2015 ја завршувам со одговор од новото (пост-пржинско) Министерство за внатрешни работи. За мене останува нејасно како може датум да биде класифицирана информација со степен на класификација „строго доверливо“.
Но, поважно, зошто е тој датум важен?
Да се потсетиме:
Со измените на Законот за електронски комуникации во 2010 година (Службен весник на РМ бр. 83/2010) опремата за прв пат е поставена во операторите. Но, многу брзо потоа, во декември 2010 Уставниот суд на Република Македонија ги поништува членовите од законот што овозможуваат „директно, автономно и непречено“ прислушување. Поништувањето значи дека ваквиот пристап на ДБК до операторите е нелегален, а нивна обврска била да го прекинат. Ако таа одлука на Уставниот судот е почитувана, тогаш од каде снимки од 2011 година (на пример, од рушењето на „Космос“)?
Но, ова е само дел од приказната.
Со член 74/(4) од истиот закон „операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот“ за следење на комуникациите.
Значи имаме закон кој што стапил на сила на 1.7.2010 година и чии одредби за следење на комуникации се поништени на 15.12.2010 година. Тоа значи дека во рок помал од пет месеци операторите побарале, а МВР ја составило техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот, и потоа операторите успеале да набават таква опрема преку прибирање на понуди на меѓунардониот пазар, ја инсталирале и обезедиле пристап за МВР.
Барањето погоре прашува колку поточно е тој рок од помалку од 5 месеци.
Ако МВР им ја доставило спецификацијата во септември, тогаш рокот е помал. Се разбира возможно е спецификацијата МВР да ја имало спремно од претходно и да ја доставило веднаш по стапувањето на сила на законот односно по примањето на барањето од операторите. Меѓутоа тоа може отвори прашања за замаглување на границата помеѓу извршната и законодавната власт (т.е. како би можело да знае МВР кои ќе бидат намерите на законодавецот?). Понатаму, прашање е колку време е потребно за инсталирање на таква опрема. На пример, ако за тоа се потребни работи врз мрежата на операторот што траат неколку месеци, тогаш кога е завршена монтажата? Но, и со оглед на тоа дека сите оператори во Македонија се меѓународни корпорации што следат ISO стандарди и имаат правила за набавки, можат ли воопшто да набават нешто „по скратена постапка“ и ако да како? Се разбира, постои можност и оваа спецификација да била доставена уште порано, на пример во 2009 и законот само да го „покрил“ ова поврзување помеѓу операторите и МВР. И ова се само дел од прашањата.
Сите овие сценарија отвараат прашања за, во најмала рака, неетичка врска помеѓу операторите и МВР. Оваа врска треба да се истражи. И токму, ми се чини, тоа беше една од поентите на договорот од Пржино. Тоа што пост-пржинско МВР не сака да го обелодени датумот на доставување на техничката спецификација до операторите е уште еден клинец во ковчегот во кој ја пренесуваме надежта за подобро утре.
Среќни празници.