привилегија

Undefined

Привилегии за почетници

Tags: 

Дали привилегијта е пацифицирана дискриминација?

Википедија има концизно објаснување за тоа што е привилегија. За потребите на оваа пишуванка ќе ја одберам етимологијата од латински што во директен превод значи приватен закон. Доволно е да се знае дека привилегии — приватни закони постоеле, а нивната широка употреба завршила со Француската револуција која го родила моделот за денешните републики. Денес сѐ уште постојат некои привилегии, како исклучоци кои државата ги дава со закон во определени случаи, како што се доверливите односи помеѓу клиентот и адвокатот или пациентот и докторот.Патем, привилегии не треба да се мешаат со права, бидејќи последниве се неотповикливи.

Понатаму привилегија се користи за да се опишува и општествена нееднаквост, и тоа посебно во објаснување на предностите што определена група ги има во општеството или непредностите што ги има некоја друга група.Во оваа друга смисла на зборот привелегијата се разликува од предрасудата и дискриминацијата кои за разлика од неа се отворени и доминантата група не го крие угнетувањето што им го прави на другите.

Наједноставно, и за ова исто така има Википедиски напис, теориите за привилегија предлагаат дека привилегираната група ги гледа своите општествени, културни и економски искуства како норма која секој треба да ја доживува-живее, а не како позиција на предност која што мора да се одржува на товар на другите.

Со овој лабав теоретски осврт на ум, колку примери на државно одобрена привилегија и таква од доминантни норми можеме да препознаеме во Македонија? Што сѐ можеме да врамиме на ваков начин?

Првото нешто што ми паѓа на ум е ЈСП. Бесплатниот превоз во ЈСП за пензионерите е привилегија што ја дава градот. Но, кога во автобусот му станувате на постар човек, тогаш тоа го правите затоа што нормата налага така. Од гледна точка на човекот кому се отстапува местото нормално е некој да му стана, но вие трпите поради тоа (со тоа што стоите). Но, примерот со ЈСП не завршува тука. Комотното возење во автобус се смета за норма од страна на голем број патници, Така, токму поради привилегијата што ја дава градот, некој друг ја губи неговата. Комотното возење всушност е условено од исклучување на група граѓани, кое пак исклучување е и економско и општествено.

Но доволно со ЈСП. Можеби најзгоден за објаснување на привилегијата што ја очекува и често ужива хетеросексуалниот маж е стрипчето на XKCD.

Нормата, она што групата очекува, е некој да направи сендвич. Кога нормата е доведена во прашање, доминантната група посегнува по повисок авторитет — најчесто закон (за оние кои што не знаат, во цртежот sudo е командата која што во GNU/Linux дава моќ на бог на компјутерот). Ова е нешто за што може да размислуваме во комуникацијата со нашиот „значаен друг“.

Што уште? Ми се чини дека социо-економските привилегии се најмалку очигледни. Мислам на ова кога темата е спортување. Во Скопје станува сѐ потешко да се спортува на јавен простор. Ако плаќаш да спортуваш тогаш привилегијата е од економска природа. И таа всушност ги заострува разликите и општеството станува понеправедно. Со приватизирани спортски игралишта, сиромашните на својот товар ги добиваат и негативните ефекти по здравјето. Мислам дека можеме да најдеме повеќе вакви примери.

Последно, прашањето за бракот ми се чини дека исто така е прашање привилегија.

Нешто да се размислува во деновите што следат.