Submitted by Новица on
Tags:
„Компетентноста на говорникот не е релевантна за вистината на тоа што тој го говори.“
Ретвитајте ако се сеќавате на дебатата дали блогерите се новинари.
Не?
Една од клучните дебати за модерното новинарство е таа помеѓу Липман и Дјуи од почетокот на 20-тиот век. Двајцата Американци зборуваат за улогата на новинарството и новинарите во демократијта.
Во кратки црти, Липман смета дека улогата на новинарите е да интерпретираат случувањата за популацита која што, генерално земено, не се разбира. Тој смета дека тие се медијатор помеѓу елитите и граѓаните. Дјуи, од друга страна, смета дека јавноста е сосема способна да донесува одлуки, да заклучува и дека новинарите се само уште еден дел од таа постојана дискусија, но никако не се надредени над граѓаните, иако нивната експертиза се цени. (За повеќе — Википедија).
Зошто ова теоретско навраќање? А за што друго, ако не за надзорната расправа во Собранието на РМ и настапот на (веројатно?) единствениот опозициски новинар и реакциите што следеа по него (и на барање на @estavrevska).
Всушност дебатата е едноставна: јавноста, во светот што го сликаат двајцата Американци, е или способна или неспособна да ги разбере дејствата на елитите. Реалноста е покомплицирана и веројатно се соочуваме со нормална дистрибуција на луѓе кои можат, не можат, можат малку или не можат целосно да ги интерпретираат елитите на своето општество. Но, во обата случаја тоа што Саше Политико го кажал (и содржината и формата) е ОК. Ако го следиме Липман тогаш ни требало „оглупување на јазикот за да сфати мнозинството“. Ако го следиме Дјуи тогаш тоа само уште еден глас во разговорот и ние сме сосема способни да препознаме што се случува.
Дебатата што недостасува, наместо ова повторно наддвање кој е колку новинар и зошто, е: што можело да се направи поинаку однапред, и дали тоа што тоа не се направило ни кажува повеќе или доволно (без разлика дали тоа сами ќе го интерпретирам или некој тоа ќе го стори за нас). Така, при недостаток на деталите што, зошто и како беше расправата и кој можел да присуствува, можеме само да шпекулираме, но останува отворено прашањето зошто, на пример, првонаградениот новинар од страна на ЕК, со награда „Жан Моне“, не бил на расправата? Или некој друг… и ако била јавна расправата, некој што би дошол и непоканет.
Но, бидејќи податоци речиси и да нема, и сѐ што имаме е наддавање во обвинувања и ad-hominem напади, останува да го цитираме Роберт Пирсиг: „Старо логичко правило е дека компетентноста на говорникот не е релевантна за вистината на тоа што тој го говори. Најголемата светска будала може да каже дека сонцето сјае, но тоа нема да го затемни сонцето.“