Бесплатно здравство

Tags: 

Ова е повеќе прашање, но да почнам од почеток.

Со последните измени сите лица кои порано не можеле да добијат сини картони, сега можат да добијат. Тоа е добра вест и мило ми е што социјалната држава почнува да функционира во таа смисла.

Сепак и ваквата реформа остава одредена група на граѓани надвор од здравството покриено со сини картони. Имено, ако работите во некоја компанија која поради некои причини не може да Ви исплати плата на време, тоа ќе значи дека нема да имате и сини картони. Вистина има компании кои намерно не ги исплаќаат платите (а со тоа и придонесите), но има и такви кои немаат избор (ако на пример се погодени од економската криза). Не изгледа фер работниците да страдаат поради дивеењето на работодавците или кризата, особено кога неработниците не страдаат поради нивната несреќа или мрза.

Не ги знам точните одредби на новиот закон но, од здравствена гледна точка, можеби е поисплатливо да не работите и да имате картони, отколку да работите (пријавено по сите закони) и да немате. Патем ако работите „на црно“ официјално немате работа, а може да си земете картони.

А што ако работите во некое од јавните претпријатија и не земате плата (и придонеси и картони)? Јавните претпријатија речиси и да не можат да бидат погодени од економската криза, или барем не негативно. На пример, ако кризата ја намалува заработувачката на граѓаните, некои од нив ќе почнат помалку да го возат својот автомобил, а повеќе да се возат со ЈСП, а тоа ќе значи повеќе приходи за ЈСП. Јавните претпријатија се во соптсвеност на државата, градовите или општините и за нивното раководење се одговорни министрите или градоначалниците. Нивните буџети воглавно се полнат со пари на граѓаните. Зошто некои такви претпријатија се во неможност да ги плаќаат платите на своите работници?

Во врска со платите и придонесите, во игра се исто така нови правила. На пример, има казни (можеби и камати) за оние кои нема навреме да ги уплатат средствата. Ми се чини дека рокот е до 15-ти во секој месец. Не знам до која мера се спроведуваат овие, но ако се спроведуваат, а во прашање е државно јавно претпријатие, тогаш во крајна линија испаѓа дека државата сама на себе треба да си плаќа казни, ако менаџерскиот тим кој таа го поставила не успее да исплати плати на време, со пари кои пак треба да дојдат од државата (всушност од граѓаните). Замрсено.

Ова не е само некоја ментална гимнастика. Во Македонија постојат јавни претпријатија во кои илјадници луѓе немаат со месеци земено плата. Штета што не мислеле и на нив кога го носеле новиот закон за здравство за сите.