авторско право

English

Новини за реформите за авторско право во ЕУ

Tags: 

Вести како ова бавно доаѓаат до Македонија, но ете, по сѐ изгледа нешто се спрема во Брисел (како и секогаш).

Јулија Реда, европската парламентарка од Пиратската партија, која што била задолжена за извештајот за евалуација на авторското право пишува дека извештајот е усвоен со мнозинство гласови, но и со амандмани кои му задаваат удар на текстот претходно сочинет со големо учество на јавноста.

Во делот: Нема парламентарно мнозинство што го претставува мнозинството на јавноста, Реда зборува за отстапките од основниот текст кои морало да се направат за извештајот да може да биде усвоен. Мене посебно смешно ми е што и покрај желбите за најавена реформа, парламентарците не успеале да се договорат дека исклучоците од авторското право нема да бидат задолжителни за сите земји членки, а истовремено реформата се прави за зајакнување и консолидирање на единствениот дигитален пазар.

Но, амандманите кои што предизвикуваат многу посериозни проблеми се ограничувањата на „слободата за правење панорама“ и „аудио-визуелни цитати“. Второто е јасно -- цитирањето на делата што е дозволено со текст, нема да биде проширено кон аудио и визуелни дела. Во време на youtube и Flickr, ова е очигледно ограничување на креативните и критичките потенцијали на јавноста.

Слободата за правење панорама е можноста без законски пречки да се прават фотографии и видеа од дела што се на јавни места (т.е. згради, споменици и сл.). Оваа, веројатно, ќе биде ограничена, иако кампањата тоа да се спречи веќе е започната. Последната шанса да се смени овој предлог е 9 јули кога извештајот ќе оди на пленарна седница на Европскиот парламент.

Интересно е дека моментално во Македонија има целосна слобода за правење панорама, т.е. за делата што се во јавност / на јавен простор не треба да се бара дозвола од архитектите и уметниците тие да бидат снимани и фотографирани. Иако не сме дел од ЕУ, доколку биде изгласано ограничувањето, тоа речиси сигурно ќе значи промена на нашиот закон во ист правец. Практично ваква промена ќе значи дека доколку сакате да снимате снимате на пример критика за Скопје 2014, архитектот нема да ви дозволи да ги снимате зградите.

А додека го чекаме 9 јули, последно и да се забележи дека Mozilla почнува со активно учество во дебатите за политика во ЕУ. Некои од точките што се предложени во реформата за авторско право во ЕУ се пресекуваат со заложбите на нејзиниот манифест и добро е да се види дека поддршката за промени во корист на јавноста може да се шири.

Ова ќе биде интересно копирајт лето.