НМП е НМП, а што сте вие?

Од: Новица Наков, nnovica_лудо-а_gmail.com, airborne
До: НМП, kontakt_лудо-а_nmp.com.mk, nmp.com.mk
Датум: Март, 2006 година

Дали мудрите јарци станале мудри бидејќи паселе некаква мудра трева? Или дали можеби завршиле факултет? Овие и уште две-три прашања остануваат неодоговрени, но НМП даде одговор на 13 други прашања и притоа сигурно отвори уште 130 други.

Во очекување на нивната изложба која од 8 до 15 април оваа година ќе се одржи во Младинскиот културен центар, кога за прв пат ќе бидат достапни пред пошироката (не-Интернет) јавност во Македонија, дискутираме за некои важни и неважни работи кои откриваат (за) што се работи во НМП.

Овде уште мојата благодарност за тоа што НМП се нафати да го истера овој разговор (иако знам со сигурност деќа до максимум ќе го искористат за сопствена промоција :)). И да почнеме!

НН: Пред некој ден ми стигна Jabber порака од еден другар. Ме прашува што е НМП (ја видел врската кај мене на блог, па претпоставил дека знам)? Го разгледувал, а не можел да сфати што е поентата (и дали воопшто има поента). Па, за почеток, што е НМП?

НМП: Исконскиот начин на размислување бара други објекти за да може субјектот да се дефинира, и по таа логика би било бесмислено на „Што е Скопје?“ да се каже „Скопје е Скопје“. Бесмислено, но не и неточно. Затоа кога ќе се постави прашањето „Што е НМП?“, за да се избегне подбивливиот поглед на маалските богови, би требало да се имаат некои модалитети на одговори, како на пр. „НМП е официјално координативно тело во потрагата по Мудрите Јарци“. И нормално, ако НМП се сведе само на тоа, настанува забуна. Исто така валидни дефиниции се „НМП е колектив генетичари на популарната култура“, „НМП е колективна халуцинација“, и „НМП е движење кон ѕид без ниедна кочница на тркалата“ (како и низа други дефиниции достапни во Манифестот).

Сепак, „НМП е НМП“ е најсеопфатен одговор од сите. Во три мантра букви се вклучени сите можни норми на името, сите занесеници на колективот, сите маани на Допелгангер, и без резерва, вечната глад по знаци и знаковни форми за заб-назабување на Скопје и околината.

НН: Искрено очекував ваков одговор. Ако НМП е НМП дали публиката, сурферите, може да ви дадат сопствено име, на пример НМП за Ниска мала плавуша, Нова македонска палавштина или Независни млади парталковци? И колку би било точно едно такво ословување?

НМП: Секако дека дигиталните набљудувачи можат го обликуваат НМП – како огледало од пластелин, а по својот лик. Безмилосно слободното толкување е не само пожелно туку и нужно за НМП да заживее. Ако Лицето Х гледа во еден единствен збор одново и наново секој ден по ден во текот на неговиот живот и секогаш тој збор го има истото значење, тогаш и Лицето Х и неговиот јазик се само духови/сенки/привиди – дури и прописните лешеви се премногу мускулести за нив. Слично, ако Лицето Х гледа во име од три убави букви како Н, М и П, и не види наеднаш десетина различни комбинации што би можеле да стојат зад него, тогаш оганот на Лицето Х се пеплосал во сив лебед. Притоа, точноста на секое ново толкување никогаш не е доведена под прашалник, затоа што огледалото никогаш не лаже, дури ни кога се распаѓа во дигиталната мрежа.

Уште еден очекуван одговор, сигурно, но одговорите од НМП се воопшто логични и предвидливи како и одраз во езеро. Сега, ако доволно гледате документарци, знаете дека под водата пливаат секакви суштества, а ако уште верувате и во диносаурси, можеби токму додека гледате во водата ќе ве проголта некој мрсен плесиосаур, а тоа е во најмала рака, забавно.

НН: Колку долго постоите и дали мислите дека сте направиле некаков значаен или корисен придонес во било што во .mk просторот? Дали сте на пат да изградите некаква заедница околу НМП?

НМП: НМП се појавува како идентитет во јануари 2002, а неговата прва пројава од сенка е Визија бр. 12, објавен на 10 април истата година. Од тогаш до ден денес трае првата оазеста фаза на НМП т.е. нафрлањето на парчиња месо и мускули врз нашиот прекрасен и зглобникав ендоскелетон. Две најзначајни нешта во оваа фаза се, прво, токмење на главната веб страна (главната? да, има и други страни со нашиот симпатично грд печат) и, второ, збогатување на колективната антисвест. Со првото сме горе-долу успешни – иако многумина тоа не го сфаќаат, од 8 април 2005 наваму, Мудрите Јарци поминале поприлично пат низ вебпросторот и блогосферата, дури и во оваа недовршена форма на целата хистерија.

За второто, колективниот поход е примен со верижниот ентузијазам на еден џиновски Микроби комбинат и легендарната креативност на фармата швајцарски банкари во Куала Лумпур. Вистинскиот печат на овој напалм може уште сега да се насети во воздухот. Различните единици на НМП разнесуваат знаци по реално и виртуелно Скопје со речиси зависничка страст, а нивните прсти се замотани во серија најразлични уметнички и едукативни проекти. Точката на обединување на сите овие различни насоки во една голема сноп стоп стрелка е овој 8-ми април, а со тоа воедно почнува и втората, нешто повалкана фаза на НМП.

НН: Споманвте „реално Скопје“. Дали тоа значи дека НМП постои и функционира надвор од Ннтернет, низ град, на некои други места? Како?

НМП: Покрај дигиталниот израз, неопходен е и допирливиот за целосно поимање на НМП походот. Прво, самиот НМП колектив како организам во зачеток постои извесно време пред Интернет капислата по која во моментов нé препознаваат. Второ, последицата на она што се развива меѓу нас, тој куп од нечесно среќни тетиви и лигаменти што бестрашно нè поврзуваат во едно големо уметничко дело, мора да биде во рамките на вистинско Скопје, меѓу лицата што не се моментално закачени за кабел – инаку сме направиле само дигитални бубрези. Значи, како што НМП онлајн се доближува кон комплетирање на различните сегменти (Журнал пред сé), така и колективниот нос сé почесто ќе се забележува по маалските ќошиња, раскрсници, билборди и подруми. 2006 покрај нови парчиња улична уметност (НМП веќе имаше неколку квази-легендарни слики лани) ја носи и првата НМП изложба од 8-15 април во галеријата на МКЦ, пар појавувања во нешто поприземни средини, како и разиграна низа на разјарени проекти во соработка со блиски органски системи. Двојник на сите тие ангажмани секако ќе има и онлајн, но само игла од цврста материја боде месо.

НН: И за да го завршиме овој воведничарски сноп на прашања: Дали можам да му се приклучам на НМП? Како да го сторам тоа? Има ли некаков протокол според кој нови луѓе му се приклучуваат на НМП?

НМП: Секој што сака да се му приклучи на НМП со готови визуелни и текстуални парчиња или пак со атомско јадро од волја за заведување и создавање, може да му се приклучи на НМП во било кое време. Првиот не-чекор-туку-трк е писмо до нашата мејл адреса kontakt_лудо-а_nmp.com.mk со стандардни лични податоци од типот име/презиме и телефон, и објаснување на можната соработка со НМП. Следно нешто по нашиот повик назад (по мејл или телефон, обично за помалку од 48 часа) е средба и директно разгледување на соработката, барање на зајакот, блаворот и се друго што може да се скрие под капа. Главното тука е тоа дека НМП се дефинира преку соработката: секој што сака да донесе нешто ново на масата е на исто рамниште со сите други, и натамошниот развој на настаните и проектите зависи единствено од личната волја/сила. НМП како помалку налудникав одраз може само да ги поддржи експлозивните гигаизливи на слики, знаци и нови ѓаволести идентитети. На крај на краишта, како што Мудрите Јарци мора да се најдат, така и знаците едноставно мора да се множат.

НН: Во манифестот велите: „Сè е рекламна кампања“. Што точно вие правите во/со НМП? Правите рекламни кампањи? Ги демистифицирате оние кои некако ни се мушнале во секојдневието? Или што?

НМП: Демистификација во ова време и на овие простори е залудно трошење на време. Она што на нас очајно ни треба е мистификација, наоѓање на тазе вредности како во она што веќе постои, така и во она што допрва треба да го создадеме и обликуваме. Најпожелен, најприроден начин за обликување на новите мистици и урбани митови/легенди, е гласот на рекламата, така познат и заводлив како нежен допир во коренот на вратот или светски куп во рацете на омилената репрезентација.

Дали целата таа мистификација може да се сведе на една голема лага? Можеби, но во најлош случај, лага со димензиите на еден Крале Марко, снагата, волјата и боздоганот на цела генерација суперборци. И најпознатите денешни академици (види Делез и Гуатари) се сложуваат дека рекламата ги има направено старите филозофии и социологии непотребни, барем што се однесува до создавањето на нови поими и митови. Заради ваквата ситуација, многу мислители кон рекламата се однесуваат како кон копиле, но тие не се во право. Рекламата не се обидува да ги замени старите мудрости, таа Е старата мудрост, извадена од правливите книги и пренесена до секој со здрави сетила. Впрочем, тоа е познато уште од времето на Прлигор Вилег од кога потекнува и познатиот израз - „Филозофите досега само ги толкуваа рекламите. Работата е тие да се пресоздадат“. Истите тие брадести луѓе, да беа сега живи и здрави, ќе ви кажеа дека работничкото кршење на машините, иако можеби суперморално, е тотален невкус во дијалектичкиот валцер. Со знаење и вештина, со работнички ракавици на дланките, рекламата може да се претвори во експлозија на мудроста.

Во последниве години, сé повеќе луѓе го сфаќаат тоа и бројот на пародии што можете да го сретнете онлајн е навестување за ова „будење“. Но, пародиите не се вистинскиот цвет на рекламата, тие се само мала алтернатива, или подобро речено, увертира. Рекламата што стои сама по себе како слика, скулптура или книга, како еден збир на брилијантни знаци е нешто во кое НМП допрва ќе се заложи.

НН: Колку НМП е свесен за брендовите? Дали мислите дека брендовите, логоата, слоганите играат битна улога во нашето општество или на „нашиот“ Интернет? Дали НМП гради свој бренд?

НМП: Брендовите се идеални знаци. Тие дишат и се размножуваат како живи суштества, и секоја нивна искра на живот е уметничко дело само по себе. Не нé интересира дали брендот потекнува од фирмичка во Дебар Маало или некое катранесто чудовиште во Атланта. Сите играат по истите правила во истиот простор и она што се бара е длабочина. Колку подлабока, посуштинска е сликата, новото уметничко дело, толку попримамлив е мирисот на самата размена и оддржување не само на брендот, туку и на самото секојдневие. Сега, некој ќе каже дека чкарт патиките од пазар или бугарските сокови и не се некој бренд, па ги купуваме оти се ефтини. Тоа секако е само бајка тралалајка. Одлепете ги налепниците на вашите омилени производи, откорнете им ги лицата, и обидете се да го скриете срамот по извршениот злостор. Во таа насока може да се заклучи дека ако НМП не гради свој бренд, НМП е само збир на вечно засрамени самоубијци (да не кажеме идиоти).

НН: Дали НМП некогаш би се комерцијализирал? Би работеле за пари, би отвориле студио за дизајн? Дали брендот на НМП се продава?

НМП: (гласна смеа) НМП е веќе искомерцијализиран до коска, зарем не се забележува?

Ако си играме независни патриоти или идеалисти, де факто би поддржувале општество на размена врз база на убави очи, а сите знаеме дека тоа е една сосема наивна позиција. Од спротива, она општество во кое сé се продава јасно и гласно, во кое се наоѓа и истакнува убавината на размената, е по закон здраво и имуно на корупција. Зошто инаку би имале страница за Кампањи, и како поинаку да се објасни фактот дека еден таков меѓународно афирмиран бренд како Аминта целосно ќе ја финансира претстоечката изложба? Всушност, НМП е веќе во таква финансиска положба што може да си избира спонзори, за што ќе ви посведочи и комплексот на ПТТ занаетичиски работилници во близина на кејот, кои за жал, нашиот борд мораше да ги одбие – едноставно беа премали за нас. Да скратиме, НМП брендот е веќе продаден од нокт на мал прст до последно влакно коса инаку не би го ни воделе ова интервју.

НН: Што мислите за другите уметнички/креативни активности на младите луѓе во нашата држава (Погон, Електролит)? Дали се добри, квалитетни? Ни требаат ли такви работи?

НМП: Погон, Електролит), ComeClean, ТајфаАрт и Макдевијантите како уметнички дувла, Плагиј.ат, Агол и ново-зачнатиот Артист како видовити поддржувачи се само некои од повидните лица наоколу. Наречете ги перјаници, маалски богови, мудри јарци, сеедно, тоа е едно фино наелектризирано струење на луѓе што го тркала воденичкиот камен во шеста брзина, па и кога семафорот свети црвено. Треба човек да е ѓубре од скептик да им негира нешто – до толку се шармантни во својот занес, што ја редефинираат целата книга на маалски желби и потреби. Утре ќе ни требаат повеќе и од леб, го знаете тоа, нели?

НН: Како се поврзувате со технологијата? Колку е таа значајна за вашиот израз на Интернет? Дали мислите дека некои понови форми на комуникација (rss, blogs) се важни/корисни? Дали ги користите?

НМП: Подобро прашање е: како технологијата се поврзува со нас? Апаратчињата и кодовите се развиваат со толкава брзина, што без разлика на тоа дали пратиш што се случува или не, таа ти го шиба кабелот вдолж ’рбетниот столб и ни „здраво“ не ти вика. Тој што чувствува гадење спрема целиот модел на техно-човек ќе си легне на земја и ќе издивне, како Индијанец без пушка. За другите, оние оптимистички расположените, иднината е романтичен борг. Сега, колку постарите и поновите технологии се навистина важни и корисни, зависи од корисниците, а единствено таа змија, времето, ќе каже. Постојат добри и лоши блогери, и колку се едните аргумент за ослободителната моќ на интернетот, толку се другите аргумент дека „тоа компљукторот е дело на ѓаволот“. Во секој случај, блогерајата заврши голема работа во ширење на зборот за НМП, а денес неколку НМП појави имаат по некој блог во општествениот влог (повидни: Етна, Таа, Еокс, Зглобникот). Тоа би требало да кажува нешто.

НН: Што мислите за (не толку?) популарните нови пробиви во технологијата, но и општеството: copyright vs. copyleft, free/libre and open source software? Под каква лиценца се да се достапни делата на НМП? Дали користите FLOSS алатки во вашата работа?

НМП: НМП е група занаетчии-сурфери со широко ококорени очи за збиднувањата во белосветските бранувања, со (очигледна) желба и надеж да ги фатат добрите далги, а да не бидат преклопени од нивните лоши двојници. Мора да кажеме дека сеуште навистина ни се потребни дигитални шамани за најцелосно да ги (с)фатиме овие струења. НМП, сепак, може да се пофали дека веќе долго време е присутен како двотретинско мнозинство во координацијата на Слободната енциклопедија. Во иднина, да сме живи и здрави (и со повеќе време), би сакале да направиме нешто повеќе од тапкање по рамо на македонските FLOSS занесеници, a и тие, да бидат живи и здрави (и со повеќе време) би можеле да нé подучат на нешто повеќе од обично користење на Mozilla Firefox и закачки на нашиот php сервер. Што се однесува до вечната битка меѓу фотокопирската левица и десница, НМП вели дека „сите права на сајтот се воздржани”.

НН: Дали има девојки во НМП? Дали нивниот придонес е значаен? Колку блиску се девојките во Македонија до дигиталното, Интернет, технологиите воопшто? Имаат ли тука некаква улога машко-женските односи?

НМП: Според Фројд, за сé имаат улога машко-женските односи. НМП на тоа одговара со Салома/Јудита, но и со прашањето: а зошто никој ни за момент не се посомнева во сексуалноста на Мудрите Јарци? Знакот/сликата го има оној пол што окото ќе и го даде на неа. Сугестијата е бог, а оние што веруваат во него, гледаат старец со брада, нели?

Да, се чини дека девојките, општо земено, се помалку заинтересирани за дигиталното, но дури и тоа да е вистина, НМП и гореспомнатите уметнички дувла се еден голем исклучок. Камчињата на симболизмот се бестежински во етерот.

НН: Рековте дека на моите прашања во овој разговор одговараат Ивица, Цобе и Невидливиот човек. Кој е невидливиот човек? Колку еден човек може да биде невидлив во ова доба на Интернет, масовни комуникации и технологии кои оставаат траги? Дали креирањето на содржина на Интернет придонесува кон невидливоста - отсуство на афирмација во реалниот свет?

НМП: Човек може да биде прилично невидлив, ако навистина посака такво нешто. Всушност, колку пооспосебени се технологиите во откривање на идентитетот (или низата идентитети), толку поневидлив е вистинскиот човек, оној што се крие зад сите генерички информации (име, пол возраст, сметка во Швајцарија). Невидливоста потоа создава слобода за искажување не само на неискажаните нешта, туку и на оние неименливите, оние заради кои човек се јавува во повеќе „јас“ форми. Како ќе откриете кој е Невидливиот Човек ако не ви кажеме сега? Ќе го побарате низ различните архиви по мрежата, конференциите на НМП, состаноците на Макдевијантите и слично, и едноставно нема да најдете ништо за него освен оние активности што вистински ни значат нам. А да, и по пат ќе имате околу 100-ина вистински имиња (машки и женски) повеќе и помалку афирмирани во вистинскиот свет, од кое едно сигурно припаѓа нему или нејзе – супер, случајот е решен. Впрочем, ѕирнете го Бенкси, тој е сам по себе одговор на прашањето. Иако неговата локална популарност е стекната со егзибиции во вистинскиот свет, неговата глобална популарност и невидливост е возможна заради Мрежата.

Сличен случај на многу помала скала имаме и со Невидливиот Човек, но и со Простум и други лица што претставуваат дела лишени од авторско его. И конечно, што се однесува до муабетот „афирмација во реалниот свет“, како што претходно навестивме, неопходна е паралелна презентација во крв и месо за да се добие вистинскиот ефект на делото. Тоа не мора да биде старозаветна изложба како онаа што ќе ја изведеме во април – тоа може да се оствари со продавање/доделување оргинални принтови, маици и слични џиџи-миџи преку самиот сајт. Во секој случај, неопходен е оној физички контакт за да се обезбеди трајност на искуството (да не зборуваме за финансиската издржливост на авторскиот занес). Впрочем, колку и да е закон интернетот во размножување на знаци, тој не е ниту почеток ниту крај на самото дело.


Copyleft: Овој текст е достапен под GNU GPL верзија 2. Ако не сакате да ја читате долгата лиценца, можете да го видите едноставниот Creative Commons Deed за GNU GPL 2.0. Ако сеуште не ви е јасно, можете да прашате на е-пошта (видете горе).

Текстов е прв пат објавен на 25.03.2006 на http://www.softver.org.mk/novica-files/razgovor/nmp.html. Сега живее на http://novica.softver.org.mk/sites/default/files/nmp.html.