Submitted by Новица on
Tags:
По цена [хех] на тоа да заглавам во за мене недоволно познатата територија на антропологијата, се навраќам уште еднаш на книгата „Долг“ од Дејвид Гребер. Книгата го следи развојот на парите, долговите, стопанствата и државите во изминатите 5.000 години. Од Месопотамија до фискално-финансиската криза што сѐ уште трае, широчината на темата што книгава ја обработува отвара исто толку нови прашања колку што нуди одговори на старите.
Колегата, и по сѐ изгледа пријател на Гребер, Кит Харт има напишано опширен есеј кој е рецензија и за книгата и за авторот. Од него ми се чини корисно [за целта на овој текст] да го извлечеме следниов коментар:
„Првата од овие грижи (за книгата „Долг“) се однесува на претпочитањето на Гребер да ги групира заедно државите, парите, пазарите, долгот и капитализмот, заедно со насилството, војната и ропството како нивни природни придружници.“
Ова ќе биде и задршката за мојата неукост во врска со примерот што следи.
Еден од клучните аргументи на Гребер е дека пазари на кои се разменуваат пари за добра и обратно, а наспроти востановениот економски канон дека тоа се појавува природно поради нужноста на економските односи, се појавуваат само кога државите кои војуваат создаваат големи платени армии чии припадници се расцепени од локалниот контекст. Ова значи дека тие единствено можат да набават добра на пазари каде довербата не постои, т.е. пазари каде готовината има единствено предимство пред кредитот [рабушот]. Ова е единствената ситуација во која парите како такви имаат своја вредност, односно кога всушност има поента човек да „има пари“, и кога конечно сечија и секаква вредност може да се изрази во пари [и оттука, на пример, робовите, платените војници, работниците].
Наспроти овие, како што ги нарекува Гребер, комерцијални стопанства, постојат и човечки стопанства. Во човечките стопанства, луѓето се во центарот на односите, и ниту еден човек не може да биде сметан за еквивалентен со друг човек или друго нешто. Во овие стопанства со парите не може да се купат луѓе [но, ни предмети кои се од посебно лично значење за луѓето]. Напротив, парите служат да се искаже токму тоа дека купувањето на луѓе е невозможно. Се разбира, пазари постојат во ваквите стопанства, но тие функционираат на рабуш, т.е. парите постојат, но само како пресметковно средство и немаат вредност надвор од тоа.
Според Гребер, историјата на човештвото, според тоа каква улога имаат парите, може да се подели на едвај пет периоди: добата на првите аграрни империи (3500-800 г.п.н.е.), Axial Age [не знам како е на македонски] (800 г.п.н.е – 600 г.н.е), средновековието (600-1450 г.н.е.), добата на големите капиталистичи империи (1450 – 1971 г.н.е.), и последниот период, овој кој сега го живееме, кој гледано на оваа историска скала само што започна. Значи, наизменично, периодите се рабуш, пари, рабуш, пари и рабуш, но за последново, нужно поради истата историска скала не знаеме како ќе се разоткрие.
Капитализмот кој го знаеме, или во најмала рака подразбираме, според Гребер е добата кога во Кристендом [христијанска Европа] се случила трансформација на моралните мрежи помеѓу луѓето, кои претходно меѓусебно си помагале и си верувале, преку наметната моќ на државата, која ги обезличила тие односи и како основен принцип ја вратила недовербата, но и промовирала парите како цел сама за себе. Тоа е време кога долгот во пари станува кривично дело – во Кристендом имало преполни затвори во кои казна издржувале луѓе кои некому должеле пари [златници и сребренци].
По овој, можеби и сложен[?], вовед еве што ме поттикна да го пишувам сето ова. Во книгата има пример од пишаната историја на Англија од 1660 година за некоја Маргарет Шарплес која е обвинета за крадење ткаенина од која си сошила палто. Записот вели дека таа се спогодила за ткаенината да донесе залог во добра додека да прибере точно пари, но сопственикот на продавницата наскоро се премислил од овој договор и ја тужел за износот од 22 шилинга кои ги барал во пари.
Читајќи го ова од некаде се сетив на македонската драма „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле. Еве што знаеме за драмата: Напишана е во 1937 година. Крле на напишал откако се вратил од десет години долгата печалбарска работа каде ја чул приказната за родителите кои си го убиваат својот син – печалбар, откако тој полн со пари се враѓа во родното село. Печалбарската работа на Крле е во период по три војни на овие територии: двете Балкански и Првата светска војна.
Поаѓајќи од ова и со аргументите на Гребер на ум, по овие војни, за прв пат некоја држава воспостаува капиталистичко стопанство на Балканот, бидејќи Отоманската империја била феудална [и релативно имала мир во рамките на своите граници] речиси до самиот крај. Трите војни, за прв пат по долго време на овие територии, го истакнале значењето на парите надвор од нивната пресметковна функција. Воспоставувањето на новото капиталистичко владеење наскоро потоа ја зацврстило нивната улога бидејќи го истуркало стопанството на рабушот и создало услови за почеток на процесот на отуѓување помеѓу луѓето.
Еве што пишува Ристо Крле во „Парите се отепувачка“:
МИТРЕ: (оди пак го поткрева капакот од куферчето и на Мара која му застанала над главата). Митрејце, жено... што велиш? Мене ми се измеша умов!... Ова е пара!... Пара е не е играчка!
МАРА: (Сфаќајќи му ги мислите, да би го спасила од створената ситуација му сугестира). Што да не сакаш да му земеш неколку жолти?
МИТРЕ: Не знам што сакам, (ја зема главата во обете раце) главата ми е како бутин! (Седнува на големиот куфер, покрај малото, и очите не ги тргнува од него). Бреее... куче дете. За малку време што пара спечалило!... (Оди и повторно наслушнува дали спие Анѓеле). Кај го натера врагот да дојде, ќе ме стави во некој грев...
МАРА: Е, добро, де... земи му неколку, кога ти останаа очите во нив, и ајде да си легнеме.
МИТРЕ: Митрејце, жено, што мислиш ти се печалат толку пари за пет-шест години?
МАРА: Мака...
МИТРЕ: Мака ја! (Како на уше). Ова куче не ги има само спечалено, слушај ме ти мене! Овој има отепано некого за да дојде до овие пари! А кога тој можел некого да отепа што јас не би отепал него и да станам богат човек? Како ги спечалил — така нека ги загуби! Секирата на ова куче!
Водјеќи се од „Долг“, во човечко стопанство, еден човек не би убл друг човек за пари, бидејќи парите немаат вредност сами по себе. Но уште повеќе, убивањето би било можно и дозволено само ако човекот е откорнат од својот општествен контекст и ако неговите врски со заедницата се прекинати. Понатаму, во бројните примери за човечки стопанства низ историјата, Гребер цитира практики кои укажуваат на тоа дека дури и кога некој човек убил некој друг во некаква расправија или ако на друг начин се сметал за одговорен за неговата смрт, парите [во различни форми] служеле пред сѐ за признавање дека убиството, т.е. одземениот живот, создава долг кој не може да се плати.
Од друга страна, Томас Хобс, англискиот филозоф кој е еден од првите теоретичари за денешните држави и општества, објаснува дека дури и да сме свесни за долгорочните користи од нашето примерно однесување, нашите краткорочни интереси се секогаш такви што убивањето и пљачкањето се најочигледните профитабилни активности. Затоа државата е таа што нѐ доведува во ред, а таа држава од времето на Хобс па наваму е капиталистичката држава [која, понатаму, го одржува пазарот со помош на парите што ги прави задолжителни, пред сѐ, преку побарувањето за даноци кои имаат сѐ поголем и поголем опфат].
Со „Парите се отепувачка“ Ристо Крле не е само еден од основополижниците на македонската литература, туку можеби е и првиот критичар на капитализмот.
1 Comment
„Можеби” најчесто го земам
Submitted by Goran (не е верификувано) on
„Можеби” најчесто го земам како „срамежливо да”. Еве јас да кажам едно несрамежливо не. Би го нарекол само „одличен опишувач на опшествената состојба” во тоа негово „транзициско” време. Инаку, баш ме заинтересира идејата од книгата, можеби ќе ја побарам во kindle формат, а за Хобс, секоја му чест, ме потсети на побиен сократов соговорник од дело на Платон.