August 2010

Free Speech Online: Колкав ти е хонорарот за Скопје 2014?

Tags: 

На Интернет се зборува дека текстот на Гоце со горниот наслов наишол на Гугл цензура.

Па воден од девизата: „I disapprove of what you say, but I will defend to the death your right to say it.“, Член 16 Став 2 од Уставот на Републиката и кампањата Free Speech Online, еве го целиот текст на Гоце и на ова интернет место.

Колкав ти е хонорарот за Скопје 2014?

Една работа никако да им стане јасна на сите „уметници“, инволвирани во проектот Скопје 2014.

„Уметниците“ се навредени и крајно изненадени, секогаш, кога некој новинар ќе се осуди да биде доволно дрзок и да го постави прашањето за хонорарот што го зеле, за да го произведат сопственото дело, за целите на проектот Скопје 2014. Се кочат, прават неартикулирани движења, се чешаат, превртуваат очи…

Не само што нема никаква причина за изненаденост, а уште помалку за навреденост, туку ценетите „уметници“ имаат обврска да ја соопштат вредноста на хонорарот, бидејќи него го добиваат од државни пари, од парите на јавноста, која инаку и сака да ја дознае бараната информација.

Дрскоста е во случајот на страната на „уметниците“, зашто упорно го драматизираат регуларното прашање и го сведуваат на домашно невоспитување или некултура.

Кога проектите би биле нарачани од приватна фирма, тогаш „уметниците“ „можат“ да изберат да се раководат од извесна политика за необјавување на тајни информации и да осудуваат за некултура. Но, во случајот со Скопје 2014 едноставно немаат избор.

Мислам дека граѓаните од Скопје се тотално збунети од ова однесување, па на моменти дури и го оправдуваат, со образложението дека „новинарите си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Новинарите постојат за да „си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Во изминативе неколку години, видовме што значи кога новинарите не го прават тоа – тотален колапс на системот, самоволие, корупциски скандали, непотизам до бескрај…

Па, почувани сограѓани, пред да почнете со поделбите и да застанете на страната на „уметниците“ сетете се дека парите коишто тие ги добиваат како хонорар, се обезбедени преку даноците што сите ние ги плаќаме. Новинарите, какви такви, се вашите пријатели, па можете само да бидете благодарни што некои од нив се доволно храбри да му пркосат на самоволието на оваа нетранспарентна власт.

Во случајот со Скопје 2014, постои само една апсолутна вистина, а тоа е: проектот е профитабилен.

Стапица на конфликт

Tags: 

Стапица на конфликт е веројатно најконтроверзната за Македонија. Во Македонија имаше конфликт, но не знам која е неговата конечна класификација. Книгата ја третира граѓанската војна и воениот удар, па можеби ќе биде најтешко тука да се повлечат паралели.

Но сите конфликти имаат нешто заедничко - оружјето. Наследството што го оставаат, покрај изгубените човечки животи и разрушената економија, е голема количина на оружје. Истражувањата на Колиер велат дека политичкиот мир не го купува општествениот мир. Крајот на политичката битка предизвикува убиства и друг насилен криминал. Дали е тоа така за Македонија?

Според податоците на Википедија, во Македонија е забележан пораст на убиствата во периодот 2001 - 2004. Потоа следи опаѓање и за неколку години нема податоци, но во 2010 има 2.01 убиства на 100.000 жители што е помалку од 2001 година. Типичната постконфликтна земја има 50-50 шанса да ја преживее првата декада во мир, наместо да се врати во конфликт. На Македонија ѝ останува уште една година. Можеби статистичките податоци за убиствата се добар показател дека државата оди во мирни води.

Пред да продолжам понатаму, истражувањата велат дека склоноста кон конфликт зависи од три фактори: низок доход, бавен раст и зависност од природни ресурси. Еден податок кој сосема добро ја илустрира Македонија е дека сѐ уште го нема достигнато БДП од 1990 г. Од југословенските републики тоа го имаат направено само Словенија и Хрватска конечно во 2003 г.

Не сум сигурен до која мера во контекст на конфликтот да ги разгледувам инстументите кои можат да помогнат да се излезе од секоја стапица. Такви се четири: финансиска помош, воена интервенција, закони и организации и трговска политика. Македонија речиси една деценија живее мирно. Ако првата деценија е таа што се брои за избегнување на стапицата на конфликт, тогаш можеби можеме да се насочиме кон другите прашања. Но ако нешто тргне на лошо, тогаш на кратко финансиската помош може малку да помогне веднаш по конфликтот, воената интервенција може многу да помогне ако е добро изведена (види Сиера Леоне vs. Сомалија), организации за постконфликтни ситуации можат да бидат од помош за координирање на меѓународната заедница на пример за донаторите, и трговија... тешко трговија после сериозен конфликт.

Последната работа што не можам да ја најдам е воениот буџет на Македонија. Википедија има податок дека тој моментално е 204 милиони долари. Колиер вели дека истражувањата укажуваат на потреба за намалување на воениот буџет по конфликтот. Каков бил македонскиот воен буџет во 2000 или 2001 г. не можам да најдам.

Види и: Стапиците и Македонија

Стапиците и Македонија

Tags: 

„Милијардата на дното“ (The Bottom Billion) е последната книга што ја прочитав летово.

Книгата е поедноставено резиме на истражувањата на Пол Колиер и неговите студенти и соработници на универзитетот Оксфорд. Во неа се образложуваат причините за заглавувањето во сиромаштија и стагнација на голем број на држави и општества од Африка и Азија во кои живеат околу една милијарда луѓе, но и се нудат некои решенија за тоа како да се излезе од таа состојба и да започе развој. Книгата црпи информации од истражувања базирани на голем број статистички податоци што, освен ако не се водиме од „лаги, проклети лаги и статистика“, мене ми звучи поздраво од некои други наслови што исто така нудат лекови за овие држави.

Што е за право, во книгата не се споменуваат држави од Европа, освен две кратки референци за Босна и Косово. Сепак, ми се виде корисно да ги споделам стапиците што мислам дека се важни за Македонија. Стапиците се четири на број и објаснуваат во какви незгоди влегуваат овие општества: стапица на конфликт, стапица на природни богатства, стапица на континентална држава (landlocked), стапица на лошо управување во мали земји.

Мислам дека лесно може да се види кои од овие ѝ прилегаат на Македонија. Среќа немаме многу природни ресурси инаку ќе имавме совршен резултат - 4 од 4.

Ако ми дозволи времето во следите неколку записи на блогов планирам да се занимавам со секоја стапица поединечно. Не знам колку тоа ќе биде успешно бидејќи и не знам дали некаде има јавно објавено статистички податоци за Македонија.