Многу врева за ништо

Tags: 

Мора да признаам. Поразен(и) сме. Би, во право си. Ние намерно го бојкотиравме настанот во Холидеј ин. Ние сме крајно елитистичка организација/заедница, туку речи како секта. Ние сме искушувачи, арогантни, самобендисани, герилци, пирати. Ние настапуваме со потценување кон другите, за нас, обични смртници. Секоја почит за храброста да го изнесеш ова јавно, па луѓето да можат да дознаат со кого си имаат работа.

Се разбира, на било кој што може да собере два и два ова нема да му личи на точно и логично, но што знаат луѓето. Работите не се такви какви што се, туку какви што изгледаат.

Веќе три дена се обидувам да откријам која е тезата која сакаш да ја савиш пред сите нас за дискусија. Навистина не можам да ја најдам во сиот тој густо чукан текст. Вториов запис ти е без врска. И самата ќе си го признаеш тоа ако размислиш малку и си искрена кон себе. Без врска ти е бидејќи што и да си сакала да кажеш за CC, за настанот, за нас, за било што - тоа не е таму. Записот е за ти да не останеш неразбрана, бидејќи така се чувствуваш после реакциите од првиот запис. Записот е за тебе. Можеш колку сакаш да објаснуваш дека „ти се допаѓа што нешто размрда во однос на размислувањата за CC, слободниот софтвер и слободната култура“. Внимателниот читател ќе види дека тоа е ефтин изговор за одбрана на суетата.

Првиот запис исто така ти беше без врска. Таму исто така нема теза. Сакала ти да призаеш или не, со првиот запис заземаш страна во прашањето „Ито во Точка“ и тоа го правиш без да ги прашаш двете страни (зошто заборави да ги прашаш тие кои си одлучила да ги напаѓаш?). И откако ја заземаш страната правиш напад над луѓето од Слободен софтвер Македонија. Иако не ги пишуваш нивните имиња, јасно може да се прочита од поттекстот кон кого е насочен нападот.
Потоа, во коментарите кај тебе и на своите блогови, луѓето се бранат себе си. Тоа е тоа што луѓето го прават кога ќе бидат нападнати - се бранат. Можеби не си мислела така да ти излезе текстот, но така излегол. А тоа не е начин да се води дискусија и за тоа учевме уште во средно училиште на часовите по логика и филозофија.

Дали сум разочаран од тебе?

Да разочаран сум. Не можам да поверувам дека човек со високо образование кој е на постдипломски студии може да напише таков троловски текст, со ad hominem напад кон луѓе со кои претходно немал никави замерки.

Но, да се позабавиме малку со ова. Дали си едноставно таков човек? Значи, дали ова не е нешто што си го направила намерно кон нас, туку твоја постојана пракса? Или дали можеби си имала искрени намери кон прашњето за CC во Македонија?

Само со читање на твојот прв запис јасно се гледа одговорот на овие прашања. Одговоро е не. Бидејќи ако беше да, и ако беше ти вистински загрижена за тоа кој присуствувал, а кој не, на настанот во Холидеј ин текстот немаше да ти започнува со „Зошто не бевте присутни вие од слободен софтвер?“, ами со „Зошто не бевте присутни вие што поддржувате CC, па блоговите ви се такви, фотографиите ви се такви итн“. Значи, повторно, ова е директен напад со точен фокус и повоторно, тоа не е начин да се води дискусија. Во вториот запис ќе се обидеш да се извадиш од оваа ситуација со: „прво морам да нагласам дека јас не нападнав никого лично и воопшто не нападнав личност“. Но навистина, само неколку реда погоре ги набројуваш сите на кои се однесувал твојот прв запис, кој дефакто беше напад. Да, секогаш можеш да речеш дека си ја осудила постапка која си сметала дека не е во ред. Гледај, и јас овде не те напаѓам тебе, туку осудувам постапка која сметам дека не е во ред.

Доследноста во твојата недоследност се гледа и преку тоа што баш сега одлучи да изреагираш на прашањето за тоа кој и каде присуствувал на настани кои се за промовирање на CC. Веќе долго време не сум те видел на некое кино во Точка каде воглавно се пуштаат CC филмови. Впрочем најголем дел од проекциите ние сами себе си ги пуштаме филмовите. Каде е тука загриженоста? Каде се сите пропагаротри на CC да дојдат и да гледаат и да дадат поддршка на CC? Каде е критиката (нападот?) кон нив поради тоа што не го прават тоа?

Дали сум разочаран од тебе?

Да разочаран сум. Не можам да поверувам дека човек со високо образование кој е на постдипломски студии може да биде така лесно изманипулиран и да биде доведен во ситуација да биде гласноговорник на Метаморфозис, да им ги пере валканите алишта.

Знам, срање е кога човек ќе сфати како го изиграле и што направил, па потоа со сите напори се труди да објасни дека едно било како што изгледа, друго било како што е.

Дали сум разочаран од тебе?

Да разочаран сум. Се уште не можам да ја најдам тезата што ја поставуваш пред нас. Можеби само сакаш да знаеш е тоа дали, ако се одржуваше презентацијата на Џои во Точка, ќе присуствувавме на настанот? Ако е така, ќе ти го одговорам прашањето, иако не ми е воопшто јасно зошто пишуваш толку многу текст за да поставиш само едно прашање:

Одговорт е не знам. Не знам што мислиш под тоа „дали ќе присуствувте“, бидејќи не знам на кого се однесува. Ако ја прашуваш „Слободен софтвер Македонија“, тогаш одговорот во втора итерација е не. Слободен софтвер Македонија како правно лице, на настани организирани од други правни лица, присустува само ако добило покана. Тоа не мора да биде некоја фенси покана, иако се радуваме на такви, доволна е само една порака на службената адреса на организацијата - info_на_slobodensoftver.org.mk. Ако ја прашуваш „заедницата“, тогаш колку јас знам заедницата беше таму без разлика на тоа дали Ито ќе доаѓал во Точка или не. Колку јас знам и ти си дел од заедницата бидејќи користиш Убунту. Сепак и ова е интересно бидејќи ти ги нападна другите луѓе од заедницата кои биле таму, за нивното однесување, а луѓето поставиле сосема легитимни прашања. Ако ме прашуваш мене, тогаш можам да ти одговорам дека во тој момент имав поважни и повозбудливи работи за правење одошто да присуствувам на некој промотивен настан. И ако Ито доаѓаше во Точка, тогаш веројатно пак ќе отсуствував од Холидеј ин бидејќи ќе требаше да се подготват работите во Точка за кога човекот ќе дојдеше да предава се да биде спремно. Извини ако моето отсуство некако посебно те навредило тебе или некој друг од присутните.

Се разбира, нема да ти се допаѓаат сите реакции кои ги доби како одговор. Мудрите филозофи советуваат дека човек на нападот треба да возврати со исти мерки - мислам дека воглавно тоа го правиме. Можеш да оцениш дали и мојов текст е како твојот, или пак не е? Или пак изгледа како да е, ама не е? Или изгледа како да не е, ама е? И можеби ако мислиш дека е, а изгледа како не е, тогаш навистина е? Уф, заебано.

Значи, дали сум разочаран од тебе? Да разочаран сум. Читај: Р А З О Ч А Р А Н!

Сепак, како што вели една хакерска поговорка: човечки е да се греши, за навистина да заебеш треба да си root. Направи грешка, прифати го тоа. Ние ќе прифатиме дека си немала зла намера.

Се надевам дека и во иднина ќе ги следиш случувањата околу слободниот софтвер и слободната култура и ќе бидеш и понатаму бескомпромисна, но со повеќе аргументи и луцидност, кога ќе пишуваш.

А, ако сакаш навистина да поттикнеш корисна дискусија, секогаш можеш тоа да го направиш на некоја поштенска листа. Впрочем тие за тоа служат.