Submitted by Новица on
Tags:
Деновиве печатените медиуми повторно се исполнети со страници политичка пропаганда. Поводот е автентичното толкување на Законот за амнестија со што таканаречените хашки случаи одат во историјата.
СДСМ објави стари изјави од Никола Груевски за тоа дека овие случаи нема (не може) да бидат предмет на преговори, а ете се испреговарало. ВМРО-ДПМНЕ објави дека СДСМ биле подготвени на ист таков - преговарачки - чекор само за да дојдат на власт.
Правните прашања на страна, еве што мене ми кажуваат двата огласа.
СДСМ го поставува како проблем неисполнетото ветување на Никола Груевски. Тој рече така, а сега прави вака. За нив воопшто не е спорно дека случаите треба да се решат на начин на кој што се решени, или било кој друг начин, и дали тоа решавање е добро или не. Ако беше спорно тоа, огласот ќе поентираше и со изјави од Али Ахмети. Сѐ што е тука тема е зошто Никола Груевски го погазил ветувањето за тоа дали, како и зошто (е спремен да) ги разрешува случаите.
Не знам дали ваквите изјави и акциите ex-post може да се ценат како лажење, но изгледа како СДСМ да сака да поентира токму на ваква перцепција од страна на гласачите. Ми се чини посебно важно што огласот пред сѐ комуницира со гласчите на ВМРО-ДПМНЕ. Гласачите на СДСМ секако веќе немаат доверба во Никола Груевски и неговата партија. Тоа што овој оглас има за цел е да ја намали довербата што другите - не-СДСМ гласачи - ја имаат во ВМРО-ДПМНЕ. Огласот во основа вели: еве доказ дека не може да им верувате. А ако не можете за ова (така важно прашање), тогаш дали можете воопшто да им верувате?
Затоа интересно е да се разбере и позицијата на СДСМ. Ако тоа за што Џевад Адеми е цитиран во огласот на ВМРО-ДПМНЕ е вистина, тогаш СДСМ никогаш немал проблем да преговара, а посебно затоа што никогаш не рекол дека нема да преговара па и за вакво незгодно прашање. Значи во крајна линија, за СДСМ не е проблем што припадниците на поранешната ОНА добиле амнестија, туку единствено тоа дека ВМРО-ДПМНЕ отишла спроти своето ветување дека токму тоа нема да се случи.
Дебатата е значи околу вредностите: Никола Груевски не е лош затоа што ја направил зделката, туку затоа што рекол дека таква зделка нема да прави.
Сега, ако не се лажам, огласот на СДСМ излезе ден порано од оној на ВМРО-ДПМНЕ, така што вториот може да се чита како некој вид на одговор.
Во него, ВМРО-ДПМНЕ е преокупирана со тоа што сѐ СДСМ е спремен да направи за да дојде до власт. Повторно, прашањето за амнестијата (дали тоа е добро или лошо, исправно или не) не е на прво место, ако воопшто е и на некое место. И повторно, огласот комуницира пред сѐ со гласачите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие што гласаат за СДСМ веќе знаат што сѐ оваа партија е спремна да направи. Затоа ова е оглас што треба да им објасни на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ дека овој пазар е нужно зло. Ако не се направеше овој пазар, тогаш СДСМ ќе се испазареше попрво со ДУИ и ќе се вратеше на власт.
ВМРО-ДПМНЕ во основа ја брани својата позиција преку две точки.
Прво, дека подобро зделка за четирите случаи, отколку СДСМ или поточно Бранко Црвенковски да се врати на власт. Ова, се разбира, не е ништо ново, но е добар потсетник за оние со кратко сеќавање од изборите.
Второ, дека зделката не само што ги држи СДСМ надвор од власта, туку и се грижи Албанците да не претераат со своите барања. Подобро речено, на исполнувањето на барањата се гледа низ призмата на релативната дистрибуција на моќ помеѓу партиите. Во оваа смисла, огласот на ВМРО-ДПМНЕ е далеку понационалистички од оној на СДСМ. Тој ја повторува идејата за жртвувањето на неколкумина за да се спаси заедницата: мавровските работници се жртвуваат за да нема двојазичност на територијата на целата Република. А двојазичноста ќе беше тука, ако му се дозволеше на СДСМ да се испазари прв.
Но и покрај тоа што ова наликува на етнички национализам, ми се чини дека дебатата овде не може да избега од тоа дека ултимативниот непријател на Македонија е Бранко Црвенковски (и неговото СДСМ) и дека тие се спремни да ги жртвуваат сите важни прашања за Македонскиот народ само за да се вратат на власт. Спасувањето значи, не е спасување од Албаниците, иако до некаде тоа е екстерен ефект кој за многумина е позитивен. Спасувањето е од Бранко Црвенковски и ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш, е последната брана преку која тој не може да пројде за да се врати назад на власт. Тие го направија договорот со ДУИ и со тоа (можеби) ги погазија своите вредности во однос на конкретното прашање, но не ги погазија интересите на целото општество да се оттараси од транзициското зловреме.
1 Comment
Скоро исти барања во огласот
Submitted by Gorco (не е верификувано) on
Скоро исти барања во огласот на В*-Д*, од она што го слушнав во чаршиски муабети од симпатизери на Груевски, ДУИ ги има доставено и до В*-Д*... се разбира, хиерархиска пропаганда работи 24/7. Она што сите го заборавија, барем во медиумска презентација, е досието "Ибар", поврзано со Али Ахмети, а чиј статус во моментот е "фотокопија". Во секој момент од некаде може да се истражи овој случај: http://www.sitel.com.mk/dnevnik/makedonija/dostaveni-originali-od-kodosh... ;).
Пописот што требаше да се одржи во Април 2011, се заборави во корист на изборите 2011. Поради чекање на резултати од пописот во 2002 повеќе од 12 месеци, сите знаеме (претпоставуваме) дека албанците се под 20%, но поради политичка игра на СДСМ-ЕУ-ДУИ, тие станаа >20%. Поради Ибар, ДУИ ризикуваше да ги изгуби поволностите што ги носат 25-те проценти од 2002-ра, на што се спротиставија останатите албански политички пратии.
Можеби од друга страна, Груевски во својата политичка игра го користи Ибар како вовед пред изборите? Од која политичка страна се појави Ибар? По случајот "евра во шише", објавен од криминалниот (врти поп) критичар на власта (А1) скоро година дена после инцидентот, Дневник стана не-критичар на власта !?! Зошто власта ги толерираше критиките на Дневник скоро цела година, не преземајќи било каква истрага?...
Премногу прашања и навидум нелогичности во хронологијата на политичко-криминалните игри. Останува Васко Ефтов да ја истражи вистината на свој начин (http://kafetino.blog.mk/2010/09/24/novinarstvo-2/).. [:/