Некои идеи за нас по последните случувања со судот

Tags: 

Во јавноста има(в)ме долга дебата за тоа дали со кампањата „Избери живот“, Владата на РМ подготвува и забрана на абортусот. Истовремено, последното истражување за ставовите во македонското општество укажува на голем број конзервативни убедувања.

Моето мислење е дека случајот со спонтаниот абортус на жената во притвор може, многу лесно, да биде последното парче во сложувалката за укинување на ова право на жените.

Денешниот (4.2.2011 г.) дневен печат е полн со новинарски текстови и колумни за случајот. На многу место преовладува мислењето за убиство, за изгубен живот и слично. Ако овие ставови, кои мошне интересно доаѓаат и социјалдемократскиот камп, станат уште подоминантни во јавноста, уште поприфатливи во вредносниот систем на граѓаните, тогаш зошто да не се забрани абортусот? Како ќе го одбраниеме ова право?

Да не излезам погрешно разбран, тоа што се случило со жената е трагично. Ми се чини дека чувство на тегобност преовладува кај многу луѓе кои изминативе два дена ги сретнав натаму-наваму низ градот. Но, мислам дека мораме да ги поделиме работите за тоа како се чувствуваме во врска со овој случај да не биде пресудно во гледањето на другите поврзани прашања и можеби одлучувањето за нив.

Затоа мислам дека е многу важно случајов да се (раз)гледа(ува) како неуспех на правниот систем и институциите на државата и во таа насока да се бара одговорноста, а не тоа да се презентира како убиство спонзорирано од државата.

Ова е јасна линија на разлика што мора да ја бараме, а ако ја нема, тогаш да ја создадеме.

Говорот и настапот на опозицијата по ништо не се разликува од оној на позицијата. Последниов случај уште еднаш го потврди тоа. Политичарите и медиумите повторно сакаат да ја замачкаат работата, но на ова мора (кои ние?) да се спротиставиме.

Јасно ми е дека сите (ќе) сакаат да собираат бодови и играта е таква што ние мораме да ги доделуваме бодовите. Но, ако ова е едно од оние времиња на пресврт, тогаш она што се надевам дека може да го направиме е да ги повишиме критериумите според кои ги даваме бодовите.

1 Comment

Абортусот е изгубен живот.

Абортусот е изгубен живот.

Тоа е живот кој го создава мајката, и затоа таа е единствената што има право да одлучи дали сака/може/треба да го создава или не. Ако некој го прекине содавањето на животот спротивно на желбите на мајката, може и треба да се нарече убиство.