November 2004

Слободен софтвер, слободно општество

Tags: 

Денес, јас и Дамјан (и неговиот лаптоп :)), како претставници на Слободен софтвер Македонија, одржавме две предавања за слободниот софтвер на студентите на новинарство на правниот факултет. Предавањата траеа од 12 до 16 часот, т.е. во стандардниот термин за часови по информатика на овие студии. Предавањата се концентрираа пред се на филозовските и етичките прашања кои се основа на слободниот софтвер, но и на ширењето на овие идеи во другиот дигитален свет: филмовите, музиката, текстовите на интернет и сл.

Слободата секако беше главната тема.

Покрај освртот кон слободната како главно прашање зборувавме и за заедницата, за луѓето кои работат на и со слободен софтвер, за creative commons, за авторските права и патентите. Зборувавме и за софтверот и неговата практична употреба, и за тоа каде можете да најдете слободен софтвер и како можете да го користите: дали е лесен за употреба? Да секако! Секако, направивме и осврт кон позитивните влијанија и користи кои општеството во целина може да ги има од користењето и поддржувањето на слободниот софтвер, со посебен акцент на образованието, економијата и јавните служби или државата.

Предавањата всушност траеја по еден час (60-тина минути -- значи две предавања, едно за студентите од втора и едно за студентите од трета година) по што следеше кратка пауза и можност студентите да поставуваат прашања, или пак да отпочнат некоја дискусија. Ова за жал не се случи баш онака како што се надевавме, но сепак неколку студенти си поиграа со лаптопот на Дамјан кој работи на слободен софтвер. Исто така поделивме околу 40-тина дискови TheOpenCD. Искрено се надевам дека оние кои ги земаа дисковите ќе го искористат и софтверот кој се наоѓа на нив.

Ова е втора година како студентите на новинарство слушаат предавања за слободен софтвер, и мислам дека би било добро оваа тема да стане постојан дел од нивната настава -- или се надевам дека и другата година ќе правиме вакво предавање. Секако би било добро вакви предавања да има и на другите факултети од општествените науки (не ги споменувам ПМФ-информатика и ЕТФ, бидејќи сметам дека таму секако слободниот софтвер мора да се употребува и учи) каде информатиката е дел од наставата, па ако некој одлучи да поведе ваква иницијатива, јас, Дамјан и лаптопот сме спремни и чекаме. :)

И конечно, благодарност до професорот Ѓорѓе Иванов и Миша Поповиќ кои се грижат за организирањето на овие предавања.

Забелешка:

Овие предавања на Правниот факултет се одржуваат веќе две години по ред (2003 и 2004), некаде во ноември, на часовите по информатика на студиите за новинарство има предавања за слободниот софтвер.

Презентациите што се приложени овде се дел од тие предавање. Тие се прилично обемни и се добра рамка за секој кој би сакал да зборува на историјата на слободниот софтвер и неговото општествено значење.