Кампањата #ЗдравоТаравари на социјалната мрежа Твитер започна на 19 јуни 2017 околу 16 часот. На 22 јуни 2017 година во 13:10 часот ги симнав (веројатно) сите 1142 твитови кои ги содржат двата хаштага за комуникација со новиот министер за здравство на Р. Македонија: #PërshëndetjeTaravari и #ЗдравоТаравари. Тоа се твитови од околу 72 часа.
Ако се отстранат сите ретвитови, тогаш остануваат 294 твитови (пораки со оригинална содржина) кои што се напишани со овој хаштаг. Твитањето и ретвитањето на хаштагот може да се види подолу. Високите вредности за твитови и ретвитови се во вечерните и утринските часови. Но возбудата на твитерџиите од првите 36 часа се чини дека исчезнува во вторите 36 часа од избраниот период.
Ваквиот тренд може да значи дека политичкиот маркетинг помеѓу македонските корисници на Твитер е со краток здив. Се чини дека дури и лошите шеги („#ЗдравоТаравари дали да јадам бурек со месо или баничка со сирење за појадок?“ - испратен од @dRskata1 на 22 јуни во 10:37 наутро) кон министерот Таравари не издржуваат повеќе од 3 дена: веќе на 22 јуни само 3 дена по отпочнувањето на кампањата, бројот на оригинални твитови со хаштагот е помалку од 5 на час.
Водечките тројца твитерџии кои го користат хаштагот за пишување на оригинални твитови се @evilblonddemon, @LOshGZE и @Carbonoxid со 28, 16 и 13 твитови.
Но, кога ќе се споредат водечките твитерџии од #ЗбогумТаравари со водечките твитерџии од ранг листите на Time.mk (T-index, Top by Reach и Top by Followers), само една твитер сметка (@evilblonddemon) е присутна во најактивните/најпопуларните 20 генерално во Македонија и на хаштагот #ЗдравоТаравари. Ова можеби може да се толкува како сигнал дека политичките кампањи не се од посебен интерес на онаа група на корисници што ја создава водечката содржина на Твитер.
Анализа на дистрибуцијата на споменувања на хаштагот од отпочнувањето на кампањата укажува на тоа дека најголем дел од активните сметки се појавуваат само еднаш до два пати, додека само 25 твитерџии имаат 10 или повеќе твитови и ретвитови со хаштагот #ЗдравоТаравари. Најактивните сметки имаат 40 до 60 твитови и ретвитови во рамките на 72 часа, што претставува еден твит на темата ЗдравоТаравари секои 1.2-1.8 часа (72-108 минути).
На крај, од овие 1142 твитови, посебно паѓа во очи е дека во нив речиси исклучиво се користи македонскиот хаштаг. Освен првичниот твит од министерството за здравство, еден твит со линк до вест на PortAlb, и еден твит што прашува дали се користи хаштагот, сите други (седум) твитови се ретвити на првиот твит на министерството. Тоа значи дека вкупно 9 твитови во периодот на првите 72 часа на кампањата го искористиле албанскиот хаштаг. Ова може да биде индикација за бројот и активноста на корисниците што го зборуваат албанскиот јазик на Твитер во Македонија, како и индикација за тоа дека можеби комуникацијата на министерството со албанските граѓани би требало да се одвива на други канали, наместо на Твитер.
Првично објавено на Радио Слободна Европа: https://www.slobodnaevropa.mk/a/28576600.html