микрофонот (поточно македонските претставници) не живеат во ист свет со остатокот од македонските граѓани, вклучително и со голем дел од публиката. И добро, ова можеби и не е толку лошо, ќе си помислите ете таму некој на говорницата има некаква визија, но луѓе ви се молам... мислам дека сето ова нема никаква смисла. Зошто? Во публиката едноставно немаше луѓе што можат да прашаат (дискутираат) нешто. За мене тоа е очигледен доказ дека овие прашања едноставно не допираат до луѓето, дека најпросто не се дел од нивниот свет. И тоа е тоа, а не дека немаше интересни теми, имаше. Додуше имаше и некои прилично досадни, но впечатокот останува.

Стандардно, ние (оССМ) се интересиравме за Законот за слободен пристап до информациите од јавен караткер. И тука нема што ново да се додаде, барем не сега за сега. Од другите поинтересни коментари од публиката вреди да се спомене оној на Ѓоко Јовановски (Злочко). Станува тој да праша го праша Јани Макрадули како мислат да го зголемат бројот на интернет корисниците во Македонија (како што е наведено во НСИО). Г-динот Макрадули одговара дека цените не се толку голем проблем, т.е. дека доколку има содржини и владини сервиси на нет, луѓето безразлика колку е скапо ќе си бркаат работа - демек поисплатливо било така отколку на шалтер. Искрено се сомневам во ова. Впрочем зголемената понуда на, на пример, скапи и полни со информации весници во трафиките не ја зголемува нивната читаност, безразлика на кој јазик се тие.

Мене особено добар впечаток ми остави г-динот Колин Вајтхаус од еGovUK. Прво човекот изгледаше дека точно знае што зборува. Второ мислам дека направи особено добра забелешка за од македонска страна презентираниот top-down пристап во прашањата поврзани со интернет воопшто - дека тој не чини. На другата страна, еден од нашите говорници, уредник на Време чие име го заборавив, ми остави впечаток дека не знае што зборува. Само како да склопил некој есеј, како домашна задача, кој го презентираше пред публиката.

Друга работа што особено ме загрижи беше некој спомнат закон за е-општество. Ова веќе неколку пати го слушам и никако не можам да замислам како тоа со закон ќе се спроведе, креира или не знам што... некакво општество. Како со закон се прави општество? Ќе чекам некој да ми го објасни ова.

Белешки за ова

Сеуште сме на конференцијата. Сега прашањето е зошто не сме ние (оССМ) таму. Не пишувам за ова со некакви лоши намери, но навистина ме зачудува тоа што Слободен софтвер Македонија немаше свој претставник меѓу говорниците. Впрочем Слободен софтвер Македонија е единствената оригинално македонска, неќерка, grass-root организација која има огромно искуство во работа со софтвер и работи врзани со него, која има значаен придонес во општествово, која изминативе три години направила огромни напори во промовирањето на некакви работи поврзани со е-* итн. Сигурен сум дека имаме што да споделиме со публиката (и јавноста), безразлика колку е таа незаинтересирана за ваквите прашања.

Друга работа што ме загрижи е употребата на терминот „софтвер со отворен код“ во неколку наврати од страна на презентерите. Последно што ми падна во очи беше она од г-динот Бардил Јашари од организаторите и некакви наши соработници во работата со слободниот софтвер. Навистина не ми е јасно зошто не се користеше терминот „слободен софтвер“ или пак конгломератот „слободен софтвер и софтвер со отворен код“. Впрочем, кога станува збор за некакви пошироки влијанија на софтверот во општеството и работи поврзани на пример со образование, единствен валиден термин е „слободен софтвер“. Знаете, постои битна разлика меѓу „слободен софтвер“ и „софтвер со отворен код“. Моралните, етичките, политичките импликации на првиот се она што го прави важен. Но, имајте на ум и дека некој софтвер може да биде со отворен код, а сепак да не биде слободен (иако ова е навистина редок случај), додека спротивното не е возможно.

Особено ме загрижи тоа што ова дојде од организација со која ние, Слободен софтвер Македонија соработуваме за работи, прашања и активности кои се поврзани со слободен софтвер.

Белешки за она

Добро, Метастазис навистина имаат проблем со нашето име. Името на организацијата е Слободен софтвер Македонија или на англиски Free Software Macedonia. Тоа не е Отворен софтвер, Слободен софтвер со цртка Македонија или на англиски па со цртка. Мислам, имаме судски документ во кој стои дека се викаме Слободен софтвер Македонија и ич не ми е јасно како ова може да биде тешко за паметење.

И, ве молам другари Метасинтезис, не сме активисти (не навлегувам овде во детали зошто не сме). Ако веќе мора да пишува нешто под моето име, секогаш може да се стави некаква друга ознака... и секако секогаш може да бидеме прашани што тоа може да пишува таму.

Се надевам дека одговорните од Метаморфикс ќе ги запаметат овие работи.

П.С. Знаете, најуспешните земји во е-сенешто се Ireland, Israel и India. Водечки IT производи се некои со името iPod... Гледате аналогија? Земјиве всушност се iReland, iSrael и iNdia. Дефинитивно тука во прашање е добра карма од i-то. Мислам дека вака на повидок е удар кој тепа две муви. Македонија треба да ја прекрстиме во Имакедонија. Така ем ќе ја добиеме кармата од i-то на почетокот на името, ем ќе го решиме спорот со грците. iMacedonia. Јес!

Е-грип

Tags: 

Пред некој ден пратив порака до Министерството за здравство на Р. Македонија. Имаат некоја форма за тоа на нивната веб страница. Пратив најобично прашање за овој птичјиов грип... тоа е тоа, загрижен сум, комшијата чува куп гулаби кои летаат таму-ваму, па можеби можат да закачат некој H5N1...

И еве, неколку дена потоа, сеуште немам добиено одговор. А само некои работи за е-влада слушам, па не знам каков пристап до информации. Тоа.

АДСЛ ово-оно...

Tags: 

По ѓаволите. Сите почнале да плачат за АДСЛ-от. Јас не плачам... немам АДСЛ, тоа е тоа. Јас бачковци си сурфам на дајл-ап, помал од 56к, нешто околу 33... ваљда. :)

Супер ми е. :)