Submitted by Новица on
Tags:
Вчера на последната патарината на автопатот Скопје-Гостивар пред наплатните рампи во инвалидска количка еден човек седеше и просеше. Беше таму во 10 претпладне. Беше таму во 3 попладне.
Без разлика дали глумеше или не, тоа беше најстрашната слика што можеше да се види вчера. И тоа не само поради тоа што вчера сонцето не беше пријатно и за најздравиот меѓу сите нас.
И без разлика дали глумеше или не, тоа беше слика на организирана операција на која замижаа сигурно вработените во патарската служба, а веројатно и тие од сообраќајната полиција кои таму барем еднаш поминале вчера.
Велам „организирана“ затоа што не е лесно да се дојде до автопат за да се проси. Некој мора да те донесе со кола. На крајот на денот, некој мора да те земе назад. Единствената разлика е во тоа ако човекот навистина беше хендикепиран, тогаш можеби бил донесен таму и против својата волја.
Сега, полицијата и другите служби би требале веднаш да го отстранат човекот од автопат. Да не го вртам Законот за безбедност во сообраќајот, ама за верување е дека таму има нешто во смисла „забрана за движење на пежаци по автопат заради безбедност на сите учесници во сообраќајот“. Бидејќи беше невозможно да не се види човекот, прашањето е зошто службите не реагирале?
А, ако човекот навистина и беше хендикепиран, дали имаме нешто во законите за нехуман третман на болни лица? Дали луѓето кои се во контрола на даден простор имаат некаква одговорност за тоа? А и да немаме во законите, имаме ли во општествените вредности? Зошто никој, ако ништо друго, не повикал амбулантна кола?
Вистина и јас можев да направам повеќе. Реков дека ќе застанам ако видам полиција на автопат за да им кажам, но немаше кола од Гостивар до Скопје.