September 2018

Некои белешки за случки од животот

Tags: 

Блогов речиси воопшто и да не содржи текстови за лични прашања. Ќе направам исклучок сега, бидејќи на страна од личната трагедија, ми се чини дека е добро да се прибележат можните системски проблеми, и да се следи случајов, ако воопшто се добијат некакви други информации, за на крај да видиме и како ќе заврши.

Случајот за кој пишувам има две верзии, се разбира, една официјална и една неофицијална. Неофицијалната е работа во тек, т.е. семејството се обидува да дознае што сѐ и што точно се случило, преку разни формални и неформални канали – па затоа треба да се разгледува со доза на резерва. Но, и официјалната верзија отвара интересни прашања. Приказната до сега:

Еден член на моето пошироко семејство е сместен во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, или популарно нареченото болница Бардовци. Пред 10-тина дена старателот добива повик од социјалниот работник дека лицето е пренесено во градска болница „8-ми Септември“ поради скршеница на ногата.

Според официјалната верзија на настаните, за скршеницата се претпоставило кога во болницата виделе дека лицето криви, па виделе дека има голема модрица на ногата, и утврдиле дека во некој момент претходниот ден лицето се лизнало на влажен под и паднало. Докторите во „8-ми Септември“ не можат ни да потврдат, ниту да не потврдат дека станува за скршеница од пад. Не знам дали може да се дијагностицира типот на скршеницата и/или причините за нејзиното настанување. Сепак докторите од „8-ми Септември“ велат дека тоа не е единствената скршеница, туку дека на ногата има и една постара скршеница. Оттука, дури и да се земе здраво за готово приказната дека скршеницата е од пад, останува нејасно како семејството не било информирано за претходна скршеница на нога, за која, веројатно, исто така била потребна интервенција од некоја од градските болници.

Сега, неофицијалната верзија. Првото нешто што повреденото лице му го кажува на членот на семејството при посета во градската болница е дека повредата е од удар од кола. Го гледате проблемот со оваа изјава: не само што сериозно противречи на официјалната, туку со оглед на состојбата на пациентот, т.е. тоа дека е пациент на психијатриска болница, секогаш има доза скептицизам кон неговите изјави. Сепак, семејството решава да проба да најде некои други информации. Се вртат телефони, се бараат луѓе, знаете типично македонска шема. И доаѓа информација дека ноќта пред денот кога лицето било пријавено во „8-ми Септември“ на главната улицата кај психијатриската болницата, имало полиција и брза помош по пријава од локален вработен, за тело што лежи на патот.

Повторно пауза: можно е информацијата да се однесува на сосема друго лице. Сообраќајка во ноќта можеби се случила, но лицето што лежи повредено во градската болница можеби воопшто да не било учесник. Но, ваков настан јас не можев да најдам во билтените на МВР околу датумите кога се случило ова – го знаеме датумот на прием во „8-ми Септември“. Од друга страна, до онаа мера до која што информациите добиени преку луѓе може да се сметаат за веродостојни, се поставува прашањето дали сите посериозни настани треба да се објават во дневен билтен на МВР или ако не, по кој критериум се одлучува за објавување на настани.

Оттука, ако не станува збор за два посебни настани, од кои едниот сепак не е премногу јавен, и меѓу кои, по игра на голема случајност на исто време и место, и при ограничени информаци, може да се заматат границите, и под претпоставка дека информацијата добиена од луѓе е веродостојна, тогаш лицето:

  1. во текот на ноќта било излезено од психијатриската болница,
  2. било удрено од возило,
  3. случајот бил пријавен во МВР после некое време од случаен човек што го видел телото што лежи на улица,
  4. полиција и брза помош дошле, веројатно пружиле прва помош, и го вратиле назад во психијатриската болница,
  5. во психијатриската болница се чекал следниот ден за повредата да се пријави во „8-ми септември“,

Оваа верзија – неофицијалната - содржи многу „ако“ и многу претпоставки. Ако (повторно ако) некако излезе дека е вистинита, тогаш ќе открие координација помеѓу неколку државни служби - психијатриската болница, брзата помош, градската болница и МВР, со цел официјалната приказна да биде бенигна – лизгање на влажен под, и ќе постави повеќе прашања почнувајќи од тоа како и зошто на пациенти од психијатриска болница им е дозволено да се шетаат во ноќта надвор од собата, зградата, па и дворот на болницата, па сѐ до кој е возачот што ја причинил повредата и дали се трага по него. Морам да признаам дека дури и мене неофицијалната приказна ми се чини неверојатна. Некој да ми го раскажува ова, веројантно неколку пати ќе возвратам со „нема шанси“.

Но, освен ако луѓето по кои семејството се распрашува за информации се лажговци (или нешто полошо), тогаш колку и да е неверојатна, можеби е вистина. Сега семејството чека официјални информации од разните инспекциски и други државни служби со различни надлежности од кои побарува информации. Дали тоа ќе даде одговори што ќе донесат разјаснување на ситуацијата останува да видиме.